Нобеловата награда за литература за Ани Ерно
6 октомври 2022Француската писателка, 82-годишната Ерно е наградена за „храброста и клиничката острина со која ги открива корените, отуѓувањата и колективните ограничувања на личната меморија“, соопшти жирито. Во изјава за шведската телевизија веднаш по објавата, Ерно рече дека наградата е „многу голема чест“ и „голема одговорност“.
Нејзините повеќе од 20 книги, од кои повеќе се дел од училишните лектири во Франција со децении, нудат еден од најсуптилните, проникливи погледи во социјалниот живот на модерна Франција.
Кристалната проза на Ерно го отвори нејзиниот премин од девојка од работничката класа до книжевната елита, фрлајќи критички поглед врз општествените структури и нејзините сопствени комплицирани емоции.
„Во нејзините дела, Ерно постојано и од различни агли, го истражува животот одбележан со силни нееднаквости во однос на полот, јазикот и класата“, соопшти Шведската академија.
Бескомпромисна авторка
„Нејзината работа е бескомпромисна и напишана на обичен прочистен јазик“, се дополнува.
„И кога таа со голема храброст и клиничка острина ја открива агонијата на искуството на класите, опишувајќи срам, понижување, љубомора или неможност да се види кој сте, таа постигна нешто восхитувачко и трајно“.
Нобеловата награда се состои од медалја и парична сума од 10 милиони шведски круни (околу 900 илјади евра).
Минатата година, наградата ја доби писателот од Танзанија Абдулразак Гурнах, чија работа е фокусирана на страдањата на бегалците и прогонот, колонијализмот и расизмот.
Ерно е 17-та жена која ја добива престижната награда од вкупно 119 нобелови лауреати од почетокот на доделувањето на наградата во 1901 година.
Во петок ќе биде прогласен добитникот на годинешната Награда за мир.