Медиуми: Нови тајни документи во канцеларијата на Бајден
12 јануари 2023Медиумите во САД информираат за ново откритие на тајни документи од страна на вработените на американскиот претседател Џо Бајден. Тие се откриени при претрес на втора локација. Кабинетот на Претседателот сѐ уште не ги потврдил извештаите.
Белата куќа во понеделникот (9.01) соопшти дека адвокатите на Бајден во ноември откриле „мал број“ доверливи документи во неговата поранешна канцеларија во Вашингтон. Адвокатите потоа веднаш го информирале Националниот архив. Откако ја напушти функцијата потпретседател, во периодот од 2017 година до 2020 година, Бајден имаше канцеларија во Центарот Пен Бајден, тинк-тенк поврзан со универзитетот во Пенсилванија.
Истражувањето на други локации води до ново откритие
По првото откритие во ноември, вработените на Претседателот барале владини документи и на други локации, објави американската телевизија Си-Ен-Ен. Притоа се откриени и вторите документи. Точната локација и време на откривањето не се познати.
Портпаролката на Белата куќа, Кариен Жан-Пјер, одби да коментира зошто владата самата не објавила информации за првото откритие.
Откритието им дава поле за напад на Републиканците
Независно од проверките што ќе ги врши Министерството за правда, откритието дека Бајден можеби без право чувал доверливи или претседателски документи кај себе, може да се покаже како политички проблем за претседателот. Бајден ја нарече „неодговорна“ одлуката на неговиот претходник Доналд Трамп да чува стотици такви владини документиво својот приватен дом во Флорида.
Фактот дека сега, наводно, се пронајдени нови документи во просториите на Бајден, им дава на Републиканците поголемо поле за напад против актуелниот претседател, кој остро го критикуваше Трамп за неговото постапување со доверливи документи.