Кинеската војска го провоцира Тајван
6 август 2022Кина денеска продолжи со своите воени маневри од големи размери околу Тајван во саботата. Министерот за надворешни работи на Тајван Џозеф Ву ја осуди „оваа опасна воена ескалација на воената закана што ги загрозува мирот и стабилноста во регионот“.
Според тајванското министерство за одбрана, кинеските авиони и бродови утрината извеле вежби за симулалција на напад врз главниот тајвански остров.
Министерството соопшти дека неколку групи кинески авиони се откриени во Тајванскиот теснец и оти некои ја преминале линијата на разграничување.
Тајванската војска емитувала предупредување и користела сили за воздушно извидување, поморски бродови и крајбрежни проектили за да одговори на тие маневри, се додава во соопштението .
Тајван испукал ракети за предупредување кон дроновите
Министерството за одбрана на Тајван уште соопти дека доцна синоќа испалиле ракети за да предупредат 7 дронови кои летале над тајванските острови Кинмен и неидентификувани летала над осторовот Мацу.
Во соопштението стои оти трупите се во состојба на подготвеност во двете области, кои се наоѓаат во близина на брегот на континентална Кина.
Прекинг неделава започна големи воени вежби како одговор на посетата на претседателката на Претставничкиот дом во американскиот Конгрес, Ненси Пелоси на Тајван.
Пекинг: Меѓународната заедница мора да одговори на притисоците на САД
Во денешното соопштение објавено на сајтот на кинеското Министерство за надворешни работи се наведува дека меѓународната заедница мора да се обедини против американскиот „непромислен“ притисок и нивното мешање во внатрешните работи на другите земји.
„Ако го игнорираме мешањето во нашите внатрешни работи, светот ќе се врати на законот на џунглата, а Вашингтон безобѕирно ќе користи сила за да ги малтретира другите земји. Не можеме да дозволиме САД повторно да преземат слични чекори. Сите земји треба да се обединат за да не се дозволи да се случат вакви работи“, изјави кинескиот министер за надворешни работи, Ванг Ји.
Ванг Ји ги опиша вежбите што ги спроведува кинеската Народноослободителна армија во близина на Тајван како „транспарентни и професионални“, оценувајќи дека тие се во согласност со домашните и меѓународните закони.
„Решително ќе го чуваме суверенитетот и територијалниот интегритет на Кина и ќе го одвратиме обидот на САД да го искористи Тајван за контрола на Кина“, заклучи кинескиот министер за надворешни работи.