Тајни документи во приватната канцеларија на Џо Бајден
10 јануари 2023Документите биле пронајдени во поранешната канцеларија на американскиот претседател во Центарот за демократија и глобален ангажман Пен Бајден во Вашингтон, јавуваат меѓу другите Си-Би-Ес и Си-Ен-Ен, притоа повикувајќи се на информации од Белата куќа. Во просториите на тинк тенкот кој припаѓа на Универзитетот Пенсилванија,Џо Бајден користеше простории по мандатот како потпретседател во времето на Обама.
Според Белата куќа, документите се откриени во заклучен шкаф кога личните адвокати на Бајден почнале со празнење на канцеларијата. Документите му се веднаш предадени на Националниот архив. Сега случајот го истражува Министерството за правда, изјави специјалниот иследник на преtsедателот, Ричард Заубер.
Си-Ен-Ен јави дека станува збор за документи меѓу кои има и такви со највисок степен на тајност. Останува непознато каква е содржината на документите и колку Бајден знаел за тоа дека тие се наоѓаат во неговиот шкаф.
Паралели со „случајот Трамп“?
Откритието е особено експлозивно со оглед на сличниот неодамнешен случај и истрагата против поранешниот претседателДоналд Трамп, кој е соочен со обвинувања дека по напуштањето на Белата куќа однесол тајни владини документи на својот приватен имот.
ФБИ го пребара имотот на Трамп на Флорида во август минатата година и конфискуваше различни доверливи документи, некои со највисоко ниво на тајност. Сè уште не е јасно дали Трамп на крајот би можел да биде обвинет.
Според набљудувачите, не е чудно што во актуелниот случај Белата куќа инсистира на тоа дека самата ги пронашла документите и му ги предала на Националниот архив. Целта веројатно е овој случај да се прикаже како сосема различен од оној на Трамп за одземените тајни документи.
Републиканците ликуваат
Сепак, извештаите за документите пронајдени во канцеларијата на Бајден се добредојдени за Трамп и Републиканците. „Кога ФБИ ќе изврши рација во многуте домови на Џо Бајден, можеби дури и во Белата куќа?“, напиша Трамп на Truth Social, мрежата чиј коосновач е самиот.
Републиканците го стават под знак прашалник и времето на откривање на документите. „О, навистина? Тие го најдоа ова дури по сите овие години?“, го цитираше Си-Ен-Ен новоизбраниот претседател на Претставничкиот дом, Кевин Мекарти. Партискиот колега Бајрон Доналдс изрази сличен став: „Зошто овие документи беа пронајдени дури по шест години?
Џо Бајден, кој е во Мексико Сити на самитот на Северна Америка, досега не реагира на прашањата за документите.