1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Некои Германци сакаат повеќе белци во фудбалскиот тим

Тобијас Оелмајер
4 јуни 2024

Резултатот од истражувањето шокираше многумина пред почетокот на Европското првенство во Германија. А селекторот и некои репрезентативци се изнервираа што воопшто се поставува ова прашање.

https://p.dw.com/p/4gd8Z
германска репрезентација
Тренинг на германската репрезентацијаФотографија: Markus Gilliar/GES/picture alliance

Нешто повеќе од една петтина од Германците (21 отсто) сметаат дека би било „подобро да има повеќе бели играчи“ во германската фудбалска репрезентација, додека околу две третини (65 отсто) се противат на овој став.

Ова е резултат на анкета од април, која сега ја објави јавниот сервис WDR. Анкетата е направена за потребите на нивната документарна серија.

Две третини од анкетираните се согласиле со изјавата дека е „добро“ што сега во репрезентацијата играат „многу фудбалери кои имаат мигрантско потекло“. Исто така, две третини немаат проблем со тоа што капитенот Илкај Гундоган има турски корени, додека за 17 отсто тоа е проблем. 

Секогаш под лупа 

Во документарецот на WDR зборува и поранешниот фудбалер Џералд Асамоа, еден од првите црнци во германската репрезентација. Како што вели, честопати доживувал расистички навреди. „Тие ме пцуеја, така што тоа беа ниски удари, некои зборови не би сакал да не ги повторам“.

Шкодран Мустафи – роден во Германија од родители Албанци од Македонија – го освои Светското првенство со Германија во 2014 година. Тој изјави за WDR како тој и другите играчи со странски корени биле под лупа:

„Кој ја пее националната химна? Кој не пее? Дали некој е интегриран или не? Дали некој е благодарен што може да игра за Германија или не?“, набројува Мустафи. 

На поширокиот репрезентативен список за претстојното Европско првенство има девет играчи со мигрантско семејство: Антонио Ридигер, Џонатан Та, Валдемар Антон, Бенџамин Хенрикес, Илкај Гундоган, Александар Павловиќ, Лирој Сане, Џамал ​​Мусијала и Дениз Ундав. 

Екстремно десничарските и левичарските гласачи сакаат повеќе белци 

Желбата за „побела“ репрезентација најчесто ја изразувале приврзаниците на десничарската Алтернатива за Германија и тоа речиси секој втор (47 проценти). Гласачите на новата левичарска партија на Сара Вагенкнехт - која, патем, има ирански корени - следат со 38 проценти.

Но, и некои симпатизери на други партии сакаат повеќе белци во репрезентацијата. Гласачите на демохристијаните во 18 отсто од случаите, социјалдемократите 14 отсто и зелените пет отсто.

Репрезентативецот Јозуа Кимих во тренинг кампот на тимот беше прашан за резултатите од ова истражување: „Фудбалот е многу добар пример за тоа како различните нации, боите на кожата и религиите можат да се обединат. Тоа е работата“.

Јозуа Кимих 
Според Јозуа Кимих поставувањето на вакво прашање во анкетата е „апсурдно“ и „контрапродуктивно“.Фотографија: Christian Charisius/dpa/picture alliance

Тој го нарече одбивањето на играчите со мигрантско потекло „апсолутно расистичко“. Дури и поставувањето на вакво прашање во анкетата го нарече „апсурдно“ и „контрапродуктивно“.

Селекторот е изнервиран од анкетата 

Тренерот Јулијан Нагелсман беше видно изнервиран на прес-конференцијата. Се надевам дека никогаш повеќе нема да читам за оваа глупава анкета“, изјави поранешниот тренер на Бајерн и Хофенхајм.

„Бев шокиран што се поставуваат такви прашања - и што луѓето одговараат на нив“, додаде Нагелсман.

Поради критиките на анкетата, се огласи шефот на спортската редакција на WDR, Карл Фалкс. Според него, репортерот кој се занимавал со оваа тема не еднаш слушнал од луѓето дека на теренот има премалку „вистински“ Германци.

„Ние донесовме свесна одлука тоа да не го пренесуваме анегдотски, туку да го поткрепиме со податоци“, рече тој.