1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Москва се заканува со напади врз држави од НАТО

ЖА / агенции
16 декември 2022

Рускиот екс претседател Дмитри Медведев, кој е заменик шеф на националниот Совет за безбедност, се закани со напади врз земји членки во НАТО.

https://p.dw.com/p/4L4UB
Рускиот екс претседател Дмитри Медведев се заканува со напади врз членки на НАТО
Рускиот екс претседател Дмитри Медведев се заканува со напади врз членки на НАТОФотографија: Ekaterina Shtukina/SNA/IMAGO

Војската и објекти во земјите кои официјално ќе стапат во војна со Русија или пак се сојузници на противникот,  претставуваат легитимна цел на напади, напиша Медведев на својот канал на Телеграм. Според 57-годишниот поранешен руски претседател, во  евентуалните цели на напади спаѓаат и членки на НАТО:  „Лидерите на НАТО-државите  едногласно тврдат дека  нивните земји и Алијансата во целина не војуваат против Русија.  Но, тоа не е точно“, смета Медведев. Покрај политичкото водство и противничката војска, како и нејзината техника, од аспект на Медведев легитимна цел на напади се и објекти на воена или цивилна инфраструктура, како мостови и мрежите за енергетско снабдување.

Кремљ денеска соопшти дека рускиот претседател Владимир Путин в понеделник ќе оди во својата прва посета на Белорусија по повеќе години. Со својот колега по функција, белорускиот властродржец Александар Лукашенко, во Минск Путин ќе разговара за стратешкото партнерство меѓу двете земји, како и за регионални и меѓународни прашања. Во војната во Украина, Белорусија ги става на располагање на Москва своите воени бази за напади врз цели во Украина.

Во Минск ќе патуваат и бројни членови на руската влада. Белорусија е економски зависна од Русија, Лукашенко практично живее од кредитите на Путин.

Пред неколку дена, белоруската армија ја подигна  борбената готовност на војниците на границата со Украина.  Белорускиот секретар за државна безбедност Александар Волфович изјавил дека оваа задача произлегува од анализата на она што Русија го нарекува „специјална воена операција“.

Според агенцијата Ројтерс, оваа акција на белоруската армија предизвикала загриженост дека Белорусија би можела да и` се придружи на Русија во конфликтот во Украина.

Според некои западни воени аналитичари, белоруската армија нема сила и борбено искуство, но нејзиниот евентуален напад врз северна Украина би бил товар за Киев, кој се фокусира на борбите со руските сили на југоисток.