Со внимание ги проследивме неодамнешните искази на загриженост од страна на редица aмбасадори од западната заедница во врска со тековните состојби во Северна Македонија, особено поврзано со владеењето на правото, отчетноста и неказнивоста. Иако исказите се дадени со подвлечена нота на загриженост, нагласени со остри тонови на осуда и засилени барања за промени преку преземање ургентни санкции, мора да се укаже дека скраја сегашната драматичност, ова не е првпат западните амбасади да користат сатуризирани искази на раб на дипломатичност. Иако добредојдени како конструктивна, пријателска, партнерска или соучесничка (само)критика и поттик за делување, упатно е да се потсетиме дека ваквите повишени тонови се јавуваат циклично, со кусотрајни потреси и недостаток на долгорочни ефекти или ефективност.
Заклучоците дека довербата во институциите задолжени за владеењето на правото се во целосен колапс и апсолутна недоверба од страна на граѓаните, проследени со алармантни укажување дека во земјата владее епидемија на корупција и криминал, се секако соодветни на состојбите. Но не на сегашните, туку како константа во последните минимум 15 години. Оттаму, изнесените заклучоци, апели или искази на западните колеги амбасадори не можат да се сметаат како предупредување, туку како заклучок и како анамнеза на свршениот чин во кој вегетираме.
Општ страв и несигурност
Состојбите се сепак, и за жал, далеку полоши, далеку подраматични во реалноста која постои надвор од дипломатскиот елитен меур и без виножитни прелевања на провидните ѕидови низ кои нѐ набљудуваат. Состојбата на незадоволство вредеше како констатација пред десетина години, наследена од состојбата на гнев, која доминираше пред четири-пет години и заокружена со сегашната состојба на општ страв и несигурност. Која иако во зачетни фази, по сѐ судејќи ќе ескалира во сеопшта психоза на застрашеност, загрозеност, опасност и порив за збег.
Следејќи ги воспоставените, циклусни траетктории на развивање на состојбите, паралелно со согледување на регионалните трендови и глобалните предизвици, чинам дека веќе нема простор и аргумент за низ обвинувања за песимистичност, алармантност или параноичност да укажуваме дека Северна Македонија засилено, забрзано, смислено се движи кон драматична ескалација на внатрешните состојби. Гореопишаниот страв е само индикатор на подемот на разголената распиштоленост на легитимизираното насилство на естаблишментот и логиката дека „во матното лежи шансата”. Искуствата со траекториите на ескалација укажува дека следи уште еден обид во кој гангстеризираните олигархии ќе приредат сценарија за сопствена рефакторизација целејќи кон политичка амнестија за криминалната експлоатација.
Последните трагични случувања во земјата потврдуваат дека институциите на системот од аспект на одговорноста се целосно замрени или пак сведени на службени просториии окупирани од ликови без институционална одговорност, култура, свест или совест. Каков било дипломатски повик или апел, која било нивна закана или ветување, кој било обид за мотивирање преку интеграции, која било опортунистичка усилба да се верува во „институции достојни на НАТО земја членка”, не само што нема да вроди со некаков плод, туку ќе биде – како и досега – искористена за купување време и амнестија на злосторството од ваша страна.
Нема капацитети за справување со криминалот и пандемијата на страв
Сумирано, секоја добра нивна намера кон Северна Македонија е зависна од признавањето на реалност дека во оваа земја, поточно во институциите на оваа држава, нема веќе капацитети – индивидуални или групни – за започнување, камо ли справување на неопходната интервенција во соочување со целосната ескалација на незаконие, ескалација на криминал и пандемија на апатија, страв и загриженост. Следствено, единствениот, можеби и последен начин за превенирање на драматичното влошување на состојбите, е да се пристапи кон креирање нов епицентар на одговорност, институционалност, отчетност, правна совест и демократска свест, кој ќе служи воедно како двигател на нови процеси и магнетен пол за привлекување на капацитети надвор од лабораториските експерименти со епидемијата на нечесност.
По тој повод, ја користам можноста да ги повикам дипломатските претставништва во земјата во периодот пред нас да ги земат предвид и пристапат кон преземање мерки за превенирање на ескалацијата, стабилизирање на состојбите и регенерација на сувереноста на граѓаните, независноста на институциите и декриминализација на политичкото претставништво, т.е. политичките партии и парламентарната демократија.
Предлози и барања
Со таа цел на ум, предлагам и од нив барам да преку надлежни национални и мултилатерални институции дејствуваат во правец на:
- Целосна кадровска реконструкција на Специјалното Јавно Обвинителство
- Именување на Меѓународен Специјален Јавен Обвинител со двајца меѓународни Заменици Јавни Обвинители и еден домашен Помошник Јавен Обвинител
- Ригорозна и со санкции условена селекција на локално и меѓународно вработени лица
- Во селекцијата да бидат исклучени учесници од регионот на Југоисточна Европа
- Формирање на Специјален Суд за сузбивање на корупцијата и борба против организираниот криминал, со седиште на пристојна оддалеченост од земјата или регионот (по можност во Балтикот или нордиските земји)
- Формирање на Специјален безбедносен тим за осигурување на безбедноста, тајновитоста на Обвинителството и преземање мерки против осомничените/обвинетите/осудените
- Претставници на Специјалното Јавно Обвинителство во министерствата за финансии, економија, внатрешни и надворешни работи, здравство
Предлагање на нови услови во интеграциските процеси со времетраење до целосната интеграција во ЕУ:
- Еднократен петгодишен мандат на Претседател на државата, без право на реизбор
- Еднократен четиригодишен мандат на Премиер на Владата, без право на реизбор
- Двегодишен мандат на Спикер на Собранието
- Еднократен четиригодишен мандат на министри во Владата, без право на реизбор
- Именување на Државни Секретари во министерствата со препорака или согласност од надлежните комесаријати при Европската Унија или во случајот со Министерството за одбрана по препорака или согласност од НАТО; со еднократен петгодишен мандат, со можен реизбор по препорака од ЕУ или НАТО
- Еднократен мандат за членови на Собранието со право на условен дополнителен мандат зависно од докажаната активност
- Избор на Граѓанска Набљудувачка Комисија за следење на активностите на Собранието, соствена од претставници на Европскиот Парламент и домашни еминентни, натпартиски претставници
Предлагање нови стандарди во политичкото здружување, т.е. партиите:
- Еднократен, четиригодишен мандат на претседатели на партии без право на реизбор и со најмалку еднократен пратенички мандат и минимум четири години членство во партијата
- Еднократен, тригодишен мандат на членови на органите на партиите
- Избор на кандидати за пратеници во Собранието во координација со Специјалното Јавно Обвинителство, согласност од Специјалниот Суд
- Обезбедување јавен распит за образовните капацитети на секој кандидат
- Авторизација и согласност Граѓанска Набљудувачка Комисија да побара цензура на правата или одземање на мандатот на избраните кандидати поради неактивност или непочитување на законите, правилата или учество во незаконски дејства
Предлагање нов пристап во соработката со невладиниот сектор:
- Преиспитување и раскинување на соработката, подршката, финансирањето на досегашните НВО и нивни претставници од периодот 2010 заклучно со денес
- Еднократен мандат на водството и учесниците во секоја НВО
- Давање предимство и ограничување на возраста од 17 до 35 годишна возраст за раководствата и активистите
- Максимализација на капацитетите на НВО во внатрешноста, помалите градови, селата, руралните подрачја; драстична минимализација на фондовите и подршката за НВО во Скопје и поголемите градови.
- Максимизирање на социјалните, образовни, родови капацитети и програми, драстична минимализација на политичките, културните програми
Предлагање нов пристап во однос на медиумите:
- Итна и целосна кадровска реформа на Националната телевизија, Радио, МИА и распишување меѓународен оглас за Директор / Главен и одговорен Уредник на МРТВ и нејзините програми. Надлежноста за информативно-политичката програма во надлежност на Директорот и Главниот уредник
- Обврска и екслузивност во давањето интервјуа, прес-конференции, соопштенија на трите водечки државни претставници и институции кон МРТВ
Свесен за обемноста на потфатот и економскиот предизвик, упатно е да укажам дека таа е сепак далеку полесно поднослива и далеку поисплатива отколку опстојувањето врз сегашните пракси, постоечките институции, вкоренетата култура и последиците на истите. Кои ќе бидат далеку потешки за справување или санација.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.