1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонски зајак и албански сос во нео-унитарна тава

30 март 2023

Неизводливоста на закуската не беше поради етно-религиски карактеристики, туку неможноста во иста манџа да варите мултикултурен систем на западна Македонија и моноетнички систем на источна Македонија. Пишува Арсим Зеколи

https://p.dw.com/p/4PTTu
Арсим Зеколи, автор на колумната
Арсим Зеколи, автор на колумнатаФотографија: DW/K. Blazevska

Симпатично смотаниот Вили Винциг бараше нови приходи со кои ќе си ја зајакне новостекнатата пензија. Со таа цел, Вили ќе прифати да гостува на државната телевизија како гостин-готвач за приготвување на неделниот специјалитет. По негов избор, и на љубопитност на гледачите, неговиот избор падна на специјалитет со предизвикувачко и егзотично име – македонски зајак во лут, црн албански сос. На кој според желбата – или дофатот на раката – му се додава малку шнапс, малку виски, малку ликер, малку вино, кечап и табаско. Малиот проблем на сместување на зајакот во садот беше решен со едноставно кратење на опашот со ножички. Така спремно, зачинето, гарнирано, наредено, засолено, забиберено, зајакот со се сосот беше ставен во миксер. Кој неколку секунди по вклучувањето – експлодира, расфрлувајќи ја смесата низ кујната и самите готвачи. И со тоа се заклучува финалното крешендо на германскиот филм-комедија „Нашиот Вили е најдобар” (Unser Willi ist der Beste) снимен во, верувале или не, далечната 1971 година. Кога кај нас во СФРЈ се одвиваа либералните движења и подготвуваше новиот сојузен Устав од 1974 година. 

Прочистување на ликовите   

Да го премотаме набрзина филмот до денешницата и состојбата на Унијата на зајакот и сосот заглавени во миксерот наречен Северна Македонија. Во последните неколку недели, низ не-мејнстрим медиумите почнаа да кружат неколку интересни информации кои отскокнуваат по провокативноста и информативноста. 

Хајнц Ерхарт
Хајнц Ерхарт го играше ликот на Вили Винциг во филмот „Нашиот Вили е најдобар“ Фотографија: picture alliance/United Archives/Roba Archiv

Имено, неодамна низ едно интервју дознавме за „муабети” дека референдумот за независноста на Македонија (со се контроверзното прашање) можеби, нагласувам можеби, бил фалсификуван или наместен. Претходно на таа информација, низ етерот слушавме сведоштва и потврди од етно-македонски политичари кои потврдуваат дека етно-албанските партии и по независноста и при преговорите за Рамковниот договорпредлагале или барале да се усвои граѓански концепт на државата, но било одбивано од етно-македонските претставници. Приближно во исто време, срамежливо проструи приказната за Цветко Узуновски, шеф на УДБА за СР Македонија– инаку партизан, комунист, шпански борец - бил обвинет дека шпионирал за Гестапо во Загреб во 1941, за што и бил отстранет од функциите во Македонија во 1953. Но, интересно, сето тоа не било пречка истиот да биде пратен на сојузна служба, прво во сојузниот Секретаријат за внатрешни работи, а потоа и како началник за народна одбрана во сојузниот Секретаријат за одбрана. За да на крај биде пензиониран како генерал-полковник на ЈНА. Серијалот информации ќе го заокружиме со симптоматичните дружби помеѓу некои од бугарските политици-бизнисмени (скоро ставени на американската црна листа) со одреден наш стопанственик и ексминистер, подеднакво омилен како кај СДСМ така и кај ВМРО. 

Сомнежот врз Референдумот не може на никој начин да ја доведе во прашање ниту независноста, ниту самостојноста на државата денес. Впрочем, дури и ако е така, Македонија не би била единствената пост-комунистичка земја која троа по волја и троа на клоци прогласила независност. Информацијата за поддржувачите Албанци и одбивачите Македонци на граѓанскиот концепт не ја намалува битноста на граѓанскиот концепт, туку само ја разобличува вкоренетата лажна перцепција за Македонците како граѓанисти однавек и Албанците како етнолози од праисторија.  Податокот само потсетува дека новата држава, новата администрација, системот, општество да биде целосно етнизирано (во случајот, по македонски терк) за да на крај таквиот фол-граѓански концепт биде наметнат како свршен чин - услов за прифаќање, т.е. одбивање од страна на етничките Албанци. Примерот со партизанот Узуновски не е прв, туку е само илустрација за прочистувањето на ликовите низ пост-воените чистилишта, но и сведоштво за дискутабилните денешни дебати околу фашизмот, дрогата, кражбата, корупцијата за кои некои сеуште тврдат дека не постоеле во рајот наречен СФРЈ. И на крај, дружбата на наши бизнис-министри со бугарски црно-листујуши не би била битна за спомнување, доколку истиот не беше воедно и неслужбен ангел-заштитник на одредени медиумски бардови од Живаљевиќ групацијата со познати критични тонови кон Бугарија. 

Криење на црните петна  

Она што е побитно од наведените недоследности е последицата на тајновитоста, нивното криење од јавноста. Таквата тајновитост е оската, јадрото околу кое се гради заробеноста на државата, ендемската нетранспарентност, доминацијата на „десетте семејства” и смислата на т.н. длабока држава на константа непроменливост поради неменливост. Доколку светлото е дезинфектант, темницата на тајновитоста е врската помеѓу загрозените од вистината која ги прави взаемно да си ги чуваат тајните и се поддржуваат, дури и кога имаат взаемно непријателски чувства. Стравот од срамот, стравот од одговорноста (законска или историска), стравот од губењето на привилегиите, стравот од самиот страв се нутрициентите кои ја хранеа и хранат тајновитоста, неформалните врски, анти-реформството и закоравеноста. Од нив се градат непринциелни коалиции, вонинституционални партнерства и премолчани спогодби како елементи кои ги следат СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ низ чии редови се нанижани ликовите со бремиња, багажи, опашки и сенки од воените и поствоените мината. По нивен пример се тргнати и ДУИ, кои како и се друго, од СДСМ и ВМРО ја имаат превземено истата матрица на криење на црните петна од (пост и пред) воените мината и нерасчистени структурни и персонални никогаш расчистени афери и општествени последици. Како такви, со споеделна матрица на тајновитост и страв, овие три партии се и ќе продолжат да бидат камен-темелници, врзивен цемент, столб на нетранспарентноста, чувари и гаранти на неотчетноста, неодговорноста и непрогресивното во оваа држава. И џабе тука некој Прибе се обидува да расчисти. 

Но да се вратиме на првиот опис, оној за зајакот и сосот. Германска варијација на италијанската кујна за македонската салата, но сега во баварска верзија на вбутнување месо и сос и кечап и шнапс во миксета со надеж дека ќе испадне некаква паштета или wurst-колбас. Не дека Германците и Европејците не се истакнаа во упорноста во последните триесет години од нас да направат некаква смеса која, како што би кажал топ-надреалистичкиот бурекџија од Тузла – ни мртви усти не би ја јаделе. Неуспешноста на таа добронамерна можеби, но докажано неизводлива усилба на Европејците лежеше во нивната фасцинација со различностите на етникумите и нивните религиски диференцијали. Пренебрегнувајќи ја суштинската и диаметрално различна компонента на различни системи во иста држава на која токму и кумуваа и Германија, и Италија и Франција и доскора САД. Имено, неизводливоста на закуската не беше поради етно-религиските карактеристики на зајакот и сосот, туку поради невозможноста во иста манџа, во исто време, да варите мултикултурен систем на западна Македонија и моноетничките систем на источна Македонија. Можете насила, но со редовни циклуси повраќање, дијареи и интервенции од Западот.

Токму денешницата е илустрација на една таква последица во одвивање пред наши очи. Доминантниот став на домашните набљудувачи и политички стратези е дека во Македонија се одвива подем на национализмот. Општо прифатена перцепција, но сосема погрешна дијагноза. Во реалноста, нема никаков подем на национализмот, туку само еден од процесите на (политички) исушените сончогледи во цикличните премини од една кон друга нарација. Ќе забележите дека најгласните навидум-националистички грла и ликови денес се всушност буквално истите они кое беа најгласни ликови на Шарената револуција кои останаа прикратени од (очекуваните или изгубените) придобивки на Шарената револуција. Притоа, интересно е што нивниот главен аргумент е згрозеноста од етничкиот концепт и поддршката за граѓанскиот концепт како унисекс решение за сите предизвици и проблеми.  

Разбирање на граѓанскиот концепт  

Она што галамливите врескатори на граѓанизмот, како и збунетите стратези на политичките партии кај нас пропуштаат да го увидат и разберат, е дека во очите на меѓународната заедница граѓанскиот концепт е одамна прочитан и отфрлен како веќе компромитирана и злоупотребена паралага во која има се, но не и граѓанско. Галамливите граѓанисти можат да ја увидат таа реалност на испразноста на граѓанското во очите на меѓународната заедница преку примерите од БиХ до Црна Гора, од Србија до Косово, каде секој етникум тераше сопствена интерпретација на граѓанското – но со силна етнички мотивирана матрица на доминација. Граѓанскиот концепт денес во овие земји, исто како и во Македонија, е последно засолништво на перфидниот псеудо-национализам во криенка кон псеудо-граѓанството. Денешното разбирање на граѓанскиот концепт во западен Балкан е уште една варијација на сталинистичкиот граѓански устав на Русите или пак газиместанско-Милошевичкиот начин на разбирање на „братство и единството” во кое доминантниот етникум ги определува правилата на играта. Тоа, едноставно, нема никаква врска со граѓанскиот концепт.  

Зошто ДУИ доминира на политичката сцена

Насекаде низ регионот – во различни форми - е евидентна појавата на фаворизирање на помалите заедници на сметка на мнозинската. Причината е секаде иста – разбивањето на монополите создадени во име на мнозинската заедница, но скроени по интерес и профит на тесно определна групација ликови со споделени петна од минатото или профитерски побуди. Таа стратегија е само привремена шок-терапија за премин кон создавањето на средини за поверодостојно концептирање и полесно прифаќање на реалниот граѓански концепт според западните демократски стандарди базирани врз кадијата како индивидуа и паталецот како индивидуа. На извесен начин, меѓународната заедница ги има отфрлено како крипто-националистички сите пост-југословенски етно-национални имитации на граѓанскиот концепт и приближно се има вратено кон духот (не самите постулати) на Уставот од 1974 година. Тоа е основата на новиот пристап кој предизвикува тревога кај етно-граѓанските пропоненти на мултикултурата на измамништво кои ја насетуваат сопствената излишност и изолација. Но уште побитно, тоа е курсот врз кој ќе се гради принципот на нео-унитаризмот изграден од нови нацрти и материјали врз срушените остатоци на компромитираниот, корумпираниот, криминализиран етно-унитаризам диктиран од олигархијата и криминалот на првенците. Доколку меѓународната заедница истрае на тој правец – тоа ќе биде знак дека можеби нашето членство во ЕУ сепак и не е толку далеку за нас и сиот регион. Доколку не, остануваме да се вртиме во виц-миксетата на зајаци, сосови и тузлански бурекџии.  

 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач