По размената на удари: Иран и Пакистан сакаат деескалација
19 јануари 2024Пакистан испука ракети врз иранска територија, посебно во пограничниот град Сараван, откако Иран два дена претходно ракетираше позиции на една милиција на пакистанска територија.
Пакистанскиот министер за надворешни работи во четвртокот зборуваше за „целни воени прецизни удари против засолништа на терористи во иранските провинции Систан и Белучистан“ во јужниот дел од соседната земја. Притоа биле убиени повеќе „терористи“. Иранските медиуми јавија за девет загинати лица.
Нападот врз пакистанска територија, кој следеше пред ударот на Пакистан, не е единствена воена акција против соседна земја која ја изврши Иран во изминатите денови. Во вторникот тој изврши напади и врз цели во Ирак и во Сирија.
Експерти: Нападите служат за смирување на сонародниците
Нападите се поврзани со извршениот атентат на почетокот на јануари во градот Керман во близина на гробницата на поранешниот командант на Револуционерната гарда, убиен во 2020 година од страна на САД, вели политикологот Сара Базобанди од Германскиот институт за глобални студии во интервју за ДВ. Тогаш беа убиени стотина луѓе, а одговорноста ја презеде терористичката организација Исламска држава.
„Владата и безбедносните служби досега речиси не се изјаснија за овој атентат, не можат да објаснат зошто не можеле да го спречат“, вели Базобанди.
Голем шок кај приврзаниците на режимот предизвика и ликвидацијата од страна на Израел на генералот на Револуционерната гарда, Сајед Рази Мусави на крајот на декември во Сирија, вели експертката. Со ударите врз цели надвор од границата сега режимот сака да разбуди впечаток за сопствена сила. „Во тоа се вклопува тврдењето дека во Сирија е убиен курдски бизнисмен, кој бил шпион на Израел. Режимот сака со вакви речиси случајни напади да демонстрира сила кај своите симпатизери во земјата.“
Слично мисли и политикоогот Али Фатолах-Неџад, директор на тинк-тенкот Центар за Среден Исток и глобален поредок. Иран со овие напади следи регионални цели, но не успеа во тоа, напиша тој на Х: посакуваната ескалација изостана, наспроти тоа се навлече гневот на соседот Пакистан.
„Сакаме деескалирање на ситуацијата“
Но, мотивот зад нападот врз Пакистан е нејасен. Жителите на пограничниот регион кон Иран одамна се под притисок, вели Кох е Мола Бакш Дашти, која живее таму, во регионот Кох е Сабиц во југозападен Пакистан. Нападот неделава не е единствен од ваков вид, вели таа. „Навикнати сме на напади на иранската војска, единствена разлика е што имаше загинати и Пакистан се реваншираше. Да немаше убиени, никој немаше да се загрижи.“
Според поранешен портпарол на милитантната сепаратистичка организација Џаиш ул Адал, која се бори за независност на иранските провинции Систан и Белучистан, и која порано има извршено редица напади врз иранската војска, нападот врз пакистанска територија владата во Техеран првично не го планирала. Таа поверојатно „се обидела да ги има во визир членовите на групата и ракетите биле испалени по грешка“, вели тој за ДВ.
Но, неговата земја мораше да реагира на нападите, истакнува безбедносниот пакистански експерт Рашид Вали Џанџуа во раговор со ДВ. „Меѓутоа сега треба да се деескалира ситуацијата, тоа е наша желба. Важна улога ќе игра реакцијата на Иран, се надеваме дека ќе дејствува одговорно.“
Техеран го минимизира нападот
Иранските власти и државните медиуми од своја страна се трудат да го минимизираат противударот на Пакистан врз Иран. Агенцијата Тасним, блиска до Револуционерната гарда, објави видео во кое Мумтаз Захра Балох, портпаролка на пакистанското Министерство за надворешни работи, истакнува дека Иран е братска држава и луѓето во Пакистан го почитуваат иранскиот народ.
„Не сакаме ескалација, а со оглед на братските односи меѓу двете земји, се очекува да бидат превземени мерки кои ќе придонесат за безбедност во регионот“, изјави портпаролката.
Во четвртокот иранскиот министер за внатрешни работи во медиумите во врска со настаните во Сараван зборуваше за „експлозии“, избегнувајќи го зборот „напад“.
На социјалните медиуми во меѓувреме има бројни гневни коментари на незадоволство поради реакцијата на иранската влада на противударот на Пакистан врз Белучистан. Тие истакнуваат дека се направени големи штети, уништени куќи, а државната телевизија безобразно тврди дека во „овој напад не е убиен ниеден Иранец.“
Југозападот на Иран, населен со Белучани, спаѓа во најсиромашните региони во земјата. Во многу села во провинциите Систан и Белучистан живеат бегалци од втора или трета генерација, родени и израснати во Иран. Тоа што тие мора да ја платат цената за иранскиот напад врз Пакистан и од него предизвиканата реакција, предивикува гнев кај многу Иранци.