1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Протести во Србија против ископувањето литиум

ЕМФ | агенции
30 јули 2024

Во повеќе српски градови вчера илјадници луѓе излегоа на протести против ископувањето литиум.

https://p.dw.com/p/4it3S
Србија протести против ископување литиум
Фотографија: VLADIMIR ZIVOJINOVIC/AFP/Getty Images

Во неколку српски градови вчера (29.07) илјадници луѓе демонстрираа против обновувањето на ископувањето на литиум во рудникот кој две години беше затворен по масовни протести. Извикувајќи „Рио Тинто оди си“, луѓето маршираа низ улиците на Аранѓеловац, Шабац, Краљево и Љиг.

Активистката Љиљана Браловиќ во Љиг потсети дека на српската влада ѝ е даден рок до 10 август за законска забрана на ископувањето литиум и дека доколку тоа не се исполни, активистите ќе тргнат „во радикализација на протестите“. Таа наведе дека ископувањето не е билет за влез во ЕУ, зашто „никој не сака во нивниот сојуз да има држави со валкани технологии, огромно загадување, каде што владее голема корупција“.

Србија има големи наоѓалишта на литиум во близина на градот Лозница. Таму се развива рударски проект од страна на англо-австралиската компанија Рио Тинто, кој во последните години постојано предизвикува политички спорови. Резервите на литиум беа откриени во 2004 година. Ископувањето, по повеќенеделни протести, беше прекинато во 2022 година.

Србија протести против ископувањето литиум
Проектот наидува на голем отпор кај Србите, кои стравуваат од негативни влијанија врз животната средина и здравјето (протести во Лозница на крајот на јуни 2024 година)Фотографија: VLADIMIR ZIVOJINOVIC/AFP via Getty Images

Сега проектот во Лозница е во центарот на договорот потпишан од страна на ЕУ и Србија овој месец. Во него, двете страни се согласија да соработуваат во ископувањето и користењето на литиумот, кој се смета за клучен во процесот на транзиција на Европа кон зелена економија. Сепак, проектот наидува на голем отпор кај Србите, кои стравуваат од негативни влијанија врз животната средина и здравјето.

Литиумот е потребен за производство на батерии и станува сè поважен поради префрлањето кон користење електромобили, особено за германската автомобилска индустрија. Меѓутоа, ископувањето често е придружено со големи штети за животната средина.