1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

А, за промена да направиме нешто добро?!

25 декември 2019

Ако немаме волја, и наредните години ќе ги имаме истите дебати, критики, партиски препукувања и истиот загаден воздух. И истата црна статистика ќе ни ги полни болниците и ќе ни го скратува животот. Пишува Никола Тодоров

https://p.dw.com/p/3VJXJ
Nord-Mazedonien Nikola Todorov, ehemaliger Minister für Gesundheit und Bildung
Фотографија: DW/B. Gerogvievski

А дојде ноември, почнува расправата за загадувањето. Расправата завршува некаде во март. По исклучок, оваа година ќе трае до 12 април. И така секоја година. Од март до ноември, нема загадување и нема расправа за  загадувањето.  Тогаш е неважно. А тоа е еден од најголемите проблеми кои ги имаме како држава и е прашање од највисок национален приоритет. Според извештаите на Светската здравствена организација (СЗО) секоја година 4.2 милиони (со зборови: четири милиони и двесте илјади) луѓе умираат како резултат на изложеност на амбиентално (надворешно) загадување на воздухот. Според истите извештаи, 3.8 милиони (со зборови: три милиони и осумстотини илјади) луѓе умираат секоја година како резултат на изложеност на домаќинствата на чад од нечисти оџаци и горива. Огромни 91% од светското население живее на места каде  загадувањето на амбиенталниот воздух  ги надминува дозволените граници на СЗО. Страшно. Поразително. Ова не се бројки. Ова не е статистика. Ова се луѓе кои некому значат и кои некој ги сака и тагува по нив. Секоја година нечиј дедо, нечија мајка, нечие дете умира како резултат на загадувањето. Не е ова патетика, ова е еден од најголемите проблеми на човештвото, проблем на кој развиените земји најдолго работат, но за волја на вистината и најмногу придонеле за неговата појава.

Кај нас, ние како по обичај нешто подработуваме на ова поле, но резултатите се поразителни. Многу често Скопје, но и останатите градови се  во врвот на светските листи на најзагадени градови.  Пред да почнете со критика дека јас немам право да зборувам за ова, дека сум бил во позиција да го решам проблемот, но ете ништо не сум направил, веднаш да ве информирам дека ја прифаќам вината. Не е проблем јас да сум виновен, но тоа нема да го реши проблемот. Пред и да помислите да го ставите ова во политички контекст, веднаш сакам да потенцирам дека и ВМРО и СДСМ се виновни. Сите. Само не се виновни министрите за животна средина. Нив никој како да не ги спомнува. Тоа е и нормално, не се сеќавам кога последен пат имало министер за животна средина од ВМРО или од СДСМ. Затоа и тие не се виновни. Нема потреба да обвинуваш некого ако од таа критика не можеш да ќариш некој политички поен. Патриотски, се согласувам. Да, и оваа критика не го решава проблемот. Знам, сите пишуваат за ова,  се редат критики, текстови, демагогии, партиски препукувања.  И пак ништо.

Нов пристап

Искористувајќи ја мојата позиција како колумнист, сакам да предложам нов модел, нов пристап во политиката и во јавноста за решавање на проблемите.  Започнувам од ова прашање, бидејќи го сметам како прашање од највисок национален приоритет. Предлагам да почнеме заедно да работиме. Сите партии, власт, опозиција, невладини, експерти, активисти. Сите.

Го предлагам следното решение кое е базирано на истражување на оваа проблематика, а кое сигурен сум ќе даде видлив ефект:

Ако знаеме дека кај нас за речиси 50% од загадувањето причина е загревањето на домовите со дрва, јаглен, нафта и мазут, предлагам воведување на забрана за греење со дрва, јаглен, нафта и мазут, која ќе стане ефективна од 1 мај 2021 година. За таа цел почнувајќи од денес треба да направиме план за ширење на топлификационата мрежа таму каде е тоа можно, со проекти за изградба на топлификациона мрежа во градот Скопје и Битола. Дополнително на ова, да се предвиди законска измена согласно која нема да смее да се даде дозвола за нова изградена зграда ако не е приклучена на централна топлификациона мрежа, доколку таква мрежа постои во близина. Да се забрани исклучување од топлификациона мрежа на станови од зграда која е приклучена на топлификациона мрежа. Проектите за ширење на топлификационата мрежа да бидат готови најдоцна до крајот на март 2020 година, а работите за изведување на новата топлификациона мрежа да започнат најдоцна во мај 2020 година. Државата од буџет да го субвенционира ширењето на топлификационата мрежа. Да се изработи нов модел за утврдување на цената која домаќинствата ќе ја плаќаат за парно греење, која меѓу другото ќе се базира и на месечниот приход на домаќинството, па така тие со помали приходи би плаќале помала сметка во однос на тие со поголеми приходи. Со денешната информатичка технологија овој модел на привилегирани претплатници не е тешко да се изведе, иако изгледа така на прв поглед. Приклучокот на топлификациона мрежа да биде бесплатен за граѓаните (субвенциониран од градот и буџетот на државата). Воедно, зголемувањето на бројот на претплатници позитивно ќе влијае на цената, па за очекување е дека тоа дополнително ќе ја намали цената за парно греење. Не секаде е можно односно исплатливо да се изведе топлификациона мрежа, па затоа предлагам таму каде што не е можно да се изведе топлификациона мрежа или каде што не е можно/исплатливо да се изведе гасификациона мрежа да се набават печки на пелети. Печките на пелети загадуваат и до 32 пати помалку од старите печки на дрва. Предлагам Владата да распише оглас со кој ќе привлече приватна компанија која ќе изгради фабрика за печки на пелети во некоја од слободните економски зони, а со која фабрика владата ќе склучи договор за набавка на 75.000 печки на пелети во период 3 години, односно по 25.000 печки годишно. Печките на пелети да се дадат бесплатно на секое домаќинство во градовите каде нема топлификациона или гасификациона мрежа и чиј приход на ниво на домаќинство не надминува 45.000 денари месечно. Во државава имаме над 560.000 домаќинства така што на овој начин одлични 14% од домаќинствата ќе добијат бесплатна печка на пелети. Моја претпоставка е дека останатите или ќе бидат на топлификациона мрежа, на гас, струја или сами ќе бидат во можност да набават такви печки на пелети. За останатите кои не се социјално загрозени, да се овозможат евтини кредити помогнати од Македонска банка за поддршка на развојот, пласирани преку комерцијалните банки со камата не поголема од 2,5-3% со период на отплата од 3-5 години, со цел од заштедата, како резултат на греењето со пелети кое е поевтино во однос на останатите горива, да се врати кредитот. Истово да важи и за кредитирање за изведба на радијаторска мрежа во домовите каде ќе се изврши топлификација или гасификација. Воедно, за да се контролира цената на пелети, предлагам македонски шуми да изградат две фабрики за производство на пелети, една во реонот на Крушево и Демир Хисар, а другата во реонот Берово/Пехчево/Делчево. Идејата е да се вработат луѓе во тие реони и да се обезбедуваат пелети по пристапни цени за граѓаните и субвенционирани цени за граѓаните со ниски примања.

Екологизација на институциите

Паралелно на ова е мерката за „екологизација“ на сите јавни институции во државата каде нема топлификациона мрежа. До октомври 2021 година не смее да има ниту една болница, школо, здравствен дом, амбуланта, зграда на општина, дом на култура, библиотека, касарна, подрачна единица на државен орган или било која јавна установа што нема да се грее на гас, компримиран течен гас или на пелети. Без разлика дали се наоѓа во град или во село. Без исклучок. Тендерите да бидат така конципирани да изведбата на гасификацијата или набавката на печки на пелети да биде извршено во 2021 година, а плаќањето да биде во 2021 и 2022 година.  Ефектот да се почувствува во 2021 година.
Да се донесе одлука за сите автобуси на градскиот превоз до мај 2021 година во Скопје да бидат или на метан или на електричен погон. Да се субвенционира инсталирањето на гасни уреди кај таксистите, со цел во наредни 4 години сите такси возила или да го исполнуваат ЕУРО 6 стандардот, или да се на плин или метан. Исто така потребно е да се врати обврската за плаќање на акциза за нафтен кокс. Затоплувањето со прегорено масло или со остатоци од мебел, како и горењето на гуми ригорозно да се казнува.

Претходни колумни од авторот: 

Партијата е државата

Јужно-Балканска Трилатерала

Ни треба херој (We need a hero)

Македонци бестрашни и Македонци страшливци

Ако имаме волја, можеме во ноември 2021 година да имаме далеку почист воздух. Најмалку за 50% почист воздух. Ако немаме волја, и наредните години ќе ги имаме истите дебати, истите текстови, критики, партиски препукувања и истиот загаден воздух. И истата црна статистика ќе ни ги полни болниците и ќе ни го скратува животот.
Затоа предлагам, веднаш, да се формира една интерпарламентарна група, во чиј состав ќе влезат 5-6 пратеници од различни партии, вицепремиерот за економски прашања, министерот за животна средина и претставник од невладината еколошка организација О2 Иницијатива. Врз основа на овој предлог, но и други доколку има, најдоцна до распуштањето на овој парламентарен состав, да го подготват деталниот акциски план, со рокови, буџети и носители односно надлежни институции. Да ги предвидат потребните  средства во буџетот за 2020 година, и во буџетските циркулари за 2021 и 2022 година и да ја направат најголемата работа што било кога е направена кај нас. Да ни го продолжат животот. Да ни го подобрат квалитетот на животот. И сите да бидат заслужни за тоа.

Жално е што мора да констатираме дека овој национален проблем можеме да го решиме ако одвоиме околу 3% од годишниот буџет на државата. Со помалку од 3% од буџетот на државата ќе го решиме еден од најголемите национални проблеми. Откако ова ќе се одлучиме да го направиме и ќе ги инвестираме овие средства, е дури потоа можеме да зборуваме за зајакнување на инспекциските служби, поголема присутност на терен, казни за непочитување на задолжителните мерки за заштита на животната средина итн.

Што мислите, вреди да почнеме заедно да работиме или е подобро и политички поисплатливо, да си се препукуваме и обвинуваме кој е повеќе крив? Јас велам да се обидеме. Веднаш.

А, да, ќе заборавев. Со жалење морам да констатирам дека и во новата 2020 година ќе биде еднакво загадено како и во 2019 година, освен доколку не се погоди годината поветровита. Затоа ви посакувам среќна и успешна 2020 година, со повеќе ветер.