1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КорупцијаАлбанија

Крај на ерата на неказнивост на политичарите во Албанија?

Ани Руци
5 јануари 2024

Со децении во Албанија владееше неконтролирана корупција, а политичарите ја имаа заштитата на судството. Дали домашниот притвор за Сали Бериша значи дека реформите на правосудството почнуваат да даваат резултати?

https://p.dw.com/p/4asXe
Долгогодишниот моќен политичар во домашен притвор - Сали Бериша
Долгогодишниот моќен политичар во домашен притвор - Сали БеришаФотографија: Olsi Shehu/AA/picture alliance

За првпат во трите децении од падот на комунизмот, поранешен моќник е обвинет за „пасивна корупција“ поради одлуките донесени додека бил на функција.

Сали Бериша, поранешен претседател и премиер, и актуелен лидер на Демократската партија, најголемата опозициска партија во Албанија, се наоѓа во домашен притвор од 30 декември.

Обвинителите го товарат за злоупотреба на овластувањата на неговиот кабинет за време на неговиот прв мандат како премиер, од 2005 до 2009 година. Случајот е фокусиран на приватизацијата на еден спортски центар во Тирана, од кого, наводно, профитирал зетот на Бериша.

Бериша тврди дека обвинувањата се неосновани и оти се политички напад на неговиот противкандидат, актуелниот премиер Еди Рама.

Од „надеж на демократијата“ до нејзин противник

Кариерата на Сали Бериша, која трае 33 години, имаше подеми и падови. Фален како „надеж на демократијата“ во раните денови од неговата кариера по падот на комунистичкиот режим во раните 1990-ти години, поранешниот комунист и харизматичен кардиолог стана првиот демократски избран претседател на Албанија во 1992 година.

Меѓутоа, во 2021 година, САД го поврзаа со корупција и му беше забранет влез во земјата. Сега, на 79-годишна возраст, тој е затворен во својот дом. Според неговиот адвокат, нему му е забрането да комуницира со луѓе „освен со семејството кое живее со него“.

Демократската партија на Бериша ја попречува работата на парламентот во Тирана на 20 ноември, 2023
Демократската партија на Бериша ја попречува работата на парламентот во Тирана на 20 ноември, 2023Фотографија: Ani Ruci/DW

Откако беше избран на власт, не требаше долго раководството на Бериша да стане авторитарно. Тој ја концентрираше власта во свои раце, нареди апсења на независни новинари и на опозициски лидери, ги исфрли противниците од неговата партија, ги отпушти критичарите и го користеше судството за прогон на противниците.

По падот на пирамидалната измама која ја толерираше и охрабруваше во 1997 година, тој беше отстранет од власт по народен бунт.

По општото незадоволство од корупцијата на постојаните социјалистички влади, Бериша се врати на власт осум години подоцна, овојпат како премиер, и владееше со земјата од 2005 до 2013 година. За време на неговиот мандат, Бериша постојано вршеше притисок врз албанското правосудство.

Опаѓа ли поддршката за Бериша?

„Бериша и натаму останува контроверзен поради обвинувањата дека неговото владеење резултираше со крвопролевање и загуба на невини цивилни животи, во случајот Гердец, кога 28 граѓани загинаа во инцидент поврзан со демонтирање муниција, во кој наводно бил вмешан синот на Бериша. Тука е и случајот кога починаа четворица невини демонстранти во 2011 година, додека Бериша беше премиер“, вели за ДВ Александар Ципа, политички аналитичар од Тирана.

„Во сите тие случаи немаше независни истраги за неговата директна или индиректна одговорност и вмешаност“, додава Ципа.

Бериша одговори на недамнешните настани повикувајќи на граѓанска непослушност, обидувајќи се да ја претвори својата лична и семејна борба во национална. Досега не доби голема поддршка.

Протести за поддршка на Сали Бериша на 18 декември, 2023
Протести за поддршка на Сали Бериша на 18 декември, 2023Фотографија: Ani Ruci/DW

Неговите колеги пратеници од Демократската партија се обидоа да предизвикаат хаос во парламентот, нарушувајќи ја работата со факели, но поддршката на улицата опадна.

Тешкиот пат на Албанија кон ЕУ

Албанија веќе три децении е во турбулентна транзиција. За тоа време, корупцијата на највисоко ниво ги попречуваше шансите на оваа членка на НАТО да влезе во Европската унија.

„Во некогаш наречената 'европска Северна Кореја', сè уште постоеше оптимизам дека албанското раководство ќе се движи кон демократија и ќе го прифати владеењето на правото, поддржувајќи ги аспирациите на народот за евентуален пристап во ЕУ“, вели за ДВ Бесар Ликмета, главен уредник на албанскиот огранок на Балканската истражувачка мрежа (БИРН).

„За жал, политичката еволуција на Албанија тргна по алтернативен пат, повеќе доближувајќи се до олигархијата и навлегувајќи во државните структури со лични интереси“, додава Ликмета.

Албанскиот премиер Еди Рама и претседателката на Еврокомисијата, Урсула фон дер Лајен на самитот ЕУ-Западен Балкан во Тирана
Албанскиот премиер Еди Рама и претседателката на Еврокомисијата, Урсула фон дер Лајен на самитот ЕУ-Западен Балкан во ТиранаФотографија: Olsi Shehu/AA/picture alliance

Надеж во подобрување

Сепак, реформата во правосудството и работата на двете релативно нови судски институции, Специјалната антикорупциска структура и Националната канцеларија за истраги, даваат надеж дека завршува ерата на неказнивост на инволвираните во високата корупција.

Правосудството цели три децении беше најкорумпираниот сектор во посткомунистичка Албанија, со бројни судии и обвинители кои ги штитеа корумпираните политичари и организираниот криминал.

Благодарение на воведувањето на таканаречениот процес на ветинг, основата на судските реформи во земјата, поддржан од ЕУ и од САД, стотици судии и обвинители беа отстранети од нивните позиции бидејќи не можеа да обезбедат докази за изворот на нивното богатство.

Во текот на последните две години реформираното судство спроведе многу истраги, изрече многу пресуди и дојде до запленувањње и одземање на имот поради кривични дела во кои беа инволвирани и членови на власта и на опозицијата.

„Домашниот притвор и истрагите против Бериша го разбиваат митот за неказнивост во Албанија. Фактот дека личноста која некогаш беше најмоќниот човек во државата одговара е преседан за оние кои веруваат дека се над законот“, вели Александар Ципа.

Кога станува збор за борбата против корупцијата, Албанците очекуваат многу од реформираното правосудство. Многумина се надеваат дека случајот со Бериша ќе го најави почетокот на нова политичка ера со нови политичари кои немаат никаква врска со корупцијата од минатото.