1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеГерманија

Нов бран на коронавирус во Германија

18 декември 2023

Германија кашла и кива. Истражувања на одводните води покажуваат дека Ковид-19 кон крајот на 2023 зема замав. Но, многу нешта сега се сменети.

https://p.dw.com/p/4aHwd
Коронавирус вакцина
Вакцинирање против Ковид - лекарите препорачуваат за сите ранливи групиФотографија: Robert Michael/dpa/picture alliance

Кон крајот на декември 2020 година германската влада по „благиот локдаун“ од ноември кој резултираше во 7-дневна инциденција од речиси 200 случаи, го воведе вториот строг локдаун – средби беа дозволени на максимално пет лица од две различни домаќинства, училиштата се префрлија на онлајн настава, а во маркетите на големо се купуваа резерви заради нивното наводно претстојно затворање.

Точно три години по ваквата слика, вирусот одамна веќе не е некогашното „страшило“,  повеќето луѓе во земјата се вакцинирани,  речиси сите имаат стекнато базичен имунитет. А, сепак матичните лекари повторно се на работ на своите капацитети, телефонот постојано звони. „Сега повторно е типична сезона на инфекции, многу се кива и кашла. Кога понеделнички ја отвораме ординацијата, 70 луѓе без термин чекаат на ред – стари, млади, мажи, жени. Околу 80 проценти по моја проценка се заради вирусни инфекции, половина од нив поради корона", вели докторот по општа медицина, Ларс Рештад.

Корона: мал број тешки случаи

Многумина сепак не носат маски, па персоналот ги продава за 50 центи на пациентите. Рештад поради ситуацијата има специјални термини за вирусни инфекции, а попладне пациентите може да се вклучат и со видео повик. Составен дел од новиот корона бран е дека повеќето луѓе веќе не се ни тестираат. Дури и претседателот на Здружението на општи лекари, Вестфален-Липе, тестира само кога некој пациент се чувствува многу лошо. „Немаме веќе тешки случаи, имав една 94-годишна пациентка која мораше да биде хоспитализирана поради корона. Инаку, повеќето пациенти се жалат на проблеми со желудникот, дијареа и главоболки како последици од короната, а многу помлади пациенти се чувствуваат исцрпени и по две недели не може да одат на работа", додава лекарот.

Речиси осум милиони лица со респираторни заболувања

Според институтот Роберт Кох, околу осум милиони лица во моментов страдаат од респираторни заболувања, односно речиси секое десетто лице во земјата е болно. Божиќни прослави се откажуваат, општините затвораат, во училиштата се губи настава поради болните наставници. Речиси секое четврто лице кое е хоспитализирано поради тешка респираторна инфекција, е заразено со корона. Министерот за здравство, Карл Лаутербах, предупредува граѓаните да бидат внимателни и да се вакцинираат. 7-дневната зачестеност изнесува 38, на врвот на Омикрон бранот пролетта 2022 година изнесуваше речиси 2000 лица. Но, адекватна слика за ситуацијата веќе не може да се добие преку мерење на зачестеноста, затоа што луѓето едвај и да се тестираат.

 Пречистителна станица Германија
Анализата на отпадните води во пречистителни станици дава слика за раширеноста на коронавирусотФотографија: Rupert Oberhäuser/imageBROKER /picture alliance

Затоа систем за рано предупредување сега се 123 селектирани прочестителни станици, затоа што инфицираните го исфрлаат вирусот уште пред самите да забележат дека се заразени. Во водите сега има околу еден милиони генетски копии на вирусот, колку што последен пат се забележани кога почна мерењето во јуни 2022 година.

Вирологот Мартин Штирмер од Франкфурт посочува на друго истражување кое ги открива вистинските димензии на корона бранот. „СентиСерв студијата од Рајнланд-Фалц тестира 10 илјади учесници со ПЦР тестови во редовни интервали, без разлика на тоа дали имаат или не симптоми. Актуелно зачестеноста таму изнесува речиси 3900 слуачи за 7 дена, наспроти 2600 минатата недела. Тоа значи дека сега сме во фаза во која бројот на корона случаи масовно се зголемува", заклучува тој.

Пирола варијантата во пораст

Но, не е само корона вирусот во подем, туку и вообичаените респираторни инфекции со грип и други вируси. Штирмер сепак смирува со фактот дека нема значително зголемување на бројот на хоспитализирани и лица на интензивна нега, или пак смртни случаи. Вирологот посочува дека „изминатите денови и недели се забележува промена од варијантите на Ерис кон варијантите на Пирола, чијашто првична варијанта имаше 30 мутации. Во Германија сега е застапена варијантата БА.2.86.1, а уште повеќе ЈН.1, која сега веќе е одговорна за речиси една третина од потврдените случаи на корона инфекции."

Маски и вакцини како заштита од корона

За Штирмер следните недели ќе бидат предизвик. Тој апелира на ризичните групи како лица над 60-годишна возраст и со коморбидитети,  да се вакцинираат.   Вакцината истовремено нуди заштита од заболувања како синдромот на долгорочен Ковид, односно здравствени проблеми кои траат подолго од четири недели по заразувањето. „Од населението често ја слушаме изјавата 'во никој случај веќе нема  да носам маска.'  Постои одредена одбивност спрема мерки кои имаат смисла. И подготвеноста за вакцинирање е сигурно на многу ниско ниво. Сето тоа се фактори, кои позитивно комуницирани значително би можеле да ги подобриме", вели Штирмер.