1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Разбиена група за шверц на мигранти кон ЕУ

ДТЗ
2 јуни 2021

Приведена е поголема криминална група која на мигрантите за неизвесното и ризично патување им наплаќала од 500 до 700 евра по лице.

https://p.dw.com/p/3uLpi
Mazedonien Griechenland Flüchtlinge bei Gevgelija
Фотографија: picture-alliance/epa/G. Licovski

Шестмина се уапсени, а се трага и по уште тројца во најновата полициска акција на македонската полиција за разбивање на криминална група која се бавела со шверц на мигранти од Блискиот и од Средниот Исток. Триесет и тригодишен велешанец ја предводел групата којашто е уапсена изутринава. Во неа биле и две лица кои потекнуваат од земјите од Блискиот Исток.

Мигрантите по потекло од Авганистан, Пакистан, Сирија, Бангладеш и други земји од Блискиот и Средниот Исток илегално биле префрлани од Грција на територијата на С. Македонија преку илегални премини на т.н. „зелена граница“ во околината на Гевгелија, Струмица и Демир Капија, а оттаму со помош на водичи т.н. „качаци“, координирано биле носени на претходно утврдени и договорени локации.

-повеќе на темата: Милиони евра се вртат од шверц на мигранти и дрога во Западен Балкан

Обвинителството соопшти дека организаторот и членовите на криминалната група го договарале преземањето на мигрантите од овие локации и со патнички и товарни возила ги превезувале до локации во Кумановско-липковскиот регион каде што мигрантите биле прифаќани и времено сместувани и засолнувани. Понатаму, преку територијата на Србија се носеле кон државите на ЕУ. За неизвесното и ризично патување мигрантите плаќале од 500 до 700 евра по лице, преку агенти за брз трансфер на пари или во готовина.

Апсењата се направени во текот на денешниот ден во координирана полициска операција на националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе и Одделот за специјални и посебни операции на СВР Скопје и СВР Струмица. Извршени се претреси во објекти на 11 локации на подрачјето на Велес, Скопје, Штип, Струмица и Валандово. Четири члена на криминалната група веќе се во затвор, за претходно сторени вакви кривични дела. Обвинителството ќе бара притвор за членовите на групата нив.