По серијата инциденти - собранискиот спикер на тест
2 септември 2024Интерпелацијата за претседателот на Собранието, Африм Гаши е на дневен ред на собраниска седница којашто ќе се одржи во вторник, 3 септември. Опозициската СДСМ се произнесе дека ќе ја поддржи интерпелацијата поднесена од партијата Левица, додека премиерот Христијан Мицкоски оцени дека станува збор за „глупава и незрела идеја“.
Низа скандали - одговорност нема
СДСМ смета дека Гаши треба да понесе одговорност по низата скандали поврзани со неговото име коишто се случија во изминатите два месеци.
„Имаше скандалозен инцидент на аеродромот во Скопје во кој меѓу другото обезбедувањето на Гаши нападна полицаец, се закануваше со пиштол и ги прекрши правилата и законите. Во својот извештај, Министерството за внатрешни работи констатираше дека обезбедувањето било незаконски испратено на аеродромот, со што одговорноста директно ја насочи токму кон Гаши кој ја дал наредбата на обезбедувањето“, велат од партијата.
Социјалдемократите ќе ја поддржат интерпелацијата за Гаши и по скандалот со службено возило на свадба, како и минувањето на границата со Косово на сватовите на Гаши со приватни возила и без никаква контрола.
Политичка одговорност
Тие сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ и нивниот лидер и актуелен премиер Христијан Мицкоски требало да бидат првите што ќе побараатодговорност од Гаши.
„Мицкоски ветуваше дека ниту еден политичар нема да биде поштеден од политичка одговорност доколку се докаже дека работел спротивно на правилата и законите, а сега ревносно го брани Гаши после сите скандали. Политичката одговорност мора да има и затоа пратениците на СДСМ ќе гласаат за интерпелацијата“, велат од партијата.
Ваквиот став претходно го соопшти и лидерот на партијата Венко Филипче.
„Мојот личен став е дека интерпелацијата за собранискиот спикер треба да се поддржи поради тоа што се направија премногу престапи и ние бевме тие кои ја запознаа јавноста за тие работи. Не само ние, институции излегоа и го констатираа прекршувањето на одредени правила на однесување на функционерите“, изјави тој.
Незрело однесување
Премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања во Скопје рече дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“, нема да го поддржат предлогот за интерпелација. Тој оцени дека станува збор за „незрело, глупаво однесување на коалицијата СДСМ, ДУИ и Левица“.
На брифинг со новинарите, Гаши пред неколку дена рече дека интерпелацијата за него не е политички издржана, но дека ќе ја почитува одлуката на мнозинството.
„Мене ми е мило што ќе се расправа и ќе и се објаснат на јавноста наводите што се поднесени во таа интерпелација. Се што е во рамки на Деловникот и во рамки на демократичноста во Собранието, го почитувам, било тоа да се однесува на институцијата претседател на Собранието или на кого било. Ќе бидеме отворени кон секоја иницијатива, ќе го почитуваме Деловникот и се надевам дека на 3 септември ќе има соочување на аргументи и потоа пленумот ќе одлучи. Како ќе одлучат тие, така ќе постапиме. Верувам дека мнозинството ќе ја донесе најправедната одлука. Таа каква и да биде, ќе ја почитувам“, рече Гаши на првиот брифинг со новинарите, во пресрет на интерпелацијата.
Интерпелацијата за Гаши беше поднесена по инцидентот со косовската претседателка Вјоса Османи на Меѓународниот аеродром Скопје којшто се случи на 1 август, а во којшто беше инволвиран и член на обезбедувањето на собранискиот спикер.
Таа е заснована е на седум точки, образложени на десет страници. Првите две точки се однесуваат на повреда на секуларноста на државата со групната молитва во Собранието што ја направил Гаши и повреда на дипломатските правила за обезбедување ВИП-личности со инцидентот на Скопскиот аеродром.