1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија по седум години

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Ерол Ризаов
27 декември 2022

Република Северна Македонија 2030-2031 година ќе стане редовна членка на ЕУ и ќе ги афирмира своите идентитетски посебности како никогаш досега. Македонија ќе ја добие својата целост во рамките на Европската Унија.

https://p.dw.com/p/4LQsQ
Македонското и знамето на ЕУ се вејат пред седиштето на Европската комисија во Брисел
Македонското и знамето на ЕУ се вејат пред седиштето на Европската комисија во БриселФотографија: picture-alliance/dpa/I. Bänsch

Хороскоп е меѓу најчитаните рубрики во македонските медиуми. Особено пред новата година. Луѓето сакаат да прочитаат што ќе им се случува, дури и тие што не веруваат во тоа. Восхитувачка е вештината како се напишани прогнозите што ќе ве снајде наредната година. Можете да го замените вашиот хороскопски знак со било кој друг и пак да се најдете себе си дека сѐ ви погодиле „астролозите“. А, тоа што го чека светот идната  година  и наредните години не е само хороскопска проценка на движење на планетите, туку реална и научна анализа која произлегува од настаните и состојбите кои веќе се случиле на земјината топка  и со сигурност ќе потраат и во поблиската и подалечна иднина.

Се разбира, ќе има и прогнози што ја чека Македонија во новата 2023 година. Ќе се изгласаат ли уставните промени, Бугарите ќе влезат ли во Уставот. Ќе ги отвориме ли првите кластери во преговорите со ЕУ,  ќе има ли предвремени парламентарни избори, ќе победи ли власта, или опозицијата,  ќе растат ли  уште цените, ќе биде ли уште пожестока економската криза, ќе потрае  ли и натаму пандемијата. И конечно ќе биде ли подобра, или полоша наредната година. Можете на сите овие прашања да одговорите со ДА или НЕ во зависност од проценките што веќе сте ги направиле, односно според она што сакате, или не сакате  да се случи.

Можете да изберете дали сакате да бидете неинформиран оптимист, или информиран песимист или обратно. Сеедно и онака многу бргу ќе заборавиме што сме предвидувале, но ќе бидеме убедени дека сме погодиле. За она што нема да погодиме , а ќе ни се случи, високоумно ќе констатираме дека тоа чудо невидено никој не можел во светот да го предвиди.

Ерол Ризаов, автор на колумната
Ерол Ризаов, автор на колумнатаФотографија: privat

Јас се одлучив за една подолгорочна прогноза што ќе биде со Македонија по седум години каде се наоѓаат и проценките на настаните во сите наредни години до 2030 година. Како аргумент дека тоа навистина ќе се случи ги земав настаните кои се случиле пред 10 и пред 17  години, во 2012 и во 2005 година бидејќи историјата се повторува некогаш како фарса, а некогаш како учителка на животот, прво ќе преобјавам еден текст за тие настани  кои даваат одговори на некои од погоре поставените прашања што ќе ни се случува идната 2023 година.

Кога името Северна Макдонија не беше сензација

Текстот објавен на 31 мај 2012 година во „Утрински Весник“ е со наслов: „ Северна Македонија не е сензација“. Поднсловот гласи: Дали и по седум години ќе се караме кој повеќе е виновен Груевски или Црвенковски што не можеме да станеме членка на НАТО како Република Северна Македонија“

Еве го и целиот текст без ниту една интервенција:

„Предлог со име Република Северна Македонија веќе не е првокласна сензација, дури и кога го дава познат политичар и јавна личност. Во неделникот „Граѓански“ Владо Поповски во интервју со новинарот Васко Попетревски за ова име со географска додавка ќе каже: „ За мене лично тоа решение е прифатливо, апсолутно. Вие откочувате процес и предрасуда што ги создаде Грција, ги елиминирате комплетно, влегувате како членка во НАТО, релативно брзо и во ЕУ, со што амбиентот за инвестиции станува многу подобар. Нацијата живее од иднината, не од минатото....“ Натаму во извонредно интересен и храбар јавен настап Поповски прецизно ги образложува и прашањата околу идентитетските предрасуди, заблуди и нивните политички злоупотреби. Во тоа интервју има и многу други сериозни пораки и критики до власта и до опозицијата и до актуелни политичари на високи функции. Секако најсилно е предупредувањето дека опасноста за опстанок на Македонија не е помината. И Поповски го јадат истите јанsи како многумина од нас: „Срамота би било да ја изгубиме државата“.

Повеќе од Ерол Ризаов: Мацедонише цуштенде, Хер Штаjнмајер

Требаше да поминат цели пет дена да се слушне првата реакција по овој по многу нешта неочекуван јавен настап на Владо Поповски. Со голема доза на љубопитност чекав да видам кој прв ќе реагира. Дали тоа ќе бидат познатите медиумски јастреби на ВМРО ДПМНЕ, или дежурните за одржување на хигиената на СДСМ. Кога гледај чудо, целосен молк. Човек да не знае што да мисли по толку години работа во оваа проклета, ама интересна професија. Си велам, Владо не е човек што гази на гнила штица. Неговата политичка и професионална биографија е многу интересна и за време на транзицијата, но и за време на претходниот општествено политички систем. Неговите противници би го нарекле контроверзна личност, играч за сите тимови со широкорастеглива иделогија од лево кон десно. Но, она што останува како факт, и што добро го нотира Попетревски, е што Владо Поповски универзитески професор е човекот што учествува во пишувањето на првиот Устав на самостојна Република Македонија, но и на неговите измени 2001 година, учествуваше и во охридските преговори и во подготовката на Рамковниот договор, министер е во владите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, во клучни ресори, соработник е на претседателите на државата Киро Глигоров и Борис Трајковски, прв директор на агенцијата за разузнавање, има зад себе многу научни трудови и е општопозната јавна личност. Но за оваа сторија, кога тој јавно се изјаснува дека апсолутно е прифатливо името Република Северна Македонија е најважно што тој е од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, член на Советот на Скопје, а многумина го сметаат за еден од главните идеолози на десницата. Зошто сега ова испаѓа најважно, кога човекот има богата биографија. Затоа што ваквиот настап не се совпаѓа со едноумието околу ова прашање кое владее во ВМРО- ДПМНЕ, каде изјави за името на државата не смеат да даваат ни на сон највисоките партиски и владини функционери, без да го прашаат премиерот Никола Груевски.

И еве сега серија прашања и дилеми кои ме следеа оваа недела во врска со ова интервју. Дали можеби и Владо Поповски е нешто лут и веќе му е смачено што не добил во последно време некоја поголема функција. Неговото име се споменуваше за уставен судија. Ја отфрлив оваа можност како малку веројатна за силен мотив на еден пензиониран научник. А, да не е ова пробен балон во консултација со Никола Груевски. Ова веројатност отпадна побрзо од првата, иако јастребите можеби заради тоа молчат. Ако пак се заспани новинарите и ги фатило шаховско слепило, па за пион, губат дама или можеби, предлогот Република Северна Македонија не е веќе таква сензација од која се крева коса на глава како порано. Чинам дека во прашање се овие две последни категории, малку турска гимнастика кај новинарите и доста страв кој обично се лекува со рамнодушност и апатија.

Повеќе од Ерол Ризаов: Американците не доаѓаат утре, тие се одамна тука

Неисе, прв се огласи дневниот Фокус, а потоа уследија видно воздржани реакции од центарот на комункации на ВМРО-ДПМНЕ дека тоа се лични ставови на Поповски. Јастребите уште молчат. Чекаат сигнал.

И на крај еве го доказот зошто мислам дека во Македонија спласнува и се разгорува тензијата околу името кога тоа го посакуваат политичарите, особено тие кои ја држат власта со регулаторот во раце нивелирајќи ја висината на температура околу името на државата. Тоа најдобро го покажа предлогот на Владо Поповски за Република Северна Македонија и интервјуто на Бранко Црвенковски за Канал 5 дека 2005 година имало поповолни решенија кои не ги прифатила ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски.

Додека Поповски мина мирно и без сензации, џокерот на Црвенковски предизвика лавина и откри неколку работи кои сме ги заборавиле, а кои своевремено биле достапни на јавноста, а сме ги примале со многу емоции и револт. Прво, се соочивме со една смешна типична македонска работа: тоа што е прогласено за државна тајна е објавено уште 2005 година во сите медиуми тогаш кои нешто значат, а јавниот обвинител не покренал никаква постапка. И сега со неколку клика во архивите на весниците ќе ја добиете на екран големата државна тајна од запирка до запирка. Второ, она што нас посебно не' интересира за тезите во овој текст е одговорот на Минстерството за надворешни работи на соседна Грција по повод предлогот на медијаторот Метју Нимиц кој стасал за неполни три часа откако Грците го виделе и прочитале. Се надевам дека Грците ова не го третираат како нивна државна тајна.

Еве што напишале нашите судбински комшии за името: „Предлогот на медијаторот Нимиц е едностран и пристрасен т.е. ги поддржува ставовите на Скопје што не е во согласност со концептот за посредништво на ОН. Целта на посредништвото е да се дојде до компромис што ќе биде прифатлив за двете страни и кој ќе ја олесни билатералната релација меѓу двете држави и комуникацијата меѓу двата народа , но со ваквиот предлог тоа не е случај. Атина ќе го блокира барањето на БЈРМ за членство во која било меѓународна организација ако се обиде тоа да го стори под друго име што не е Поранешна Југословенска Република Македонија“.

Повеќе од Ерол Ризаов: Колкава е цената на епохалните грешки?

Читајте внимателно не е грешка: ни' се заканиле дека ќе не' блокираат Грците за членство во сите меѓународни асоцијации ако тоа не е со името БЈРМ. Споредете колку многу сме напредувале во преговорите со Грција и колку многу големи поддржувачи сме стекнале во светот од 2005 година наваму. Сега, со хашка пресуда бараме членство во НАТО и во ЕУ со БЈРМ, па не' откачуваат мазно. Во 2005 година тоа сме го имале во џеп. Но тогаш членството со БЈРМ ни' изгледало страшно. Сега тоа е голем успех, дури и со грдата привремена референца ( БЈРМ м,з)која стана главен адут по хашката пресуда. Дали по седум години ќе има уште една хашка пресуда во наша корист и ќе се караме кој повеќе е виновен Груевски или Црвенковски поради неправдата што не можеме да влеземе во НАТО и во ЕУ како Република Северна Македонија.“

Ете ова е напишано и објавено во Утрински Весник на 31 мај 2012 година. 

Истото како со Грција ќе се случи и со Бугарија

Жал ми е што не успеав да го најдам оригиналниот текст од интервјуто на Владо Поповски за „Граѓански,“ но чинам и ова е доволно да се направат одредени проценки имајќи предвид што се случуваше во текот на седумте години од 2012 до 2019 година. Се случи тоа што изгледаше невозможно и ултимативно од страна на Грција дека освен со името БЈРМ со ниедно друго има Македонија не може да стане членка на било која друга меѓународна организација, оти ќе следи грчка блокада. Македонија стана членка на НАТО, за годинава да ги почне и преговорите со ЕУ. Сите идентитетски посебности на Македонскиот народ се сочувани како што и ги образложува во тоа интервју Владо Поповски како предрасуди, заблуди и политички злоупотреби кои политичарите ги разгоруваат и креваат високи тензии , особено како предизборни адути. Истото како со Грција ќе се случи и со Бугарија. Бугарите наредната 2023 година ќе влезат во Уставот како и сите други. Република Северна Македонија 2030-2031 година ќе стане редовна членка на ЕУ и ќе ги афирмира своите посебности како никогаш досега. Македонија ќе ја зачува својат целост во рамките на Европската Унија.

Оваа историска неминовност не можат да ја расипат личните амбиции и битките за власт, ниту локалните заробеници на историјата и на географијата. Овие одлуки се веќе донесени во новата поделба на светот. Кој тоа не може да ги види ќе обневиди.

Се разбира, ова можете да го читате како новогодишен хороскоп, или како историска неминовност. Кој ќе доживее, ќе раскажува.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.