1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Десетина повредени во антивладините протести во Албанија

ЖА
8 октомври 2024

Во главниот град на Албанија избувнаа улични битки за време на демонстрациите против политиката на премиерот Еди Рама. Демонстрантите ја обвинуваат власта за сузбивање на опозицијата.

https://p.dw.com/p/4lWTe
Антивладини протести Албанија
Сериозни немири во Албанија за време на протестите против владата на премиерот Еди Рама Фотографија: Adnan Beci/AFP

Илјадници опозициски демонстранти во главниот град Тирана водеа улични битки со полицијата и фрлаа молотови коктели врз владината зграда. На должност биле над 1.000 полицајци. Пред канцеларијата на премиерот Еди Рама и седиштето на неговата Социјалистичка партија избија судири, при што демонстрантите го запалија постерот на Рама со молотови коктели. Полицијата употреби солзавец за да ја растера насобраната маса демонстранти.

Антивладини протести Албанија
Демонстрантите го запалија постерот на Рама со молотови коктели за време на немирите во Албанија Фотографија: Adnan Beci/AFP

Немирите се проширија  и на просторот пред МВР и кабинетот на градоначалникот на Тирана, кој исто така припаѓа на владејачката партија, каде дојде до дополнителни конфронтации меѓу демонстрантите и безбедносните сили. Според полицијата, десет полицајци се повредени.

Антивладини протести Албанија
Најмалку 13 лица се повредени во протестите на опозицијата, меѓу кои десет полицајци, соопшти полицијата во ТиранаФотографија: Hameraldi Agolli/AP Photo/picture alliance

Демонстрантите ја обвинуваат владејачката Социјалистичка партија на Рама  за корупција,  непотизам, изборна измама, влијание врз судството и обид за  замолчување на опозицијата.  „Придружете ни се, ова е граѓанска непослушност“, повика демонстрантот Ергес Ескиу преку разглас: „Сите леви и десни, пензионери и студенти, родители, сите вие сте ограбени."

Антивладини протести Албанија
Молотови коктели и солзавец: вонредна ситуација во главниот град на АлбанијаФотографија: Hameraldi Agolli/AP/dpa/picture alliance

Демонстрантите протестираа и против куќниот притвор на опозицискиот лидер и поранешен шеф на владата  Сали Бериша, кој е обвинет за корупција за време на неговиот мандат како премиер. Демократската партија на Бериша веќе протестираше пред парламентот минатата недела откако негов партиски колега беше осуден за клевета и затворен. Ервин Салианџи ја обжали пресудата до Врховниот суд на земјата.

Демократската партија, која повремено насилно протестира против владата од 2013 година, исто така бара  ослободување на Бериша од домашен притвор.

Поранешниот премиер ја критикуваше истрагата и неговото апсење како политичка репресија, нарачана од премиерот Рама.