За 70 илјади компании поевтина струја за 20 отсто
28 декември 2022За 20 отсто се намалува цената на струјата за малите фирми коишто се на регулираниот пазар. Според информациите на ДВ, станува збор за околу 70 илјади компании. За домаќинствата, пак, извесно е дека ќе има намалување за оние коишто трошат рационално. Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) денеска (28.12) ќе одржи подготвителна седница, по што се очекува да ги соопшти цените за домаќинствата според важечките блок-тарифи.
Претходно, регулаторното тело ги објави барањата на енергетските компании за цената на електричната енергија на регулираниот пазар по 1 јануари идната година. АД МЕПСО бара зголемување на цената за пренос на електрична енергија за 29,75 проценти, „ЕВН Електродистрибуција“ бара намалување на услугата за дистрибуција на електрична енергија за 2,8 проценти, а универзалниот снабдувач „ЕВН Хоум“ бара зголемување за пет отсто на цената за снабдување со електрична енергија.
Подготвителна седница
„Денеска имаме подготвителна седница, по што на прес-конференција ќе биде соопштена цената на електричната енергија која што ќе биде на сила од 1 јануари. За малите потрошувачи блок-тарифи ќе нема, а за домаќинствата продолжува моделот на блок-тарифирање во скапата дневна тарифа“, вели портпаролката на РКЕ, Марина Узунов за ДВ.
Првиот човек на РЕК, Марко Бислимоски деновиве изјави дека доколку РКЕ ги прифати барањата на енергетските компании, просечната цена на струјата ќе се зголеми од 3,5 до 4 отсто. Заедно со ДДВ-то кое од 1 јануари 2023 година ќе се врати од 5 на 10 отсто зголемувањето на цената на струјата за домаќинствата и малите потрошувачи ќе биде околу 9 отсто.
Бислимоски најави дека е можно намалување на дистрибутивната маржа со оглед на тоа дека Електродистрибуција побарала за 2,8 намалување на цената за дистрибуција. На тој начин ќе се помогне не само на малите потрошувачи и домаќинствата, туку и за сите компании коишто се на слободниот пазар на електрична енергија.
За домаќинствата останува иста блоковската структура и границите, додека воведувањето на блокови за малите потрошувачи се одложува до 30 јуни идната година. „Нашите анализи покажаа дека во овој момент не може да се воведе блокови за малите потрошувачи, бидејќи кај нив има огромна шареноликост на потрошувачката. Правиме дополнителни анализи и тоа најверојатно ќе стартува од 1 јули“, рече Бислимоски.