1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Со брзина на желка во битка против корупцијата

11 август 2022

За надминување на состојбите со корупцијата неопходно е зголемување на ефикасноста во работењето на правосудните органи, пред сѐ, на обвинителството, вели претседателката на ДКСК

https://p.dw.com/p/4FPC1
Symbolbild | Korruption | Bestechung | Hände überreichen Geld
Symbolbild | Korruption | Bestechung | Hände überreichen Geld
Фотографија: PantherMedia/Audtakorn Sutarmjam/imago images

Зградата расте, постапката чмае. Вака наскусо може да се опише актуелниот „статус“ по иницијатива на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) за кривично гонење во случајот со зградата на паркингот спроти „Холидеј ин“. Иницијативата која е доставена до ЈО во април 2021 година, се однесува за кривично гонење на службени лица поради сторени повреди во носење на ДУП Ц08, како од страна на планерите, кои како професионалци од областа се обврзани да постапуваат според правилата на струката и законските прописи, така и од страна на вработените во Општината, Градот Скопје и Министерството за транспорт и врски, кои ги занемариле пропустите и со тоа овозможиле донесување на ДУП кој е спротивен на законските прописи.

ДКСК ја достави иницијатива до ЈО поради постоење основи на сомнение дека лицата сториле кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 3 в.в. став 1 и со нивното постапување/непостапување придонеле во 2012 година да се донесе ДУП неусогласен со ГУП и да се реализира имотна корист кај сегашните сопственици на парцела, која е дел од ДУП Ц08.

Откако ДКСК лани во април ја поднесе таа иницијатива до ЈО, седум месеци подоцна - кон крајот на ноември 2021 година почна изградбата на посочениот станбено-деловен објект, а една и пол година подоцна солидно расте. Што се случи во меѓувреме?

„До денес немаме одговор од обвинителството“, вели за ДВ претседателката на (ДКСК) Билјана Ивановска.

Неказнивоста носи висок ризик

Со одолговлекување на постапките, практично се губи суштината на каква било  битка со корупцијата.  Случајов, кој е земен како пример за бавно постапување, може да се резултира со целосно изграден објект додека предметот стаса на суд, па тогаш клучното прашање би било – кој ќе ја плати штетата? А одолговлекувањето на постапките ѝ оди  во прилог на неказнивоста,  која останува проблем број еден кога станува збор за ризици од корупција.

„При проценка на ризичните фактори за корупција и невладеењето на правото, проблемот со неказнивост е оценет како многу висок ризик од корупција. Затоа сметам дека во функција на  надминување на состојбите со корупцијата  неопходно е зголемување на ефикасноста и ефективноста во работењето на правосудните органи, пред сѐ на обвинителството кое е клучно за процесуирање на предметите во судот. Дотолку повеќе што дел од иницијативите се однесуваат на прашања од висок јавен интерес, за кои е неопходна побрза разрешница“, објаснува Ивановска.

Nord-Mazedonien Staatskommission für Korruptionbekämpfung
ДКСК е една од алките во институционалниот синџир за битка против корупцијатаФотографија: DW/Petr Stojanovski

Од тие причини, на состаноците организирани со цел да се изнајдат начини за подобрување на институционалната соработка, ДКСК повеќе пати досега укажала дека: треба да се даде предност на предметите кои се доставени од ДКСК и ДЗР, земајќи ја при тоа предвид целокупната истрага и поткрепувачка документација, а со цел да се избегне дуплирање во работата; да се подобри внатрешната организација за распределба на предметите - тие да се распределуваат електронски со цел да се намали можноста за субјективно делување како и ризикот од уцени и корупција; да се определат временски рокови за завршување на истрагите; да се обезбеди подобрување на кадровските и материјално техничките ресурси; да се преземат мерки за зајакнување на истражните центри во обвинителството и да се искористат ресурсите на истражниот центар од СЈО.

„Нашите заложби се во насока на воспоставување системски пристап во работењето на институциите“, потенцира претседателката на ДКСК.

Низок процент на реализација

Во изминатиот период ДКСК до ЈО поднела околу 20 иницијативи за кривично гонење, од кои одговор добила за три, односно за оние кои биле отфрлени.

Мал е и процентот на реализација (само 20 отсто) на активностите кои се предвидени во Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси, одделно по институции, а кои тие треба да ги извршат. Тоа значи дека 80% од активностите кои лани не биле реализирани, се префрлени за оваа година. Таквата бавност во динамиката за исполнување на активностите, не може да води кон успешна борба со корупцијата.

До ДКСК досега најчесто стигнувале пријави кои се однесуваат на судски одлуки, од сферата на вработувања и урбанизам.