1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаРусија

„Паралелен увоз“: како Русија ги заобиколува санкциите

Пандеј Ашутош
10 септември 2022

Благодарение на црниот пазар и таканаречениот „паралелен увоз“, Русите и натаму имаат пристап до производи од познати брендови како што се Ајфон или Зара. Како функционира тоа и што може Западот да стори по ова прашање?

https://p.dw.com/p/4FyEu
До Ајфон сега само на црно: граѓани на Москва во септември 2021 година чекаат пред продавницата на Епл да го купат тогаш новиот Ајфон 13
До Ајфон сега само на црно: граѓани на Москва во септември 2021 година чекаат пред продавницата на Епл да го купат тогаш новиот Ајфон 13Фотографија: Artyom Geodakyan/dpa/TASS/picture alliance

Русија веќе со месеци увезува производи без согласност на западните производители. На овој начин таа ги заобиколува санкциите кои и ги наметна Западот поради инвазијата на Украина.

„Паралелниот увоз“ во Русија или набавки на црниот пазар меѓу мај и јуни изнесувале 6 милијарди долари, изјави Денис Мантуров, заменик премиер и министер за индустрија и трговија на Русија.

Русија во мај ја покрена шемата на „паралелен увоз“ – се увезува сè, од автоделови, до конзоли за видео игри – бидејќи директниот увоз е оневозможен поради западните санкции, а голем број странски фирми ја напуштија земјата во знак на протест против војната во Украина, како и за да избегнат потенцијално рушење на угледот.

„Русија нема да седи со скрстени раце по санкциите од Западот. Таа очигледно воспоставила процедури со цел набавка на голем број увозни производи кои ѝ се потребни за да ја одржи економијата и да ја продолжи војната,“ вели за ДВ, Тимоти Еш, експерт за пазари од лондонската компанија „Блу беј асет менаџмент“. „Прашањето е што ќе стори Западот за да го заостри режимот на санкции и да се обиде да го спречи ова,“ вели тој.

Што е тоа „паралелен увоз“?

„Паралелен увоз“ е начин на увоз на стока на одреден пазар без согласност на производителот, односно производи кои производителот ги наменил за друг пазар. На пример, ако препродавачот во Германија надвор од официјалните канали за нивна продажба увезе фармерки „Левис“, произведени, запакувани и со цена одредена за индискиот пазар, тогаш тоа е „паралелен увоз“.

Се смета дека е тоа увоз „на црно“, бидејќи го продаваат неовластени трговци. Со оглед на тоа дека сопствениците на брендовите немаат контрола врз дистрибуција на оваа стока, таа не подлежи под нивните гаранции.

Што прави Русија?

Русија во мај објави список на западни производи која е прифатлива за паралелен увоз. На него се критички важни производи како што се воени бродови, резервни делови за железница, автомобилски делови, како и стока за широка потрошувачка, како електроника и бела техника, облека, обувки и козметика – значи стока за која Русија наведе дека западните производители „одбиле директно да и ја испорачаат.“

Дел од брендовитена списокот се Мерцедес Бенц, Фолксваген, Континентал, Ферари, Епл, Самсунг, Мајкрософт, Сименс, Дурацел, Канон и Плејстешјн.

Во рамки на оваа руска шема на увозниците им се нуди и заштита од граѓански парници поради заобиколување на официјалните канали за дистрибуција. Како што пишува британски „Гардијан“, голем дел од неовластениот увоз во Русија доаѓа преку земјите од постсоветскиот регион, како Казахстан, Киргистан, Ерменија и Белорусија, значи од членките на Евроазиската економска унија на чие чело е Москва.

Дали тргувањето на црниот пазар е легално?

Паралелниот увоз во основа не е нелегален. Тоа се оригинални, лиценцирани производи набавени преку паралелни канали на дистрибуција кои се често поскапи.

„Сива зона можат да бидат единствено каналите на дистрибуција преку кои таа стока доаѓа до земјата увозник,“ се наведува во документот кој го објави Светската организација за интелектуална сопственост. „Ако производите кои ги продаваат или увезуваат трети страни се заштитени со патенти, трговски марки или авторски права кои важат во одредена земја, таквата продажба или увоз од трета страна генерално се смета за прекршок,“ се наведува во истиот документ.

Лизинг-компании ја обвинуваат Русија за кражба на нивните авиони

Руската шема вклучува и меѓународно начело „исцрпување на авторските права“ кое и дозволува на руската компанија да увезе производ без согласност од производителот кога тој ќе почне да се продава во било која земја во светот, наведува руската новинска агенција Интерфакс.

Тоа значи дека кога на пример, Епл кој е на списокот на рускиот паралелен увоз, годинава ќе почне да го продава Ајфон 14, руските препродавачи како што е компанијата „ре:стор“ веднаш потоа ќе може да ги увезе за продажба и покрај тоа што Епл се повлече од Русија уште пред неколку месеци.

Како паралелниот увоз ѝ помага на руската економија?

Рускиот план цели да обезбеди достапност на виталниот увоз кој падна по егзодусот на западните компании. Москва очекува паралелниот увоз годинава да достигне 16 милијарди долари, што е само четири проценти од вкупниот увоз во 2021 година. За споредба, се очекува вкупниот увоз во Русија годинава да се намали дури за една третина.

„Најголем проблем за Путин ќе биде обновата на руската армија, чија опрема масовно е уништена во Украина. Ако производството на автомобили во Русија е прекинато поради тоа што не може да набават електронски компоненти, тогаш замислете каков е проблемот со обновата на тенковите или производството на тенкови или авиони“, вели Еш.

Експерти проценуваат дека Кремљ очекува шемата на паралелен увоз да послужи уште за една цел: различната потрошувачка и луксузна роба од списокот треба да обезбеди Русите и покрај западните санкции да продолжат да си го водат секојдневниот живот без поголеми пречки.

„Можеби тоа е повеќе ПР обид наменет за домашната популација за да се покаже дека санкциите не функционираат и дека ‘ние победуваме’”, вели Еш.

Што може да стори Западот против паралелниот увоз во Русија?

Со оглед на тоа дека Русија применува меѓународно правило за користење на авторските права, западните брендови можеби нема да имаат многу што да направат за да спречат паралелен увоз на својата роба. Еш вели дека западните влади може да ги поттикнат земјите и фирмите да не ѝ помагаат на Русија да ги избегне санкциите или пак да им се заканат со секундарни санкции.

„Што повеќе Русија ни зборува за тоа, што повеќе се објавува, толку поверојатно е дека Западот ќе ги заостри санкциите за да спречи тоа да се случува“, вели Еш.