1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мојаноски: Модерниот човeк во потрага по систем на вредности

14 април 2023

Светот е распнат меѓу залагањето за мирен и достоинствен развој на модерната заедница, и војната како појава во која човекот и неговиот живот немаат вредност, вели професор Цане Мојаноски

https://p.dw.com/p/4PzuY
Професор Цане Мојановски
Професор Цане МојановскиФотографија: privat

Дали модерниот човек го разбира значењето на жртвата и жртвувањето во поширок контекст, без разлика дали е уверен верник, традиционален верник или атеист? Во месецот во кој граѓани од две религии слават големи верски празници (едните Велигден, други Рамазан Бајрам), за симболиката на жртвувањето, разговаравме со поранешниот претседател на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Цане Мојаноски.

Мојаноски: Модерниот човек, притиснат од секојдневните грижи и обврски за да обезбеди нормален образец на живеење, да го уреди кариерниот развој, да се етаблира во системот на вредностите на заедницата, да стане дел, носител и придвижувач на културните, општествените, економските процеси, е подложен на определена саможртва. Станува збор за поведение кое е поврзано со поимот жртва. Во содржината на тој поим е „тоа што се принесува како дар на некое божество во знак на благодарност или за придобивање милост“. Овој поим се поврзува и со „доброволно откажување, несебично давање, саможртвување“. Историското искуство или традицијата нѐ учи дека во принесувањето на жртвата е содржано верувањето дека поединецот или заедницата го даруваат божеството со нешто од свое, со симболичен дел од себе, и така стапуваат во заедница со него. Имајќи ја предвид целта, жртвата може да е култна (почитување на божеството), експијаторна (откупување на гревот) и пропицијаторна (заради смилување на божеството).

Каква е смислата на жртвувањето денес, во денешната „голгота“ на компликувани економски, социјални и политички состојби?

Веројатно одговорот е повеќенасочен. Прво, таа е дел од културниот и религискиот идентитет на поединецот. Однос кон корените и традицијата. Однос кон посебноста и специфичноста. Психолошка и морална вертикала, која го поттикнува внатрешниот порив и ја следи стекнатата или пренесената „обврска“ да се почитува и следи поведението на претходниците. Тоа подразбира прифаќање определен сет на вредности, нивно почитување и вреднување, практикување и пренесување на идните генерации, како наследена вредност и морална специфичност. Второ, жртвувањето е дел од доблеста, која се изразува во подготвеноста и истрајноста во примената на определени морални начела и практики и на поведение кое ја изразува хуманата, културната и моралната димензија на поединецот, неговата посебност и подготвеност да се трага, по нова, по хумана, по човечка и подостоинствена сегашност, како израз и специфика на современото живеење. Трето, жртвувањето, посебно саможртвувањето, во симболичка смисла, значи подготвеност на поединецот да ги прифати и оние решенија кои кај мнозинството предизвикуваат емоции, отпори, понекогаш и гнев и кои, на заедницата и на идните генерации може да им создаде претпоставки за развој и прифаќање на европските вредности. Жртвата, жртвувањето, саможртвувањето се манифестација на следењето на традицијата, но тие се и специфика на идентитетот на современиот човек. Тие, својата полна содржина и симболичко значење го добиваат во афирмацијата на вредностите поврзани со хуманоста, доброљубието, човекољубието и подготвеноста да се подаде рака, тогаш кога тоа е во интерес на човекот и неговиот напредок.

Поранешниот претседател на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Цане Мојаноски.
Поранешниот претседател на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Цане Мојаноски.Фотографија: privat

Во време на војна на европско тло, а кај нас време на длабоки внатрешни поларизации, но и алтруизам „на капка“, од што друго се засенети ваквите очекувања?

Ваквите очекувања се засенети со содржини во кои доминираат беспоштедната борба за профит, суровоста на отуѓувањето од себе, непочитувањето на човечкото достоинство, пренагласената самозадоволност, самобендисаноста, живеењето во сопствениот свет, создавањето на непремостиви разлики меѓу поединците и групите, како и неподготвеност да се пружи рака на луѓето во неволја. Модерното, посебно дигиталното време, на поединецот му овозможува, така да се каже, во секое време да ги има случувањата на дланка. Сведоци сме дека се водат војни. Тие, по дефиниција се крвави. Гинат луѓе. Има раселени и несреќни. Се војува и во Украина. На европско тло. Со помош на оружјето се рушат довербата и вербата во мирот, правдата, солидарноста  и човекољубието. Господарите на војната, секој ден не уверуваат дека постои дискрепанца меѓу заложбите и делата. Украинецот и неговата заедница секој момент принесуваат саможртва во одбраната на суверенитетот, слободата и независноста. Таму, со достоинство и херојство, се рушат барикадите на  рускиот агресор, се добиваат битките на фронтот. Се практикува саможртвата. Таму и насекаде се газат човековите права, посебно правото на живот, слобода и мир. Жртвувањето, саможртвата и жртвата, на тие подрачја го има најгрубиот, во историското паметење броен, облик на непочитување на човекот и неговото достоинство. Светот е распнат меѓу начелата и залагањето за мирен и достоинствен развој на модерната заедница и војната како појава во која човекот и неговиот живот немаат вредност. Денес, медиумите се преполнети со апели, барања и слики во кои се зборува за тешка здравствена состојба, за неподнослива материјална состојба, за изневерени очекувања, за расчекор меѓу нормативното и фактичкото, за хомодуплексот, кој медиумски, вербално „гине“ за принципи, особено за моралните, а практикува поведенија кои тешко можат да се сместат во определен систем или поведение.

Генерално, меѓу што се распнати" луѓето денес?

Ако може најлапидарно да констатираме: Денешниот човек е распнат меѓу наследените и современите обрасци. Посебно за модерниот човек во транзициските општества, жртвата, жртвувањето и саможртвата, се обрасци, содржини и поведенија кои се поврзани со трагањето и градењето на идентитетот. Таа потрага е проследена со расчекор меѓу формалното и фактичкото. Модерниот човек е свртен кон возобновата на определени верски, културни практики, прифаќањето на определен сет на вредности, а е соочен со практика во која не може докрај да одговори на барањата и потребите. Без пошироко да елаборираме, овде ќе го споменеме поведението за расчекорот меѓу залагањата за европските вредности, европските интеграциски процеси и подготвеноста да ги сослушаме разликите, да партиципираме во нив, како и во способноста да изгубиме нешто, за да добиеме нешто повеќе и подобро. Во практиката, може да се забележи дека декларативно се залагаме за хумано општество во кое здравството и образованието се бесплатни и достапни за секого, а се повеќе има поединци кои не можат да обезбедат здравствени услуги заради немањето пари, односно дека бесплатното образование се повеќе ги тенчи буџетите на родителите.

Во општествениот дискурс постои расчекор меѓу декларативната подготвеност за „жртвување“ или „саможртва“, за прифаќањето на разликите кај опонентот, за поддршка на решенија кои ќе значат исчекор. Што открива тоа?

Нашиот самостоен политички развој покажува дека водечките политички сили и нивните партиски централи немаат  или не покажуваат подготвеност да трагаат по решенија кои ќе се во функција на определен исчекор, кој ќе води кон создавање на претпоставки за нов развој, кој на еден или друг начин им е обезбеден на еден број земји приклучени на европските интеграции. Како на сцена да е однесување на „жртвување на иднината“. Во таков контекст, може да се укаже дека живееме во време во кое расчекорот меѓу нормативното и фактичкото е во најгрдата смисла на зборот доминантно. Тоа се огледа во недостиг, отсутност на систем на вредности, кохезија и подготвеност да се антиципира иднината. Тоа, на еден или друг начин ја замаглува претставата за жртвата, жртвувањето и саможртвувањето. Модерниот, посебно транзицискиот човек, притиснат од искуството и новите општествени состојби и процеси, е во потрага по систем на вредности, по нови практики, кон нов сет на вредности и морални поведенија.