1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пакт за миграции и азил на ЕУ: има ли импликации за РСМ?

22 декември 2023

Безбедносните служби треба да изготват стратешки анализи за ова прашање, со цел навреме да се носат одлуки во интерес на државата, вели Владимир Пивоваров, национален координатор за гранично управување

https://p.dw.com/p/4aTNB
Бегалци на границата меѓу Северна Македонија и Грција
Бегалци на границата меѓу Северна Македонија и Грција, архиваФотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

Надлежни институции во Северна Македонија не даваат проценка како ќе се одрази врз земјата прелиминарниот  Пакт за миграција и азил,  кој по три години преговори меѓу Европскиот парламент и Советот беше договорен во средата. Тој треба официјално да биде ратификуван напролет, пред новите европски избори. Се оценува дека со него во голема мера се зајакнува борбата против назаконските миграции, а ќе се избие и адутот на крајно десните партии, кои прашањето на мигрантите го користат за популистички лов на поени, поттикнувајќи страв кај локалното население.

Таканаречниот Пакт за управување со азил и миграција, предвидува побрза и поефикасна постапка, хармонизирана на ниво на ЕУ, која низ пет закони ги опфаќа сите фази од процесот: проверка на  нелегални мигранти  кога ќе пристигнат во ЕУ, обезбедување биометриски податоци (кои ќе овозможат и идентификување на лица кои претставуваат безбедносна закана), процедури за подготовка и обработка на барања за азил, правила за утврдување која земја членка е одговорна за решавање на барања за азил, соработка и солидарност меѓу земјите членки и дејствување во кризни ситуации, вклучително и во случаи на инструментализација на мигрантите.

Целта на договорот е да го распредели товарот на земјите во ЕУ во однос на миграните, и да ја олесни позицијата на земјите од надворешните граници на Унијата, кои се први на удар на мигрантски бранови, како Италија, Хрватска, Грција, Шпанија... Со договорот, на надворешните граници на ЕУ се воведува брза постапка за проверка на правото на азил која треба да трае максимум 12 недели. Повеќе не постои заедничка листа на безбедни земји, а предмет на брза постапка ќе бидат и семејствата со деца и малолетни лица без придружба.

Иако шведското претседателство првично предложило обезбедување 120.000 места во прифатните центри во земјите на надворешните граници на ЕУ, на крајот било договорено да се обезбедат 40.000 места. Но, со оглед дека бројката на мигранти кои пристигнуваат во тие земји е многу поголема, се очекува ова да биде едно од решенијата во планот, кое може да се покаже како проблематично. По принцип на задолжителна солидарност, товарот на оние кои ќе добијат азил треба да го преземат и другите земји на ЕУ, според квота утврдена врз основа на бројот на жители. Држава која нема да прими мигранти, ќе треба да плати во Европскиот фонд кој ја финансира заштитата на границите - компензациски надоместок од 20.000 eвра за секое лице што нема да го прими на своја територија. Иако е постигнат договор за овој план, Унгарија се противи не некои сегменти од него.

Екстернализација на миграцијата

Според експерти, договорените 40.000 места во прифатните центри во земјите на надворешните граници на ЕУ, кои се далеку помалку до актуелните бројки на мигрантските бранови, може да придонесат и за процес на т.н. екстернализација на миграцијата. Тоа е процес во кој членки на Унијата дел од товарот ќе го оддалечуваат од своите, односно од надворешните граници на ЕУ. Преку договори со трети земји, спроведувањето на целата постапка ќе ја препуштат на територијата на трети држави.  Италија тоа веќе го договори со Албанија,  ЕУ неодамна потпиша договор со Тунис, а во разговори е со Египет и Мароко.

Мигранти Грција
Таканаречниот Пакт за управување со азил и миграција, предвидува побрза и поефикасна постапка за азилФотографија: picture-alliance/Joker/T. Georgiev

ДВ побара став од министерот внатрешни работи Оливер Спасовски околу новиот Пакт за миграции и азил и неговите импликации за РСМ, но и покрај ветувањето не даде одговор. Спасовски во октомври годинава, во интервју за весникот „Ноје Оснабрикер цајтунг", негативно се изјасни кон барањето на некои европски земји да се формираат центри за азил во земји надвор од ЕУ, во кои би се процесуирале барањата за влез во земјите-членки.

„Нашиот став е многу јасен: во Северна Македонија не се спроведуваат процедури за азил за другите земји на ЕУ и тоа нема да се промени. Ако Северна Македонија стане дел од Европската Унија, тоа би можело да се промени. Сè додека тоа не е случај, таквите центри остануваат исклучени“, изјави Спасовски.

Владимир Пивоваров, национален координатор за  гранично управување,  за ДВ изјави дека сега мора да се анализира како ова ќе се одрази врз земјите кои територијално се дел од европскиот континент и се кандидати за полноправно членство во ЕУ.

„Реално овие земји, вклучително и ние, сме дел од таа  балканска рута  на патот на мигрантите, со што овие земји директно се засегнати од законските решенија кои ЕУ треба да ги донесе. Законските решенија и за земјите кандидатки треба да бидат фер, бидејќи овие земји не се економски силни самостојно да го издржат овој товар од финансиски аспект. Секако тука се поставува и прашањето за демографскиот аспект, а највеќе ќе бидеме засегнати од безбедносен аспект. Во досегашниот период, нашата земја беше само транзитна рута на мигрантскиот пат, но што ќе се случи кога апсорпцискиот капацитет ќе биде исполнет - тогаш ќе се постави прашањето дали и колку мигрантите сакале или не, како крајна дестинација ќе ги изберат земјите кои денеска ги користат само како транзит“, вели Пивоваров.

Според националниот координатор за гранично управување, бебедносните служби многу брзо треба да изработат стратешки анализи за темата.

„Мора да имаме сериозен пристап кон она што не` очекува во иднина и како држава да имаме јасни и конзистентни ставови по ова прашање. Затоа безбедносните служби час поскоро треба по ова прашање да изготват стратешки анализи со цел државниот врв навремено да носи одлуки во интерес на државата“, посочува Пивоваров.

Одбрана од десничарскиот популизам

Роберта Мецола, претседателка на Европскиот парламент, која договорот го нарече историски, пред новинарите во Брисел признала дека тој „не е совршен“, но негирала дека тој ги отсликува предлозите од екстремната десница. Бриселскиот портал „Политико“, пак, потсети дека Мецола претходно изјавувала оти постигнувањето договор за миграцијата е клучно за одбрана од десничарскиот популизам.

Мигранти на границата Грција - Северна Македонија
Со Пактот на ЕУ за управување со азил и миграција се очекува во голема мера да се зајакне борбата против назаконските миграцииФотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

„Договорот за овој пакет пред крајот на годината ќе значи одлучувачка победа за конструктивниот проевропски центар пред почетокот на годината на европските избори“, потсети „Политико“ на нејзината минатонеделна изјава.

Повеќе европски организации за човекови права, предупредија на импликации од дел од договорот, стравувајќи дека некои од предвидените процедури ќе ги зголемат страдањата на границите, заради селективен пристап. Имено, реформата предвидува „филтрирање“ на мигрантите по пристигнувањето и забрзана процедура за оние кои статистички имаат помали шанси да добијат азил, со цел побрзо да ги вратат во земјата на потекло или на транзит. Таа процедура ќе се применува за граѓани на земјите за кои стапката на признавање на статус на бегалци, просечно во ЕУ, е помала од 20 проценти.  Бегалците од Сирија и Авганистан  нема да бидат опфатени со постапката на границите, бидејќи кај нив процентот на признавање на правото на азил бил околу 50 проценти. Односно, откако ќе бидат регистрирани во Грција или Италија, ќе може да го продолжат патувањето кон посакуваната дестинација, бидејќи „секундарната миграција“ не била опфатена со новите правила.

Планот за азил и миграција прв пат беше разгледуван во септември 2020 година, со цел да стави крај на некоординираното дејствување во кое владите преземаа еднострани мерки, но договорот за усогласена европска политика по тоа прашање го постигна неделава, по три години.