Од 22 до 28 јануари клучна недела за техничката влада
9 јануари 2024Започнуваат подготовките за формирање на техничката влада која ќе раководи со државата 100 дена пред избори, коишто треба да се одржат на 8 мај. Како што информираат од Собранието, од 22 до 28 јануари ќе биде клучната недела за новата техничка влада, кога треба да бидат најпрво констатирани оставките на премиерот Димитар Ковачевски и на претседателот на парламентот, Талат Џафери, а потоа да бидат избрани нивните наследници.
По првата средба со координаторите на пратеничките групи е утврдено дека по две недели треба да биде избран новиот претседател на Собранието. За оставката на премиерот ќе биде информиран шефот на државата Стево Пендаровски кој ќе треба да го додели мандатот за технички премиер на Талат Џафери. Нов претседател на Собранието, пак, ќе биде актуелниот координатор на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески.
Во текот на таа клучна недела следи и изборот на техничка влада, министри, заменици министри и дополнителни заменици министри, како и констатирање на престанок на мандатот на пратеник и верификација на мандат на нов пратеник во Изборна единица 5.
Од Кабинетот на Џафери посочуваат дека седница за пратенички прашања нема да има до крајот на овој мандат на Собранието. Првата седница за пратенички прашања ќе се одржи по 100 дена мандат на влада избрана на парламентарните избори.
Незадоволство
На денешната координативна средба не присуствувале претставници на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и на албанската опозиција, која што најави бојкот на Собранието поради тоа што не е прифатен нивен кандидат за член на Државната изборна комисија.
Опозицијата деновиве најави декаќе партиципира во 100 дена влада, но не е расположена да му ја даде поддршката на Талат Џафери за технички премиер. За време на Божиќните празници, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат за техничката влада, одговори дека неговиот став е јасен и ќе го соопшти и на Централниот и на Извршниот комитет на партијата.
„Талат Џафери не ја заслужува поддршката на ВМРО-ДМНЕ и ќе се воздржиме од гласање“, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања пред Соборниот храм во Скопје. Партијата деновиве треба да ги соопшти имињата на новите министри и заменици коишто ќе ги предложи за во техничката влада.
Бојкот
Албанската опозициска коалиција Европски сојуз за промена, пак, со неучеството на денешната редовна координација кај спикерот Талат Џафери го започна бојкотот на работата на Собранието. Координаторката на пратеничката група Сафије Садики Шаини во изјава за агенцијата МИА вели дека ќе продолжат и со други правни мерки за бојкотирање на работата на Собранието, доколку не биде изгласан нивниот кандидат за член на Државната изборна комисија - Абдуш Демири.
„Доколку точката за нашиот член на ДИК не биде изгласана на пленарна седница, ќе ја бојкотираме работата во Собранието. Првиот чекор од бојкотот е неучество на координацијата. За информација, на секоја координација со претседателот на Собранието го имам поставено прашањето за нашиот член во ДИК, но Талат Џафери секој пат со образложение и објаснувања, со еден збор, го саботира и манипулира членот на албанската опозиција“, децидна е Шаини.
Доколку местото во ДИК остане непополнето, се најавува и блокирање на избирачките места во Тетово и Чаир.