1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија ќе биде ол рајт

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Ерол Ризаов
12 ноември 2024

Уште колку власт му треба на премиерот Мицкоски, покрај апсолутната што ја има, за конечно и Бугарите во Уставот да станат голем успех. Пишува Ерол Ризаов.

https://p.dw.com/p/4mtQU
Македонскиот премиер Христијан Мицкоски
Македонскиот премиер Христијан МицкоскиФотографија: Government North Macedonia

Конечно можеме да здивнеме, Македонија ќе биде ол рајт. По големата победа на ВМРО-ДПМНЕ на претседателските избори во Соединетите Американски Држави и по средбата на премиерот Христијан Мицкоски со претседателот на Франција Емануел Макрон ќе се оствари се што ветија, а не можеа да остварат „велепредавниците“ на македонските национални и државни интереси, поради успешните  блокади на довчерашната патриотска опозиција.

Претседателот на САД, Доналд Трампсилно ќе удри со тупаница на маса, за разлика од неговите претходници, експресно ќе ни ја одреди иднината на благосостојба. Републиканците и лично претседателот Трамп се многу загрижени за Македонија.

Претседателот, пак, на Франција Макрон импресиониран од авторитетот, угледот на Македонија и од патриотизмот на премиерот  Мицкоски, по нивната историска средба во Будимпешта, исто така, безрезервно ќе ја поддржи Македонија, не само на патот за членство во ЕУ, туку и за брз економски развој да биде таму кај што припаѓа, рамноправна членка на западноевропското семејство.

Големата неправда што и се правеше со децении на нашата татковина од лошите комшии, од домашните непријатели и од нерешителната, протекционистичка и дволична Европа, ќе биде исправена и ќе остане во минатото, како историја која ќе ја проучуваат идните генерации, како со мудра и храбра политика по дипломатски блиц-криг е извојувана голема победа.

Разликата меѓу двете македонски влади- „предавничката“ и „патриотската“, е суштинска. Сето тоа што го потпишаа предавниците во договорите со Грција и со Бугарија сега ќе биде остварено. Немојте да се смеете. Тука нема ништо смешно. Моќната патриотска опозиција го крена народот на нозе и во голема мерка ги спречи предавствата на сервилните и корумпирани политичари.

За малку ќе успееја да го спречат и членството во НАТО, да не беше предавството на нивните осумтемина пратеници во Собранието на Македонија. Но, затоа пак многу успешна беше операцијата за блокадата да не продолжат преговорите со ЕУ, да одиме заедно со Албанија во ЕУ. Ете тоа е успешната политика на македонските политички херои. 

Средба во Будимпешта на францускиот претседател Емануел Макрон и македонскиот премиер Христијан Мицкоски на 7 ноември, 2024
Средба во Будимпешта на францускиот претседател Емануел Макрон и македонскиот премиер Христијан Мицкоски на 7 ноември, 2024 Фотографија: Regierung von Nordmazedonien

Едно е да си во опозиција, а друго на власт. Сега ситуацијата е сосема поинаква по големата победа на ВМРО-ДПМНЕ на изборите во Македонија и во Америка. Истите договори и со Грција и со Бугарија се гледаат со поинакви очи вклучувајќи го и француското вето на Макрон  и дополнително, „ужасниот“ француски предлог за отстранување на бугарското вето, кој во Елисејската палата го стокмија по бугарски „диктат".  

Ќе не биде, или ќе не нема 

Не завиваат повеќе сирените за тревога за промената на името на државата со додавката северна, за лошата преговарачка рамка со ЕУ, за уставните измени да влезат Бугарите во Уставот заедно со Хрватите, Црногорците, Евреите и Египјаните. Тоа нема да се прифати сервилно, туку храбро и одлучно без да бидат доведени во прашање идентитетските посебности на македонскиот народ. 

Во Македонија нема повеќе северџани. Јавните личности, медиуми и новинари кои беа прогласени за странски платеници и поддржувачи на компромисите во преговорите со проблематичните соседи, сега ги отстапија местата на храбрите поддржувачи на власта и провладините жестоки критичари на опозицијата која не може ништо да блокира и не попречува да се донесат сите стратегиски  одлуки во Собранието. Напротив, ги поддржува.

Премиерот Мицкоски и неговите дипломатски и економски успеси со стотиците милиони евра заем од Унгарија како подготовка за локални избори, не се симнуваат од ТВ екраните и од социјалните мрежи. Америка и Франција кои до вчера беа најголемите „виновници“, заедно со домашните непријатели станаа нашите најголеми пријатели и најсилни сојузници. Домашните непријатели си останаа непријатели како неконструктивна опозиција. Тоа се клучните придобивки од успесите на премиерот Христијан Мицкоски со коалиционите партнери. 

Ослепени од блесокот на лажните достигнувања, мнозинството граѓани и натаму веруваат на пропагандите дека „ќе не биде“ бидејќи Трамп стана претседател на Америка, а Макрон ни дава решителна поддршка, се разбира, само под услов  договорите со соседите да ги спроведеме. 

Еве како тоа изгледа во стварноста по последните храбри исчекори на премиерот Мицкоски: ајде малку со постудена глава да видиме и да се соочиме со реалноста  што ќе значи за Македонија победата на Трамп? На тоа прашање пишува Денко Малески: „Не може да се одговори ако фокусот се стави само на нашата држава. Затоа што сме премногу мали и неважни. Во фокусот на Америка се односите со ЕУ, со Русија, со Кина и со другите големи играчи на меѓународната сцена. Од тоа како ќе се менуваат односите со нив генерално, а особено со ЕУ, ќе зависат и односите со Македонија. „Америка на прво место“ значи „секој за себе“, па дистанцирањето од Европа значи и дистанцирање од Македонија и од Балканот, што секако е лошо и за Македонија...", заклучува Малески.

Ако претседателот Доналд Трамп навистина го оствари ветеното и да преговара со рускиот претседател Владимир Путин за крај на војната во Украина, тоа може да биде успех за светскиот мир, но и голема неизвесност за иднината на малите држави, особено во западен Балкан. Историјата е полна со примери како завршуваат мировните договори меѓу големите сили и поделбата на геостратегиските и геополитички интереси. Познат е трагичниот исход од тие договори кога малите држави, па и некои поголеми, служат како „монети за поткусурување“ на интересите на велесилите. 

Доналд Трамп прогласи победа на изборите во САД

Надежите се дека по инагурацијата на Доналд Трамп, сепак, сервилна Европа ќе успее да остане под закрилата на Америка, иако тоа овој пат ќе го плати многу поскапо. Оттаму, членството во ЕУ станува исклучително важно за Македонија да не остане на ветрометина изложена на други сфери на влијанија и на припадност, ако навистина Трамп го смени радикално односот кон НАТО. 

За четири месеци песимистот стана оптимист 

По Самитот на Европската политичка заедница во Будимпешта, по веќе прикажаната за домашната јавност како историска средба со претседателот на Франција Емануел Макрон, премиерот Мицкоски од опозициски песимист стана голем оптимист за европската иднина на Македонија. 

Со голема радост и приопшти на јавноста: „Отворено разговаравме за одблокирање на патот на Македонија кон Европската унија. Оптимист сум за нашата иднина, се бориме за нашите аргументи и вистината која е незаобиколна. Јас сум уште повеќе оптимист дека мора да нѐ биде и ќе нѐ биде“. Ќе дадеме сѐ од себе да ги зачуваме државните и националните интереси“. Не знам дали вам ви е јасно на која блокада Мицкоски мисли и кои национални и државни интереси ќе ги зачува. Сигурно дека не мисли на неговата и на ВМРО-ДПМНЕ блокадата да не продолжат преговорите со ЕУ, туку на француската и на бугарската. И кои национални интереси ќе ги зачува,  тие што се веќе зачувани и прифатени од ЕУ, или пак некои други. 

Дилемите ги разјасни вицепремиерот и министерот за транспорт, десната рака на Мицкоски Александар Николоски кој има силна потреба да го дообјаснува премиерот и партискиот лидер. Се разбира, воопшто не станува збор за полтронство, туку само за разјаснување.

„На конференција која што трае само еден ден, претседателот Макрон одвои толку време за да се сретне со премиерот на Македонија што многу говори и за личниот авторитет што го има премиерот Мицкоски и за угледот што го ужива Македонија“, ќе поентира пред новинарите Николоски. Навистина импресивно за големиот авторитет на Мицкоски искажан од Николоски, особено за големиот углед што го стекна Македонија по  доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт. Ако само за четири месеци Македонија стекна голем углед, можете ли да замислите како ли ќе биде за наредните четири години.

Стигна дополнително разјаснување и од кабинетот на францускиот претседател. Макрон навистина останал на својата повеќе пати искажана определба дека Франција ќе го поддржи евроинтегративниот пат на Македонија, но како што нагласил, поддршката на Франција ќе биде во согласност со исполнување на меѓународните обврски на Македонија. Ова е едно културно дообјаснување, да не речеме, демант за големите фалби од историската средба за поддршката условена со исполнување на договореното и тоа што Франција и ЕУ веќе го прифатиле. Уставните измени се незаобиколив предуслов за продолжување на преговорите со ЕУ. 

Опасниот ризик на кој Мицкоски ја изложува Македонија е во неговите калкулации на одложување на преговорите со ЕУ по локалните избори догодина. Уште колку власт му треба, покрај апсолутната што ја има, за конечно и Бугарите во уставот да станат голем успех. Вреди ли тој ризик за неколку градоначалнички и пратенички  места повеќе. Ќе треба да ја вкалкулира и големата неизвесност и непредвидливост на политиките на претседателот  Доналд Трамп и економските загрижувачки последици по Македонија на која укажуваат економистите.

И уште нешто што Мицкоски и македонската јавност мора да го имаат на ум,  апсолутната власт апсолутно ги расипува властодржците. По што падот е тежок и драматичен и за власта и за државата. Тоа се историски закономерности. 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.