„Зелен хуман град“ побара инсталирање на 100 мерни станици во главниот град за да се утврди кој го загадува Скопје. За тие што не се занимавале со проблемот со загадувањето на Скопје ова барање може да звучи рационално. Но, не е! Може да инсталираме, не уште 100, туку уште 1.000 мерни станици и повторно ќе дојдеме до истиот заклучок. Најголем проблем со загадувањето во Скопје е загревањето на домовите и користењето на дрвата, јагленот, остатоците од мебел и прегореното масло. Дополнително, сега и владината одлука за користење на мазут и дизел. На оваа тема пишував во мојата колумна за ДВ „А, за промена да направиме нешто добро", уште во декември 2019 година. Ако тогаш надлежните како „најзагрижени“ за загадувањето го применија тоа што го предложив, денес Скопје ќе беше помеѓу најмалку загадените градови во светот. Но, ништо не се направи, па сега, кога секој ден ќе биде неподносливо загадено, смрдливо и одвратно за живеење во Скопје, партиите меѓусебно ќе си се обвинуваат, а болниците ќе се полнат со пациенти како резултат на токсичниот воздух и изложеноста на граѓаните на чад и неквалитетни горива.
Ветре развигорче
Дополнителен проблем е и градската администрација, па додека најповиканите во градот, градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска и претседателот на Советот Трајко Славески се караат кој го има правото на копчето за вклучување и исклучување и чиј е микрофонот во градскиот совет, а владата размислува да користи дизел и мазут како гориво во скопските топлани, можеме да се помириме дека оваа, наредната и понаредните години, Скопје ќе биде помеѓу десетте најзагадени градови во светот, секој ден, освен деновите кога ќе дувне ветре развигорче.
Затоа што сите знаеме која е главната причина за загадувањето и никој со прст не мрднува да го реши проблемот. Надлежните, заглавени во бескрајни и бесмислени меѓусебни обвинувања и навредувања, глумење на загриженост и активирање на кризниот ПР во периодот ноември-февруари со цел намалување на политичката штета од проблемот со токсичниот воздух, ги доведоа граѓаните во состојба на тешка апатија и помиреност дека засекогаш ќе биде загадено.
Секој еден, без исклучок, од надлежните во државава, без разлика дали се во позиција, опозиција или во невладиниот сектор, знаат дека во Скопје и во секој еден поголем град во државава затоплувањето на домовите на дрва, јаглен, остатоци од мебел, прегореното масло и сѐ останато што ќе се најде при рака, преставува повеќе од 50% од проблемот со загадувањето, па ако ова се забрани, градовите ќе имаат најмалку 50% почист воздух. Далеку подолу на листата на најголеми загадувачи следуваат индустријата и моторните возила.
Секоја зграда на градско парно
Јас живеам во куќа и откако знам за себе се затоплуваме на градско парно. Едно време беше доста скапо, но во последните десетина години е прифатливо финансиско оптоварување. Но, она што е најважно, овозможува далеку подобар квалитет на живот, еднакво затоплени соби, тоалет, бања. Од друга страна, адвокатската канцеларија ми е во централното градско подрачје во зграда не постара од 5-6 години, која, иако непосредно до неа поминува топлификационата мрежа, не е приклучена на градско парно, па сме приморани да се затоплуваме на струја, која оваа година во најголема мера ќе се произведува во трите блока на загадувачот РЕК Битола. Кога прашав, зошто е тоа така, ме известија дека тие што ја граделе зградата не сакале да се приклучат, а кога ги прашав нив, ми рекоа дека станарите кои ги купиле становите не сакале да плаќаат парно цела година. Кој е искрен не знам, ама знам дека нова зграда во центар на градот, не смее да се дозволи да биде пуштена во употреба ако не е приклучена на градско парно. Ако сакаш да живееш во град, ќе се грееш на градско парно. Вака кажано звучи можеби надмено, но според извештаите на Светската здравствена организација (СЗО) секоја година 4.2 милиони луѓе умираат како резултат на изложеност на амбиентално (надворешно) загадување на воздухот. Но за жал, кај нас не е доволно само да сакаш, неопходно е и да биде овозможено секој кој живее во градот Скопје да може да се приклучи на топлификациска мрежа. За жал, топлификациската мрежа во Скопје не се шири со задоволително темпо, а дури и тие што живеат во близина на ваква мрежа, не се приклучени на неа.
Борба против екоцид
Затоа, наместо да фрламе пари на инсталирање на мерачи кои ќе ни го потврдат она што одамна го знаеме, веднаш треба да се донесе одлука за забрана за греење на дрва, јаглен, остатоци од мебел и прегорено масло и да се инвестира во сериозно проширување на топлификациската мрежа во Градот Скопје. Ова ќе го намали загадувањето за 50%. Потоа треба во рамки на МВР и обвинителство, како што постои единица за борба против организираниот криминал, да постои и единица за борба против екоцид и загадување на животната средина. Па тие да ги потфатат сите загадувачи во индустријата и сообраќајот, оние што ги исклучуваат филтрите на оџаците на фабриките, што горат акумулатори, нѐ трујат со неквалитетни горива или стари и дотраени дизел мотори.
Верувајте, фрлањето на пари за мерачи, стратегии, конференции на невладини организации и партиски кризен ПР е делотворно и важно толку колку што е важно за граѓаните на Скопје дали Трајко или Данела ќе победи во битката за микрофонот во градот Скопје.
И така „драги гледачи", додека занесено го гледате филмот во кој Трајко и Данела се борат кој прв ќе го фати микрофонот, а владата, онака во матно, сака наместо на гас, скопјани да ги грее на мазут и дизел, охрабрен од подвигот на Арачиново кое со тешки напори успеа во време на енергетска криза да ја зголеми потрошувачката на електрична енергија за 474%, во отсуство на реисот кој е тотално неупатен во проблемот со загадувањето, еве, после короната, ја прогласувам екологијата за умрена.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.