НАТО: Кој ќе го наследи Јенс Столтенберг?
1 април 2023Во октомври ќе биде испразнета највисоката дипломатска функција во НАТО. Генералниот секретар Јенс Столтенберг, на функција уште од 2014 година, уште минатиот февруари преку својот портпарол соопшти дека нема намера да го продолжи договорот со НАТО.
Од најавата на Столтенберг, во Брисел почнаа шпекулации: кој ќе биде 14. генерален секретар на Алијансата? Или генерална секретарка? Зашто, прва жена на оваа функција би била добредојдена. Речиси половина од 30 амбасадори на НАТО дискретно во игра уфрлија свои кандидати. Да одиме по ред.
Што се бара од секретарот на НАТО?
Тој или таа мора да ги држи земјите членки обединети, да ги балансира интересите, да промовира консензус меѓу 30 членки, сеедно дали заканите по политичката кохезија доаѓаат од Трамп или од Путин. Се бараат дипломатски вештини и лојалност кон сојузот.
Генералниот секретар нема овластувања за носење политички одлуки. Тој само формално претседава со Северноатлантскиот совет, највисоко тело за носење одлуки. Тоа важи и за воените овластувања. Исто така, го застапува НАТО нанадвор, кон другите влади и медиумите.
Идната личност на таа функција во својата биографија мора да има функција на шеф на држава или влада. Мора течно да зборува англиски јазик, а француски е пожелно.
Кои критериуми играат улога?
Личноста мора да е во добри односи со Вашингтон, на крајот сепак клучни се САД, иако традиционално генерален секретар е Европеец. САД го даваат врховниот командант на НАТО- силите, што во еден воен сојуз е поважна функција.
Сите 30 влади мора со консензус да го прифатат новиот генерален секретар. Затоа се важни регионалните интереси, потеклото и политичката позадина, но и воената тежина и дипломатско значење во земјата на потекло.
На пример, во овој момент би било незамисливо на оваа функција да дојде некој од Турција, поради тешкотиите кои претседателот Реџеп Таип Ердоган ги има со пристапувањето на Шведска. Наспроти тоа, тешко е да се замисли Турција да одобри некого од Финска.
Но, кај претходните 13 личности, имаше секакви можни варијации. Не секогаш беа исполнети сите критериуми. Единствениот германски генерален секретар на НАТО, Манфред Вернер (на функција од 1988 до 1994 година), никогаш на пример не бил шеф на влада, туку само министер за одбрана. Тоа важи и за мнозинството други носители на функцијата. Првиот генерален секретар на НАТО; британскиот лорд Хејстингс Исмеј, претходно бил само државен секретар, но затоа имал чин генерал.
Како функционира процесот на избор?
Ништо не е формално дефинирано. Не постои официјална комисија за избор. Дипломатите во тајност преговараат за своите влади, додека не се постигне консензус. Нема формално гласање.
А кога сѐ ќе заврши, шефовите на држави или влади на Алијансата го соопштуваат новото име на самит. Следниот самит на кој тоа може да се случи е во Вилнус, Литванија, на 11 јули.
Кој е во игра?
Поради моменталните закани од Русија, еден дипломат од НАТО, кој не сака да биде именуван, смета дека на функцијата би дошла жена од Балтичките земји. Предвид доаѓа актуелната премиерка Каја Калас или премиерката на Литванија, Ингрида Симоните. Се споменува и Зузана Чипутова, претседателка на Словачка, земја која има директна граница со нападнатата Украина. Нејзината номинација би можела да се толкува како чин на солидарност.
Но, југоисточното крило на НАТО исто така има кандидат: Клаус Јоханис, претседател на Романија, земја од стратешко значење за НАТО поради својата местоположба на Црно Море.
На југ, Италија наводно го препорачала Марио Драги, бивш премиер, само за да го истакне правото на јужњаците на таа функција.
За Велика Британија се вели дека исто така има амбиции, зашто по Брегзит сака да стане повидлива на меѓународно ниво. Кандидат би можела да биде бившата премиерка Тереза Меј, што им е тешко замисливо на многу политичари во ЕУ, кои со години со неа се бореа околу договорот за Брегзит.
Одредени шанси има наводно и канадската министерка за финансии, Кристија Фриленд. Таа е внука на украински доселеници. Во Канада нејзиното потекло беше предмет на жестоки дебати, зашто руски пропагандни медиуми истакнуваа наводни врски на нејзиниот дедо со нацистите во текот на Втората светска војна. На крајот од Канада беа протерани руски дипломати, кои сакаа да ја нарушат репутацијата на Кристија Фриленд. Нејзин главен проблем е што не е Европејка. Прашање е дали европските земји од НАТО би се одрекле од функцијата на која традицонално имаат право. Меѓутоа, како што пишува „Вашингтон пост“, Канаѓанката наводно има поддршка од САД.
Столтенберг уште една година?
По ходниците во седиштето на НАТО во Брисел може да се чуе и гласина дека Јенс Столтенберг би можел и да остане, зашто во актуелната воена ситуација, таму не сакаат да се занимаваат со кадровски прашања.
Можно е Столтенберг да го продолжи договорот до април 2024 година. Тогаш НАТО ќе наполни 75 години, што ќе се прослави на самит во Вашингтон. Во прилог на тоа зборува и фактот дека моментално ионака е зафатена позицијата која Столтенберг првично ја посакуваше – да биде шеф на Централната банка на Норвешка.
Потрагата значи ќе потрае уште некое време. Германската новинска агенција во Брисел истакнува дека имињата кои во почетокот често се споменуваат во јавноста, на крајот сепак испаѓаат од игра. Тоа е уште едно чудно, непишано правило во кадровската селекција. Значи, можни се изненадувања.