1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

РКЕ ги прави последните пресметки колку ќе поскапи струјата

ДТЗ
26 декември 2022

Цената на струјата за домаќинствата ќе се зголеми од 3,5 до 4 отсто, а заедно со ДДВ-то зголемувањето ќе биде околу 9 отсто, најави првиот човек на РКЕ, Марко Бислимоски

https://p.dw.com/p/4LQw3
Марко Бислимоски
РКЕ ги прави последните пресметки колку ќе поскапи струјатаФотографија: DW/K. Delimitov

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) ги прави последните пресметки колку ќе поскапи струјата по Нова година. Доколку РКЕ ги прифати барањата на енергетските компании, просечната цена на струјата ќе се зголеми од 3,5 до 4 отсто. Заедно со ДДВ-то кое од 1 јануари 2023 година ќе се врати од 5 на 10 отсто зголемувањето на цената на струјата за домаќинствата и малите потрошувачи ќе биде околу 9 отсто.

Кои се барањата на компаниите?

Трите енергетски компании ги доставија своите барања до РКЕ за цената на електричната енергија на регулираниот пазар по 1 јануари идната година. АД МЕПСО бара зголемување на цената за пренос на електрична енергија за 29,75 проценти, „ЕВН Електродистрибуција“ бара намалување на услугата за дистрибуција на електрична енергија за 2,8 проценти, а универзалниот снабдувач „ЕВН Хоум“ бара зголемување за пет отсто на цената за снабдување со електрична енергија.

„Доколку се прифатат барањата како што се наведени, просечната цена за снабдување на малите потрошувачи и домаќинствата би се зголемила за 3,5 до 4 проценти, а зголемувањето на ДДВ-то од 5 на 10 отсто ќе има влијание од 4,72 проценти на крајниот трошок“, вели претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски. Веќе в среда би можеле да бидат познати резултатите од анализите на регулаторното тело.

Бислимоски најави дека е можно намалување на дистрибутивната маржа со оглед на тоа дека Електродистрибуција побарала за 2,8 намалување на цената за дистрибуција. На тој начин ќе се помогне не само на малите потрошувачи и домаќинствата, туку и за сите компании коишто се на слободниот пазар на електрична енергија.

За домаќинствата останува иста блоковската структура и границите, додека воведувањето на блокови за малите потрошувачи се одложува до 30 јуни идната година. „Нашите анализи покажаа дека во овој момент не може да се воведе блокови за малите потрошувачи, бидејќи кај нив има огромна шареноликост на потрошувачката. Правиме дополнителни анализи и тоа најверојатно ќе стартува од 1 јули“, рече Бислимоски.

 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи