1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД: Корупцијата во Македонија веќе не смее да цвета

ДТЗ
29 септември 2022

Амбасадорот на САД во земјата, Ерик Мејер, е дециден дека државата мора да најде начин да ги скрши политичките мрежи кои што дозволуваат корупцијата да цвета.

https://p.dw.com/p/4HXjf
корупција
Мора да скршат политичките мрежи кои што дозволуваат корупцијата да цветаФотографија: Colourbox/Wolfgang Zwanzger

„Недостига огромно парче во антикорупциската сложувалка во Северна Македонија. Земјата мора да најде начин да ги разбие заднинските политички мрежи кои овозможуваат цветање на корупцијата. Мора да постои вистинска политичка волја да се запрат овие мрежи. Досега, напредокот на овој фронт сериозно недостасуваше“, порача денеска в.д. амбасадорот на САД во земјата, Ерик Мејер, кој е дециден дека државата мора да најде начин да ги скрши политичките мрежи кои што дозволуваат корупцијата да цвета. 

„Мора да постои вистинска политичка волја да се запре ова“, вели Мејер.  

Борбата против корупцијата е еден од главните приоритети на амбасадата на САД  и клучен приоритет на Белата куќа за Западен Балкан. Тоа ќе биде една од основните заложби и на новата американската амбасадорка Анџела Прајс Агелер која се очекува наскоро да пристигне во земјата.

„Граѓаните на оваа земја заслужуваат институции кои работат за нив и тие заслужуваат иднина цврсто вкоренета во добро владеење и силно владеење на правото“, рече Мејер на денешната завршна конференција во рамките на проектот „Следење на националните активности во борбата против корупцијата”, во организација на Институтот за човекови права и Амбасадата на САД.  

Разочараност 

Тој вели дека премногу често слуша во разговори со напредни млади луѓе во Северна Македонија дека серазочарани од институциите на земјата и се надеваат дека ќе ги пренесат своите вештини во странство. Тие се разочарани од недостатокот на можности и од она што го гледаат како нерамномерно поле за игра кое бара политички врски за да напредуваат.

„Ако моќните политички интереси го поттикнуваат институционалното однесување и ако познати корумпирани актери останат влијателни, тогаш ни претстои екстремна тешка битка. Распадот на корумпираните мрежи е најтешкиот предизвик пред нас. Но, тоа е најважниот двигател на вистински промени во Северна Македонија и во Западен Балкан. Ќе биде потребна политичка храброст, но јас цврсто верувам дека оваа земја може и треба да биде на висина на задачата. Претседателот Бајден ја нарече корупцијата „рак“. Да не дозволиме да продолжи да ја мачи Северна Македонија - земја која е пријател, сојузник и наш стратешки партнер“, порача американскиот амбасадор.

Целосна имплементација на принципот за добро владеење, интегритетот и решително и ефикасно справување со корупцијата се клучни за постигнување на економски раст и развој, конкурентност, подобар квалитет на живот за граѓаните и поповолна средина за бизнисите. Свеста кај граѓаните се менува околу корупцијата, што покажуваат и зголемениот број пријави коишто ги поднесуваат граѓаните, но има уште многу што треба да се направи на ова поле.

Транспарентноста на институциите е клучна во искоренувањето на корупцијата. „Граѓаните мора да знаат каде се трошат јавните пари и какви одлуки се носат во нивно име. За таа цел работиме на унапредување на транспарентноста на институциите, на тој начин што подготвуваме листа на информации кои мора да бидат објавени, без граѓаните да имаат потреба да поднесуваат посебни барања. Институциите имаат обврска да бидат одговорни, транспарентни и отчетни и во секој момент да даваат извештај за своето работење, а особено за тоа како ги трошат парите од Буџетот”, вели вицепремиерката за за политики за добро владеење, Славица Грковска.