Кои се најголемите криминалци, најкорумпирани политичари, кои се паразитите, крлежите и разните гадинки и крвопии поради кои граѓани на Македонија живеат во сиромаштија и мизерија? Партиските врвови на најголемите парламентарни политички партии кои над три децении наизменично и подеднакво се во власта, или во опозиција, сеедно, секојдневно ја бомбардираат јавноста со меѓусебни обвинувања кој повеќе крадел и кој е поголем арамија.
Директно со име и презиме и износи на украдени пари и државен и приватен имот се посочуваат личности кои учествувале во големиот грабеж. На човека му доаѓа да вресне: сите сте во право. Сите вие и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ и од ДУИ со своите коалициони партнери и компании сте носители на криминалот и митоманијата.
Ќе речете, со право, ништо ново. Овој криминален филм го гледаме со децении, како што ги гледаме борбите за власт меѓу патриотите и предавниците, странските платеници и домашните „чесни“ пропагандисти само во изменети главни улоги кога се на власт и во опозиција. Тоа е сликата на формалната македонска демократија кога сѐ е дозволено, да се лаже и да се краде без посериозни последици и за едните и за другите. И за тие што лажат и набедуваат и за тие што незаконски стекнуваат богатства злоупотребувајќи ги своите позиции. Така е тоа кога наместо обвинители и судови судат политичари, јавно преку медиумите и социјалните мрежи, наводно многу загрижени за организираниот криминал и корупција.
Македонски политички турбо фолк
Кога ќе доживееме да видиме јавниот обвинител да повика висок функционер, или лидер на политичка партија да даде изјава и докази за судско гонење кога јавно ќе каже како што тоа деновиве го слушнавме: МВР продава дрога, армискиот врв е корумпиран, кога со име и презиме ќе се посочи кој примил мито и врз основа на тоа да се покрене постапка, или кон посочените носители на злоупотреби и криминал, или пак ако тоа не е вистина кон тие што лажат.
Последиците се стравични од ваквото поимање на демократијата и од рамнодушноста на граѓаните кои отрпнаа на ваквите долгодишни партиски валкани војни. Ваквите обвинувања без конечна разврска станаа толку нормални и вообичаени што веќе се сметаат за македонски политички турбо фолк кој ги вознемирува само прозваните и се актуелни помалку од три дена. Поточно до новата афера или скандал кои, исто така, остануваат во напластените сознанија на мнозинството граѓани како потврда за изгубената доверба и во судството и во владеење на правото и во политичарите. Практично тоа го прави невидлив најважниот и суштински сегмент на демократијата, а тоа е владеење на правото. Надвор од демократијата принципот на владеење на правото претставува гола форма и може да се трансформира во инструмент на присила, репресија и диктатура што го имавме цели 11 години во време на „груевизмот,“ или во еден вид на анархија што ја имаме сега, кога сѐ е дозволено и тоа што е забрането.
И покрај широкиот институционален механизам и уставно гарантираните принципи и средства за обезбедување на владеење на правото, по повеќе од 30 години независна држава во практиката сме сведоци на сериозни слабости во неговата примена. Не е законодавно доуредено функционирањето на судството.
Во Македонија се преземени најенергични мерки против појавите и дејствата на грубо поткопување на владеење на правото само во случаите на скандалот со повеќегодишно прислушување на над 20.000 граѓани, јавни личности и новинари и по настаните од 27 април 2017 година по насилниот обид за попречување на изборот на претседател на Собранието и преземање на власта по регуларни и веродостојни избори за што се изречени и долгогодишни затворски казни, а некои судски постапки кои се иницирани од прислушуваните телефонски разговори сѐ уште траат. Во сите други случаи на попречување на владеење на правото не се преземени енергични мерки.
Зошто бегаме од процесот на владеење на правото
Значи, имаме евидентни докази, кои се јасно видливи, кои никој не ги негира, дека Македонија има сериозен проблем со примена на владеење на правото и со несоодветната казнивост на носителите на организираниот криминал и висока корупција и конфискација на незаконски стекнати имоти. Сите знаеме дека во целиот тридецениски период на транзиција тоа не е успешно решено и применето, дека е изгубена довербата во судството и целиот правосуден систем, не само поради неефикасната борба со организираниот криминал и корупција, туку и со илјадници граѓански парници кои траат со децении, со подредена улога на граѓаните кога водат постапки против државата за нивните имоти и права.
Цели 20 години, на пример, траат судските постапки за предмети од денационализацијата и уште многу други „мали“ случаи кои им го загорчуваат животот на граѓаните.
Ако сето ова е неспорно, тогаш клучното прашање е зошто бегаме од тој процес на владеење на правото сега, кога тоа е главниот и најважниот предуслов за успешни преговори за членство во ЕУ. Кому пречи успешната пресметка со организираниот криминал и висока корупција и сведување на ова најголемо зло на некое ниво кое е соодветно за правна држава, ако веќе не може да се искорени целосно, барем да биде неисплатлив ризик за носителите на криминалот и злоупотребата на власта и моќта.
- повеќе од авторот: Што ќе сменат предвремените брзи избори?
Дали влезот на Бугарите во македонскиот устав е поголемо зло од организираниот криминал и корупција, или пак прдвремените избори поефикасно ќе донесат до вистински решенија кои не успеаја партиите да ги спроведат во целиот овој период на независноста? Искуствата кажуваат дека под надзор на ЕУ и како главен услов за членство, владеењето на правото се спроведува многу поефикасно отколку при владеење на политичките партии без контрола.
- повеќе од авторот: Колкава е цената на епохалните грешки?
Секое одложување на преговорите со ЕУ значи и стаус кво на могу реформски процеси, натамошна формална демократија, телевизиски и медиумски судски постапки на политичари во улога на обвинители и судии. Тоа значи и продолжување на неефикасната борба против криминалот и високата корупција и пролонгирање на владеење на правото и уште поголема недоверба во правосудниот систем.
Кој има полза од тоа? Само раководствата на политичките партии кои наизменично се на власт и во опозиција и во парламентот и во општините со нивните спреги со носителите на криминалот. Сите други, и граѓаните и државата трпат голема штета. Може ли да се каже дека тие што ги попречуваат преговорите со ЕУ го попречуваат и владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и високата корупција? Можеби оваа формулација е престрога, но последиците се сосема реални.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.