Москва со потерници бара политичари и чиновници од Европа
14 февруари 2024Каква е оваа листа на лица барани со потерница?
Станува збор за официјалната база на податоци на Министерството за внатрешни работи на Русија. Таа може да се најде на веб-страницата на министерството. Доколку постои сомнение дека обвинетото лице побегнало од руската правда, ќе биде распишана потерница по него и тоа ќе биде ставено на оваа листа. Министерството не ги открива критериумите според кои е направена листата. Но, во моментов се бараат 96.752 лица за кривични дела.
За кои неруски државјани е распишана потерница?
Овој руски список вклучува стотици странци, пред сѐ украински војници и војници на Меѓународната легија на вооружените сили на Украина. Но, вклучува и 160 источноевропски политичари и државни службеници. Тие се од Естонија, Литванија, Летонија, Полска и од Украина.
Меѓу најпознатите имиња се естонската премиерка Каја Калас, државниот секретар на Естонија, Таимар Петеркоп и министерот за култура на Литванија, Симонас Кајрис.
За што се обвинети?
„Непријателски дејствија против руското историско наследство“ се официјалната причина за потерниците. На пример, по руската инвазија врз Украина, латвискиот парламент гласаше за уривање на сите преостанати споменици од советската ера во земјата. Овие споменици се посветени на Големата патриотска војна, како што Русија ја нарекува Втората светска војна.
Ова е доволна причина за руското Министерство за внатрешни работи да повика на потера на сите пратеници кои гласаа за уривање на споменикот во мај 2022 година. Станува збор за 83 лица. Една од нив е и поранешната министерка за внатрешни работи Марија Голубева.
Литванија почна да урива советски споменици во 1990-тите години. Во 2022 година, останатите беа отстранети. Естонија, исто така, урна еден советски споменик. И меѓу самото балтичко население имаше изолирани протести против тоа.
Сепак, Русија силно ги критикува таквите одлуки. „Војната против заедничката историја и отстранувањето на спомениците на оние кои ја спасија Европа од фашизмот, секако, е срамота“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.
Но, спорот околу спомениците не е единствената причина поради која се завршува на руската листа на барани лица. Рускиот претседател Владимир Путин повеќепати ги критикуваше Летонија и Естонија за нивниот однос кон малцинствата кои зборуваат руски во тие земји.
Бидејќи, двете балтички држави целосно се оддалечуваат од рускиот јазик. Образованието сепак треба да се организира само на национални јазици. А оние кои имаат руски пасош и сакаат да продолжат да живеат во Летонија ќе треба да го докажат своето познавање на летонскиот јазик најдоцна наредната година. Во спротивно, постои ризик од депортација, дури и ако лицето го поминало целиот свој живот во Латвија.
Какви последици треба да очекуваат оние по кои е распишана потерница?
Сѐ додека не стапнат во Русија, потерницата нема никакви последици за нив. Во Руската Федерација, пак, оние за кои е распишана треба да очекуваат апсење и кривична постапка под обвинение за „криминална активност“.
Дали листата им служи на домашните политички интереси?
Да. Со претседателските избори во март, Путин сака да покаже дека се залага и ги брани сите Руси - не само дома, туку и надвор од границите на Русија. Шефот на Кремљ сака да се позиционира како силен, одлучен претседател. Поради тоа, ги става во ризик веќе заладените билатерални односи со балтичките земји.
Последно, но не и помалку важно, оваа листа ја надополнува и сликата на непријателска Европа која силно го поддржува воениот противник Украина. Особено, Естонската премиерка Калас силно се залага за натамошни испораки на оружје и поголема поддршка за Украина.