1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нобел за мир за активисти од Белорусија, Русија и Украина

БГ /АФП
7 октомври 2022

Годинешната Нобелова награда за мир ја добија затворениот белоруски активисти Алес Бјаљицки, руската организација за човекови права Мемориал и украинската Центар за граѓански слободи.

https://p.dw.com/p/4Ht7o
Алес Бјаљицки
Белорускиот активист Алес Бјаљицки е меѓу годинешните лауреати на Нобеловата награда за мирФотографија: Vit Simanek/CTK/dpa/picture alliance

Затворениот белоруски активист за човекови права Алес Бјаљицки, руската организација за човекови права Мемориал и украинската Центар за граѓански слободи се добитниците на Нобеловата награда за мир за 2022 година, соопшти Нобеловиот комитет. 

„Норвешкиот Нобелов комитет сака да им оддаде почест на три извонредни заштитници на човековите права, демократијата и мирољубивата коегзистенција во Белорусија, Русија и Украина“, соопшти претседателката на Комитетот Берит Рајс-Андерсен. Таа ги повика властите во Белорусија да го ослободат Бјаљицки кој е во затвор поради пресуда за даночно затајување.

„Нашата порака е повик до властите во Белорусија да го ослободат г. Бјаљицки и се надеваме дека тоа ќе се случи и тој ќе може да дојде во Осло за да ја прими наградата“, изјави Рајт-Андерсен. 

Примери за граѓанска активност  

Нобеловата награда за која следуваат и средства во износ од 10 милиони шведски круни (околу 900 илјади евра), ќе биде доделена во Осло на 10 ноември, на годишнината од смртта на шведскиот индустријалец Алфред Нобел кој ја основаше наградата преку својот тестамент во 1895 година. 

„Лауреатите на Наградата за мир ги претставуваат граѓанските општества во своите земји. Долги години тие го промовираа правото да се критикува власта и да се заштитат основните права на граѓаните“, се наведува во образложението на норвешкиот Нобелов комитет. 

„Тие вложија исклучителен напор да ги документираат воените злосторства, нарушувањата на човековите права и злоупотребата на моќта. Заедно, тие ја демонстрираат важноста на граѓанското општество за мирот и демократијата“. 

Добитници на Нобеловата награда за мир, која се доделува од 1901 година, минатата година беа истражувачките новинари Марија Реса од Филипините и Дмитри Муратов од Русија. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи