1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германците и марката: Цврста валута и долга љубов

Јерн Бендер | дпа
21 јуни 2023

Германската марка е историја повеќе од 20 години, но во главите на многумина е присутна до ден-денес. Марката беше воведена на денешен ден пред 75 години.

https://p.dw.com/p/4So9Q
Банкнота од сто германски марки
Банкнота од сто германски маркиФотографија: Patrick Pleul/dpa/picture-alliance

„Марката е нешто што некои Германци го сакаат повеќе од сопствената сопруга“ - вака во октомври 1997 година тогашниот сојузен министер за финансии Тео Вајгел (ЦСУ) ја сумираше блиската врска што многу Германци ја имаа со нивната валута. Во своите паричници луѓето повеќе од 20 години имаат евра, но многумина во главата сѐ уште ја имаат германската марка: Зарем топка сладолед, за која денес треба да се плати до 2 евра, не чинеше ни 30 фенинзи? Германската марка, симбол на економското закрепнување на Германија по Втората светска војна, стана мит.

Кога германската марка беше воведена во западните окупациски зони на 21 јуни 1948 година, полиците во продавниците се наполнија преку ноќ. Трговците ја извадија натрупаната стоката од магацините, собирана поради тоа што веќе не ѝ веруваа на претходната валута, рајх-марката. Со текот на времето, германската марка се разви во втората најважна резервна и трговска валута во светот по американскиот долар. Германската марка е „симбол на едно бајковито време, во кое изградивме сопствена мала куќичка“, изјави во мај 2002 година, неколку месеци по воведувањето на еврото, бихејвиоралниот терапевт од Хамбург, Ивер Ханд.

#DE_facto: Добрата стара германска марка

Сепак, остриот рез направен со валутната реформа во 1948 година беше исто така шок. Салдото на малите штедачи се „стопи“ - од 100 рајх-марки во штедните книшки станаа 6,50 германски марки. За разлика од тоа, платите, кириите и даноците беа конвертирани во сооднос 1:1. Секој граѓанин доби по 40 марки и уште 20 марки еден месец подоцна. Недостигот на пари беше основа за стабилна валута, на црниот пазар веќе немаше „трампа“ и „цигари како валута“.

Децении подоцна, најголемиот тест за германската марка дојде сосема неочекувано: „Ако дојде марката, ќе останеме; ако не дојде, ќе одиме кај неа!“, извикуваа луѓето во Источна Германија есента 1989 година. Уште пред да се случи политичко обединување, германската марка на 1 јули 1990 година ја замени ГДР-марката. Курсот на размена беше 1:1. Пред сè, тогашниот канцелар Хелмут Кол (ЦДУ) се залагаше за брза економска и монетарна унија - и покрај предупредувањата од Бундесбанката. Проблемот беше што со воведувањето на германската марка, планската економија на ГДР која пропаѓаше, преку ноќ се најде во суровата конкуренција на пазарната економија.

Германската марка на 1 јули 1990 година ја замени ГДР-марката
Германската марка на 1 јули 1990 година ја замени ГДР-маркатаФотографија: Waltraud Grubitzsch/dpa/picture-alliance

Добри единаесет години подоцна, на преминот од 2000 кон 2002 година, еврото ги замени германската марка, франкот, лирата, шилингот и компанија. По еуфоријата, во Германија брзо следуваше разочарување: многу луѓе го доживуваа еврото како „скапо“. Иако статистичарите и економистите аргументираа со сите сили, потрошувачите при пазарувањето, во кафулињата или на фризер не можеа да се ослободат од чувството дека цените од марки беа претворени во евра во сооднос 1:1. Играта со зборови „ојро-тојро“ (ојро - евро, тојро - скапо) стана толку популарна, што „Тојро“ истата година стана „збор на годината“ во Германија. Дали злите јазици беа во право дека заедничка валута со Италијанците и Грците, меѓу другото, неизбежно мораше да стане мека валута? Тогашниот канцелар Кол знаеше за загриженоста, а тоа подоцна отворено го призна во едно интервју: „Ако спроведевме референдум за воведување на еврото на местото од германската марка, најверојатно ќе загубевме.“

Која валута е поцврста: германската марка или еврото? Последниот претседател на Бундесбанката од ерата на германската марка, Ханс Титмајер, кој почина во 2016 година, ја раскажа анегдотата дека на крајот на 1990-тите, по повод воведувањето на еврото, го прашал пророкот од Делфи која валута ќе биде постабилна на долг рок: германската марка или еврото. Тој го добил одговорот: „Марката не еврото“. Не дознал каде стои запирката во реченицата, дали пред или по „не“. Всушност, еврото се покажа како стабилна валута. Во 25-те години од своето постоење, Европската централна банка (ЕЦБ) ја постигна целта за просечна годишна стапка на инфлација од два процента.

германска марка евро
На преминот од 2000 кон 2002 година, еврото ја замени германската маркаФотографија: Stephan Persch/picture alliance

Според истражувањата на Европската унија, еврото има широка поддршка: повеќе од 80 отсто од Германците и повеќе од 70 отсто од Европејците ја поддржуваат заедничката валута. Но, евроскептицизмот и копнежот за германската марка во никој случај не исчезнаа. Сепак, поранешниот главен економист на ЕЦБ, Отмар Исинг, смета дека желбата за враќање на Д-марката е носталгија: „Таа се потпалува од цената на пивото на Октоберфест во Минхен, а луѓето забораваат дека и во времето на марката оваа цена се зголемуваше од година во година“, изјави тој во 2018 година.

Комплексно е и објаснувањето за она што на прв поглед се чини како бесрамно висока цена за топка сладолед: повисоки плати, а со тоа и поголема куповна моќ, повисоки цени на суровините и енергијата за производителите, поголема бирократија. Секој кој сè уште има стари залихи на германски марки или ги добил случајно - на пример во случај на наследство - со нив веќе и онака не може да купи ништо. Сепак, размената во евра во Бундесбанката може да се прави на неограничено време.