Без сомнение, клучен настан во регионот на крајот на оваа година се изборите во Србија на 17 декември. Чиј термин на одржување беше најавуван или барем шпекулиран од страна на Александар Вучиќ уште раните летни денови, особено по масакрот над учениците во училиштето Рибникар во Белград и масовното убиство во близината на Младеновац. Обидите да низ ветување или најавување предвремени избори беа првично вперени кон ублажување или амортизирање на масовните „Србија против насилство” протести во Белград, но и поголемите градови низ земјата. Со релативен успех, барем во однос на разбивањето или намалувањето на излезноста на граѓаните демотивирани од бесполезноста и разединетоста на опозицијата. Сепак, Вучиќ се реши на таквите барања, пред сѐ на опозицијата, да им излезе во пресрет и повика на вонредни избори, иако реално кажано притисокот од општеството беше во надолна линија.
Вистинскиот мотив за свикување предвремени избори треба да се бара на друга адреса, со далеку поголемо влијание од она на таму некои незадоволни граѓани и атомизирана опозиција. На почетокот на фебруари оваа година, американскиот амбасадор Кристофер Хил најави дека „реално, Заедницата на Српски Општини во Косово треба да се формира во текот на летото, додека пак француско-германскиот план да се финишира до крајот на годината”. Гледано во ретроспектива, прашањето на ЗСО е речиси половично апсолвирано со согласноста на Приштина околу формирањето, но со спорење на нејзините ингеренции. Од друга страна, за разлика од Приштина која е спремна да се потпише Договорот, под услов да тоа го стори и Белград, српскиот Претседател сеуште инсистира дека има „болки во раката”, обидувајќи се да низ сарказам ја избегне реалноста да и со потпис ја потврди веќе дадената вербална согласност. Вториот дел, финиширањето на француско-германскиот предлог е пак клучната причина и водечкиот мотив на Вучиќ за распишување на предвремени избори со цел на избегнување на обврската, купување време и надеж дека изборите во САД и ЕУ ќе донесат до поинаква геостратешка состојба, поповолна за Србија. За одржливоста на таквите планови и стратегии, во некоја следна прилика. Дотогаш, да се осврнеме на можниот исход на самите избори.
Победата на Вучиќ е извесна?
Судејќи според медиумите од Србија, но и низ директните размени на мислења, се стекнува впечатокот дека веќе е постигнат консензус дека победата на Вучиќ, поточно на неговата СНС на рамниште на државата не се доведува во прашање. Се разбира, искуствата со неточните предвидувања на изборите во Холандија, во Франција, Полска или Шпанија, оставаат простор за можни изненадувања на штета на СНС и во полза на опозицијата. Од друга страна, очигледната нервоза на самиот Вучиќ според кој поразот на СНС значи дека е пораз и за него како претседател, или пак апсурдните и панични тревожења на одредени министри па донекаде и на премиерката Брнабиќ за „избивање граѓанска војна” доколу изгуби партијата на власт се дел од предизборниот репертоар, но и индикатор дека и недобивањето на убедлива разлика се смета како загрозување на децениската доминација на Александар Вучиќ и СНС.
Од другата страна на политичката сцена, следењето на дејствувањето на опозицијата е како да читате телефонски именик со многу имиња и нималку содржина. Колку и да звучи чудно, токму Социјалистичката Партија на Ивица Дачиќ излезе со далеку посамоуверено тврдење за победа на национално ниво, за разлика од неколкуте опозициони колони во натпревар на меѓусебно надгласување, но со речиси сплотена согласност дека победата во Белград и таму-ваму некој поголем град ќе се смета како троумфална нивна победа и пораз на Вучиќ. Можеби тоа е причината зошто самиот Вучиќ, но уште повеќе од него контролираните медиуми рамномерно удираат и ги сатанизираат опозицијските првенци но и СПС и самиот Дачиќ, со кој се сѐ уште во владеачка коалиција. Вистина, Дачиќ се потруди да го убеди Вучиќ во неговата „до смрт” коалициска верност. Убедување и верност на кое Слободан Милошевиќ би се насмеал саркастично – и кисело.
Притисок од Истокот
Наместо намалување, се чини дека најавата за избори само го зголеми надворешниот притисок врз Вучиќ во неговата политика на „врлудање” помеѓу Истокот и Западот. Евидентно, Западот веќе не инсистира гласно на негово дистанцирање од Русија, дури давајќи и лер-простор околу прашањето на терористичкиот напад во Бањска. Но тишината од западот не подразбира и молк по секоја цена, камо ли простување до заборав. Западот едноставно не сака да биде факторот за взаемни предизборни кавги и уште помалку постизборни плукања или правдања. Од друга страна, се чини дека притисокот за изјаснување сега доаѓа од Истокот, поточно од вентриколистот на Путин во Минск, Престедателот Лукашенко кој при предавањето на акредитивите на новиот Белоруски Амбасадор во Белград ќе нагласи дека Србија мора политички да се определи, “ако сакаат да мавтаат со опаш и ги подржат европските и американски санкции против нас, тоа е нивна работа, ако го заборавиле доброто со кое отидовме кај нив”. За разлика од молкот на запад, пораката од Минск е јасна порака до службен Белград, со предизборна и особено пост-изборна конотација. Интересно е што пораката на Лукашенко се фокусира на економијата и трговијата, но недоречено во областа на надворешната политика. Која во сегашниот состав на владата во Белград, припаѓа токму на Ивица Дачиќ.
Со сето кажано, и низ сите искуства од последните години разбрано ширум регионот, се чини дека исходот на изборите во Србија нема да биде драматичен според бројот на мандати, колку што ќе биде според процесите кои ќе уследат последично. Телеграфски кажано, СНС ќе ја задржи Владата, опозицијата ќе се засили во Белград и Шумадија. Но суштествено дефинирано, процесот кој веќе е започнат ја става во втор план поделбата помеѓу владата и опозицијата и ја истакнува на прво место поделбата помеѓу службената природа на Владата и сивата еминенција на власта. Поедноставено, Вучиќ ќе ја задржи СНС во Владата, но по цена на помирување со постепеното, сенквенцно споделување на власта со онаа партија која навреме ќе ги разбере поуките од соседните изборни промени во регионот.
Власта во Белград е растревожена
Губењето на власта како курбан за спасување на Владата веќе беше најавено со ставањето на Александар Вулин под санкции на САД и потврдено со изглуменото снебивање на Вучиќ во „прифаќањето на оставката” од шефот на БИА. Елегантната дистинкција помеѓу Владата и власта потоа беше илустрирана преку нападот во Бањска кој ја подвлече ограниченоста на Владата и слободата на власта во неказнливост. Паничните медимски врти-капиња на доскорешните про-Путинистички таблоиди кон про-Американски стројни медиуми беше само увертира во подоцнежното жалење на Вучиќ за моќта на олигархијата во Србија. На чија милост или зависност е уште повеќе изложен по одбивањето на Москва и снебивањето на Пекинг во финансирање на проместувањето на маките од 38 милијарди евра надворешен долг на неговата земја.
Власта во Белград е очигледно растревожена и во процес на преиспитување за иднината. За разлика од политиката и Владата која мисли во мандатни категории, олиграхијата и власта калкулира со берзански подеми и падови на профитот и вртење кон нови пазари. Поведенијата на олигархијата во Србија, слично како и на онаа во Албанија, укажува дека нивниот осет за “берзански промени” има насетено дека ерата на Александар Вучиќ и Еди Рама доаѓа при крај. Дотолку повеќе што скраја нивните взаемни симпатии, и двајцата имаат осетено дека дружбата им носи повеќе зијан отколку изборен ќар. Па затоа, меланхоличниот Ацо бара утеха кај Ковачевски и Мијатовиќ, додека пак Рама го прави последниот обид за балкански лидер преку ширење мудрости околу израелско-палестинската војна.
Вучиќ, слично на Рама, секако ќе ја задржи Владата. И ќе прогласи победа. Опозицијата победата во Белград или било кој друг поголеми град ќе ја прогласи за победа на Србија. Во таа ем Вучиќ сит ем опозиционерите на број поделба на триумфализми, единствениот губитник ќе останат Србите растрнати помеѓу Влада во заминување и власт во преживување и забрзано барање нов вожд. Последниот пат кога Владата и Власта во Србија дојдоа во отворен судир беше на 12 Март 2003 година, по претходниот судир на 5 Октомври 2000 година. Поучен од искуствата од блиското минато, Александар Вучиќ затскриен зад десет слоја на јуначки гримаси, снисхолдиво порачува дека е спремен Владата да ја сподели со Власта.
Власта засега, искусно молчи. И ќе остане молчелива. До 17 декември.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.