Се разбира дека со насловот не прејудицирам никаков финален исход на изборите во САД. Каде изборот помеѓу Камала Харис и Доналд Трамп е речиси апсолутно детерминиран од социо-економските интереси на гласачите. Кои, за разлика од нас, гајле си немаат за последиците на нивниот избор по нашите судбини, па дури ни оние на Блискиот Исток. Победата на Трамп на Балканите, поточно неговиот трет консекутивен мандат во нашиот регион, е затоа симптоматично сличен со искуствата на овој регион со двете светски војни помеѓу кои во реалноста никогаш немало мир. Па така, политиката на Трамп е де факто континуитет уште од времето на „мудриот и фин” Барак Обама, но со кратка пауза на Бајден-Блинкен шарм офанзиви и Стејт Департмент шминки во форма на неделни аларми на Анџела Агелер за црни листи и плачења за „ви дадовме милијарда!”. Без да каже кому точно.
Чекор поблиску до пеколот
Парадоксот на оваа убедлива победа на Трамп на Балканите е во тоа што таа е обезбедена од Демократите (whatever that means) и Вол Стрит-либералите со нивните „добри намери” кои нѐ донесоа чекор поблиску до пеколот. Оној, трамповскиот, за кој ваквите „добронамерници” почнаа да нѐ предупредуваат во пет секунди до полноќ и водени од потребата низ чат-пат изјави да си ги покријат задниците и одговорноста – доколку Трамп победи и го спроведе она за што администрацијата на Трамп не стори ништо за да се спречи.
Дури, во одредени аспекти, фините анти-Трамповци крај Потомак напати се покажаа и докажаа како далеку поарогантни, попрепотентни и потрампистички настроени дури и од самиот Доналд. Да ги наредиме? Трејси Ен со Муковски. Крис Хил со Вучиќ и Вулин. Ескобар со неговиот „алтернативни партнери”. Џеф Ховениер со неговите вулгарности. Шолак и Палмер со нивните експерименти. Рајзингер со „тенковите на Ѓукановиќ”. Со лекомисленоста на Агелер која сега сите ја плаќаме. Накусо, по што тоа оваа администрација на Тони Блинкен се разликуваше на Балканите од онаа на Трамп? Правилната оценка за улогата на оваа гарнитура и оваа дипломатија на Балканите е можеби емотивно, но сепак содржајно дадена од Балша Кнежевиќ (во однос на Амбасадата на САД во Подгорица) како „сублимат на дволичност во најодвратна форма”.
Веќе никој не се обидува да ја анализира или објасни надворешната политика на Бајден-Блинкен кон Балканот. Доколку воопшто ја имало, во стратешка смисла. Гледам, од такво млатење слама веќе имаат кренато раце и вашингтонските инсајдери. Најдобар пример за тоталната забеганост на Вашингтон кон Балканите е ставот на Крис Хил, кој на опонентите на литиумот и Рио Тинто им импутира „проруски мотиви”, а во тоа е терциран и од службен Берлин. А притоа, внимавајте и верувале или не, самиот Рио Тинто е во мнозинска сопственост на Кина, со 14% удел. Не на онаа капиталистико-демократска Кина од Тајван, туку баш на онаа Црвена Кина за која живо и диво американско ем германско ни ги дупнаа ушите да се пазиме и како од ѓавол бегаме! Токму во духот на старата „прави што ти велам, не прави како што правам”.
Апгрејд за нивните индустрии и даунгрејд за нашето достоинство
Пред цели десет години напишав дека сликата од Бил Клинтон и Вацлав Хавел во џез џем-сешн во Прага веќе нема да се повтори. Никогаш веќе американските дипломати нема да тријат рамена со интелектуалните авангарди, колку и да се обидуваше Блинкен да го копира Бил со дрндање по гитара во Киев и завивање „терај рокенрол во слободен свет, Yeah!”. Балканската интелектуала одамна разбра дека е презрена, исмеана како шугаво куче, шутната од американската дипломатија која преферира ликови како Рама, Вучиќ, Харадинај, Вулин, Муковски, Заев. Со еден збор, САД, ЕУ и Германија преферираат утилитарност како апгрејд за нивните индустрии и даунгрејд за нашето достоинство, или што и да е останато од тој феномен во замирање.
Затоа, колку и да звучи скандалозно, администрациите Обама-Трамп-Бајден, подеднакво како и канцелариите Меркел-Шолц со право нѐ предупредуваат и алармираат на опасноста од истокот по нашите физички битија. Но глоговиот колец во нашите духови дојде – и сѐ повеќе надира – од Вашингтон и Берлин преку нивните утилитарни импланти кои ги нарекуваме државни раководства.
Мицкоски е втора виолина
Таа манифестација на утилитарноста е денеска на увид во нашите дневно-домашни политики. Како што е укинувањето на балансерот и исплонувањето на ветувањето на Христијан Мицкоски дека ќе им го покаже местото на Албанците и ќе им ја врати македонштината на Македонците во најгорда форма. Форма. Формат. Кој наликува на Сања Божиновска и неговите министри кои се консултираат со адвокатите кој е нивниот национален идентитет за време на работната недела и пред камери. Тоа е единствената смисла на Балансерот. Да, лицемерната капитулација пред Грција и Бугарија се компензира преку бркање Албанци и номинирање теоретски горди Македонци со фактички бугарска самосвест. И тоа е сѐ што Мицкоски може да испорача – бркање на Албанци од работа и требење Македонци од македонството. Со екстатичен аплауз на Македонците.
Ќе повторам, колку и да се обидува да го имитира Вучиќ, вклучително и преку копирање на „Јоги, сине мој, сине мој” патетиката на Вучиќ во бранење на Андреј од злите напади, Мицкоски е сепак втора виолина во нашата политика. Зарем заборавивме дека почетокот на неговото воздигнување кон Илинденска не почна од клечењето на Илинденска и во Мала Речица, туку од тајните средби на олигарсите на периферијата на Скопје? На кои, колку што ме служи паметта и информираат кулоарите, не се зборувало за „гордоста на Македонците”, туку за стравот од појавата на албанска олигархија. А на таа средба, Мицкоски не бил поканет. Дури ни Николоски Александар. Што е нормално. Попрво би очекувал на такви средби да се уважени да бидат поканети бардовите на Живаљевиќ отколку некакви ефемерни изведувачи на работи и дадени задачи.
Очекувана е, затоа, сегашната деволуција на Мицкоски во односот кон Бугарија од препотентен к.рч, кон плачење и веќе најавеното мољакање за да биде барем спомнат од некој - кој било, нека е и Каракачанов, дај што ќе дадеш - во Софија како аргумент дека сѐ уште „се бори и ја брани Македонија”. На Мицкоски очајно, егзистенцијално му се потребни јавни манифестации и изјави контра Македонија, од која било страна. Молкот од Атина (по воспитната на Мицотакис за вистинското лице на Мицкоски на самитот на НАТО) е сега модус операнди преземен и од официјална Софија, низ куси, суви, студени изјави на демант. И што покуси и постерилни изјавите од Атина, Скопје, Тирана, толку понервозни и кавгаџиски се позирањата на Мицкоски.
Двотактниот однос на патриотизам и бизнис помеѓу Софија и Скопје
Но во оваа пародија на грчко-македонскиот спор, и самата Софија ја има сопствената доза на лицемерие врз глава. Бидејќи, настрана сите протоколи и „јавности”, соседна Бугарија може ефективно и лесно да стави крај на спорот со Северна Македонија. Сѐ што треба е тамошните надлежни органи да преземат мерки кон буљукот фирми, бизниси и шверцови на патриотските министри во Кабинетот Мицкоски. Што значи, да ги стресе паричниците на барем половина министри од ВМРО и не помалку „опозиционери” од СДСМ. Се разбира, никој кој ги познава реал-политиките на Балканите не очекува дека Софија би презела таков чекор - во полза на државното и национално достоинство на Бугарија и Бугарите. И со тоа, се отвора една друга димензија во позадината на „спорот” помеѓу двете држави, двата народа во кој има сѐ, но најмалку идентитет и историја. Димензија која сѐ повеќе се увидува – и препознава - од страна на западните фактори, од двете страни на Атлантикот.
Велам препознава, бидејќи двотактниот однос на патриотизам и бизнис помеѓу Софија и Скопје сѐ повеќе наликува на déjà vu на односот на Белград кон Србите во Косово, или на Тирана кон Албанците во Северна Македонија, со речиси идентична фасцикла на „патриотски грабеж”. Би било интересно да се дознае со колку искрено самосвесни Бугари во оваа земја софиската политичка елита има благонадежни бизнис партнерства, во споредба со сезонските де бугарофили, де македонисти? Стравувам дека соодносот по тоа прашање е во полза на Македонците со „адвокатски идентитети”. Следно, слично на горе опишаните примери, т.е. дека и Бојко Борисов, слично на Вучиќ и Рама, повеќе љуби да соработува со двотактни Македонци отколку со едноклеточни Бугари во Македонија. Сепак, не случајно станува збор за синовите близнаци на Меркел и Ердоган на Балканите.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.