1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Oмилената германска марка

ДР /агенции
30 декември 2023

Еврото влезе во нашите животи пред 22 години, но милијарди германски марки сè уште се - некаде. Годинава беа разменети 53 милиони германски марки, дел проследени со бизарни приказни.

https://p.dw.com/p/4aZ2w
Германска марка
Кај граѓаните сѐ уште има милијарди германски маркиФотографија: Bernd Wüstneck/dpa/picture alliance

Набргу по почетокот на сега веќе старата 2023 година еден човек дошол во филијала на Бундесбанката и се претставил како член на локално здружение за заштита на животни. Рекол дека здружението добило неочекувана божиќна донација од 24.900 марки во апоени од 100 марки. Откако било разјаснето потеклото на пожолтените банкноти и несомнено докажана нивната автентичност, Бундесбанката на здружението за заштита на животните му ја префрлила противвредноста од речиси 13 илјади евра.

„Мое малечко глувче, само сакав да ти кажам колку ми недостигаш. Твојата љубена, 14.06.1996 година, 23:20 часот“ – така стои на една банкнота од пет марки која годинава си го најде патот до Централната банка и беше уништена како и сите други стари германски марки.

Кавгите меѓу партнерите често ги предизвикуваат ситници, но ретко се случува да мора да интервенира Бундесбанката. Имено, фактот дека нејзиниот сопруг - без нејзина согласност - испратил 20,78 германски марки во банката за да ги смени во евра толку ја разлутил сопругата што сопругот побрзал во филијалата на банката во Мајнц, пред таму да пристигнат монетите и побарал да му ги вратат ситните парички.

„За среќа, нашите колеги од филијалата во Мајнц ја препознаа неговата пратка и ја вратија по пошта. Се надеваме дека успеавме малку да ја смириме ситуацијата“, изјави членот на Управниот одбор на Бундесбанката, Буркхард Балц, во интервју за германската новинска агенција ДПА во Франкфурт.

Германска марка
Монети на германската маркаФотографија: Julian Stratenschulte/dpa/picture alliance

Разменети 53 милиони марки во текот на единаесет месеци

Годинава, во повеќе од 91 илјади случаи, Бундесбанката успеа да ги замени старите банкноти и монети од германски марки во евра. Од јануари до крајот на ноември се собрани нешто повеќе од 53 милиони германски марки, или во противвредност повеќе од 27 милиони евра. Тоа значи дека обемот на размена на марки во евра се зголемува вторпат по ред.

„Очекуваме дека и во наредните години ќе бидат разменети многу германски марки“, изјави Балц.

Речиси 22 години по воведувањето на еврото како валута, што се случи на крајот од 2001/2002 година, милијарди германски марки и натаму не се вратени или сменети.

Според Бундесбанката, до крајот ноември 2023 година, сè уште меѓу народот има нешто помалку од 12,2 милијарди марки, што се околу 6,24 милијарди евра. Станува збор за банкноти во вредност од околу 5,7 милијарди марки и монети во вредност од околу 6,6 милијарди марки.

„Секогаш сум импресиониран од тоа колку германски марки сè уште не се вратени во Бундесбанката, дури и во третата деценија откако националната валута беше заменета со еврото“, вели Буркхард Балц од Бундесбанката.

германска марка евро
Курсот на размена беше фиксиран со воведувањето на еврото: за 1,95583 германски марки се добива едно евроФотографија: Christin Klose/dpa/picture alliance

Имате ли германски марки?

Германија е една од шесте земји во еврозоната во кои е можна размена на старата национална валута во евра - на неограничен временски период. Истото важи и за Австрија, Ирска, Естонија, Летонија и Литванија.

Секој кој сè уште има стари германски марки или случајно ќе најде, може да ги замени бесплатно во сите 31 филијала на Бундесбанката, или по пошта преку филијалата на Бундесбанката во Мајнц. Курсот беше фиксиран со воведувањето на еврото: за 1,95583 германски марки се добива едно евро. Некои од старите банкноти и монети веројатно никогаш нема да бидат заменети - на пример затоа што се во рацете на колекционери. Бундесбанката, исто така, претпоставува дека значаен дел од марките се во странство, бидејќи германската марка беше популарна ширум светот како резервна валута.

#DE_facto: Добрата стара германска марка