Германија го замени Адидас за Најки
22 март 2024Уште на фотографијата од решавачкиот гол на Хелмут Ран во 84. минута од финалето против Унгарија во Швајцарија во 1954 година, кога Германија стана светски првак, може да се забележи незаменлив детал: дресовите на германскиот тим тогаш беа сè уште едноставни, без непотребни детали кои денеска можеме да ги забележиме, па дури и голем амблем на Германскиот фудбалски сојуз (ДФБ) на левата страна од градите. Но, копачките на Ран и на сите други имаат по три ленти, заштитен знак на производителот на спортска опрема Адидас од Херцогенаурах во близина на Нирнберг.
Дресовите на најдобрите германски фудбалери се сменија, но трите ленти на Адидас секогаш можеа се појасно да се видат - не само на копачките, туку набрзо и насекаде на дресот. Секако, тогаш сите љубители на спортот едноставно мораа да имаат опрема од овој германски производител. Од 47-те вработени во „Adi Dassler adidas Sportschuhfabrik“, колку што имало во 1949 година, денес тоа е меѓународен концерн со речиси 60 илјади соработници. Има и безброј копии: има производители со четири ленти, има и две, но „вистинските“ Адидас се само оние со три.
Истиот дрес како најдобриот
И пред Втората светска војна, браќата Даслер рачно правеа патики за врвните спортисти од тоа време, но тие денови одамна ги нема. Речиси и нема разлика во материјалите и перформансите на денешната спортска опрема, но се покажа како врвна реклама. Многу навивачи упорно ги купуваат најновите модели и покрај апсурдно високата цена, но профитот е уште поголем во продажбата на „лајфстајл“ што се поврзува со овој или оној производител.
Затоа одлуката на Германскиот фудбалски сојуз дека Адидас ќе биде главен спонзор на германскиот тим само до крајот на 2026 година беше вистински шок дури и за германскиот министер за економија Хабек. „Тешко дека можам да го замислам дресот на германскиот тим без трите ленти. Адидас и германската тробојка црно-црвено-златно секогаш ми припаѓаат заедно. Тоа е дел од германскиот идентитет. Овде би можел да посакам малку повеќе локал патриотизам“, рече министерот.
Најк се шири
Дотолку повеќе што американскиот производител на спортска опрема е само еден вид новодојденец во светот на фудбалот. Но, Најки сфати каков деловен потенцијал тоа носи: од 1994 година ја опремува бразилската фудбалска репрезентација, од 2000 година е официјален спонзор на Хрватскиот фудбалски сојуз, Франција, исто така, ги замени трите ленти со „Најк“ во 2011 година, и во 2013 година Англија од опремата Умбро исто така премина на американскиот производител. Италија минатата година ја прекина соработката со Пума и премина на Адидас.
Германскиот спортски новинар Маркус Блумберг тврди дека германските фудбалери не треба да се врзуваат за Адидас , особено затоа што Најки му дал на Германскиот фудбалски сојуз „универзално подобра“ понуда за квалитетна спортска опрема. Дали има некаква разлика во квалитетот - тоа го оставаме на сопствена проценка, но секако се работи за сериозни пари. Како што пренесува Handelsblatt, понудата на Адидас до ДФБ била 50 милиони евра годишно, Најк понудил 100 милиони. Сепак, ДФБ објави дека ова спонзорство првично е ограничено на седум години - а потоа ќе видиме.