Пријава за Бектеши: Попречување на правдата или притисок?
29 јули 2024Поранешниот министер за економија Крешник Бектеши се најде под лупа на охридската полиција која што поднесе кривична пријава против него за попречување на правдата. Според полициското соопштение, тој на 07.05.2024, од својот мобилен телефон преку мобилна апликација испратил порака на полициски началник во СВР Охрид со која коментирал преземање на законски полициски мерки и истражни дејствија поврзани со кривично дело по член 149 од Кривичниот законик и член 190 став 2 од Изборниот законик. Од ДУИ реагираа дека станува збор за политички мотивиран „лов на вештерки“, по што Бектеши на социјалните мрежи ја објави пораката која што ја испратил на полицискиот началник.
„Секоја чест. Јаки сте. Срамота треба да ви е да се занимавате со млади луѓе“, се вели во пораката.
Политичко прогонство и заплашување
Бектеши оценува дека кривичната пријава против него е политички прогон и заплашување. „Политичко прогонство, целта на заплашувањето нема да ви помине! На 7 мај, како координатор на Европскиот фронт во Изборната единица 5, од Штабот на Европскиот фронт во Охрид добив информација дека на денот на изборниот молк, претседателот и членовите на Штабот биле контролирани од страна на СВР-Охрид, што е директна интервенција во изборниот процес од страна на СВР-Охрид“, објаснува Бектеши.
Според него, целта за ваквиот потег е одмазда за поразот што граѓаните и го направиле на власта на 8 мај. „Како Крешник Бектеши, секогаш ќе се грижам за граѓаните кои се во постојан обид за заплашување, како што се моите сонародници во Охрид, Ресен, Крушево, Долнен и.т.н. И во тоа, ништо освен Бог не може да ме спречи“, вели Бектеши.
„Лов на вештерки“
Претходно реагираше и Демократската унија за интеграција која ваквите обвинувања против Бектеши ги оквалификува како неосновани.
„ДУИ ги осудува политички мотивираниот „лов на вештерки“ кој е насочен кон нашиот поранешен министер за економија, Крешник Бектеши, и ДУИ како политичка организација. Неоснованите обвинувања за „попречување на правдата“ против него се последните во серија неосновани обвинувања и закани кои имаат за цел дискредитација на нашата партија и нејзините претставници. Во текот на минатиот месец се соочивме со бројни закани за животите на нашите пратеници и партиски функционери, покрај дневните лажни клевети“, реагираше партијата.