Велигден - сржта на христијанската вера
17 април 2014За католичкиот свештеник, доминиканецот Маријанус Бибер работите се потполно јасни: „Христијанството започнува со воскрснувањето. Бидејќи, најважно во прославата на Велигден е Христовото воскресение“. Надзорникот на доминиканскиот манастир Нидералтајх во источна Баварија посебно ја нагласува важноста на Христовото воскреснување по смртта на крстот. И во тоа е, вели тој, основата на христијанската вера. Маријанус Бибер уште вели дека всушност во Христовото воскреснување е содржано и воскреснувањето на секој од нас. „Се работи за симбол на вечен живот, односно за нашата крајна цел според верувањето на христијаните. Христос не умре само како човек, туку како Богочовек и со својата смрт ја победи смртта. Тоа е централното значење на Велигден“.
Историски погледнато, предвесник за христијанската прослава на Велигден е еврејскиот празник Пасха, така што во источната црква често за Велигден се вели Пасха. Според еврејското предание, Евреите го слават овој ден затоа што Бог својот народ (се мисли на Евреите, н.з.) го избавил од египетско ропство. Пред заминувањето од Египет, Бог барал прагот на секоја еврејска куќа да се означи со крв од јагне. Во оние куќи кои не биле означени со крв се погубени првородените синови. Тоа бил начин на кој Бог, според Стариот завет, ги казнил Египќаните.
Крв која значи живот
Во Православната црква, која во Германија брои околи 1,5 милиони верници, останало живо преданието на ова случување и поради тоа црвената боја има посебна симболична улога, објаснува архиѓаконот на Руската православна црква од Бад Хонеф кај Бон, Ирникиос Шултен. „Поради тоа православците ги бојосуваат јацата на Велигден во црвено. Огромни корпи со црвени јајца. И тогаш луѓето често прашуваат: А, каде се другите бои? На што најчесто одговарам: Зошто други бои? Црвената е боја на животот“. Знакот на праговите на колибите во кои живееле Евреите во Египет, што ги спаси од Божја казна, стана симбол за живот.
А, за да укаже на тоа колкава е всушност важноста на Велигден, Шултен вели дека Велигден не е обичен празник, тој е многу повеќе од тоа. Архиѓаконот Шултен појаснувајќи ја традиционалната важност на Велигден вели: „Ова е празник на сите празници и крал на сите денови“. А, кај православниот свет не се прославува само велигденската недела, туку и целата седмица по Велигден.
Строг пост и голема радост за Велигден
Пред Велигден доаѓа 40-дневниот пост што за православните има многу поголема важност отколу за католиците или протестантите. Тука не станува збор за тоа дека верниците строго се придржуваат кон правилата на постот, туку за пост се подготвуваат многу религиозно, објаснува Јоханес Елдемал, директор на Институтот за екуменизам во Падерборн. „Во православието постои постепено подготвување за почеток на големиот, велигденски пост. Имено, две недели пред почетокот православните верниците полека се одрекуваат од храна која не е дозволена да се јаде за време на постот, а тоа се: месото, млекото и млечните производи, јајцата и рибата“.
Но, без разлика на таквите строги правила кога станува збор за постот во Православната црква, теологот Елдеман вели дека тоа време е поврзано со позитивни чувства. „Помислата на тајната на воскресението те одржува во живот“. Ако се спореди со католиците и протестантите, тогаш ова време пред Велигден би можело да се спореди со исчекувањето на раѓањето на Исус Христос.
Предвелигденската атмосфера посебно е впечатлива во манастирот Нидералтајх. Бидејќи тука, во овој манастир кој живее според доминикански правила, Велигден ќе се прославува според православни обичаи. Седум монаси, од вкупно 30 кои го сочинуваат ова монашко семејство, постеа за целото време на постот по малку построгите правила на православието. Тие преку ден не јадат ништо, а се воздржуваат сите 40 дена од месо и од риба. Во Нидералтајх и за време на постот се чувствува празнична атмосфера. „А, тоа го менува во потполност карактерот на богослужбата“, вели надзорникот Маријанус Бибер. Монасите служат миса неколку пати на ден, што е проследено со повеќегласно пеење. А, за време на постот се пее повеќе во мол, отколку во дур“.
Православна служба во католички манастир
Така што во Нидералтајх сега се пее малку поинаку отколку обично: на германски и на латински. Поединечни богослужби, на кои не свират оргули и само монашки гласови ја исполнуваат внатрешноста на катедралата, траат и до 4 часа. Но, Велигден ќе го прослават и православните, но и оние кои не се православни. Да се доживее богослужба според православни обичаи на германски јазик, секоја година е атракција за многу посетители.
Ретко се случува Велигден на ист ден да го прославуваат заедно православните, католиците и протестантите, бидејќи црквите користат различни календари. Православната црква смета според Јулијанскиот, а Католичката и Протестанската според Грегоријанскиот календар воведен во 16-от век. Но, како што вели теологот Јоханес Елдеман, значењето на воскрснувањето на Исус Христ и прославувањето на самиот празник, без никаков сомнеж, во религиозен смисол за сите христијани е еднакво важно.