1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски на ЕПЗ-самит: Подготвен сум да разговарам со секого

7 ноември 2024

Самитот на Европската политичка заедница што се одржува во Будимпешта, ќе отвори можности за билатерални средби на македонскиот премиер, но засега не е договорена таква средба со Радев.

https://p.dw.com/p/4mjlm
Христијан Мицкоски, премиер на Северна Македонија
Христијан Мицкоски, премиер на Северна МакедонијаФотографија: Government North Macedonia

Петтиот самит на Европската политичка заедница (ЕПЗ) што денеска (7.11) се одржува во Будимпешта, без дилема ќе биде еден од позначајните - не само поради темите за кои ќе се разговара, туку што сите тие ќе бидат анализирани доминантно низ призмата на изборниот епилог во САД.

Во конгресниот центар Aрена „Пукаш", домаќин на 47 шефови на држави и влади од членките на ЕУ, од земјите кандидатки за членство и од држави кои граничат со ЕУ, домаќин ќе биде премиерот на Унгарија, Виктор Орбан. Тој веќе го најави самитот како најголемиот дипломатски собир во современата историја на Унгарија.

Самитот се одржува еден ден по исходот од американските претседателски избори, во членка на ЕУ која критичарите ја сметаат за „протрампов остров во ЕУ“, поради тесните врски и пријателството на унгарскиот премиер со Доналд Трамп. Орбан, по вчерашната честитка до победникот, објави и дека имал разговор со Трамп. 

„Повик до Мар а Лаго (имотот на Трамп на Флорида, н.з.). Мојот прв разговор со претседателот Доналд Трамп по изборите. Имаме големи планови за иднината!“, напиша Орбан на социјалната мрежа X.

Ова пријателство се очекува да ги крене „акциите“ на Орбан во ЕУ, кој досега беше сметан за европски „enfant terrible“, но и акциите на земјите во кои тој успешно го дистрибуира неговото влијание.

На самитот на ЕПЗ, Унијата ќе ја претставуваат претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен и високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел. Самитот ќе има една пленарна и четири тематски сесии, како и билатерални состаноци. Лидерите ќе разговараат за главните безбедносни предизвици што ја засегаат Европа, како што се руската агресивна војна против Украина, ескалацијата на конфликот на Блискиот Исток, миграцијата, економската безбедност, како и прашања на поврзаноста во контекст на енергијата, транспортот, ИТ и глобалната трговија. На крајот на самитот предвидена е прес-конференција на Орбан и албанскиот премиер Еди Рама, кој ќе биде домаќин на следниот самит на ЕПЗ, напролет 2025 година.

Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен
Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен на самит на ЕПЗ во 2023 година (архивска фотографија)Фотографија: Jorge Guerrero/AFP

Мицкоски: Подготвен сум да разговарам со секого

Седми ноември и маргините на самиот на ЕПЗ, неофицијално беа спомнувани како време и место за неодамна понуденото посредништво на Орбан, со цел на иста маса да седнат бугарскиот претседател Румен Радев и македонскиот премиер Христијан Мицкоски. Минатиот месец, коментирајќи ги таквите информации, Радев рече дека секогаш бил отворен за дијалог, но дека е важно е да се прави разлика меѓу дијалог и преговори.

„Тоа се две различни работи. Преговорите меѓу Бугарија и Северна Македонија завршија во јули 2022 година кога двете држави го потпишаа двостраниот протокол врз основа на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка. Ако зборуваме за дијалог, тој треба да се води меѓу Северна Македонија и Европската комисија, и тоа врз основа на прифатената Преговорачка рамка за Северна Македонија, која со консензус, едногласно е усвоена од сите земји членки на ЕУ и е прифатена од Владата на Северна Македонија. Значи, таму треба да се води дијалог, и тоа дијалог за условите кои треба да ги исполни Северна Македонија за да може да ги отопочне преговите за членство во ЕУ. Сите овие работи јас многу добро сум ми ги објаснил и на премиерот Виктор Орбан и тука нема никаква потреба од посредување“, изјави Радев во средината на октомври.

Премиерот Мицкоски, кој денеска присуствува на Самитот на ЕПЗ, во одговор на новинарско прашање вчера рече дека не е планирана средба со бугарскиот претседател Румен Радев, но дека е подготвен на состанокот да седне и да разговара со секого.

„Подготвен сум да разговарам со секого секаде, врз основа на вистински договор што ќе нѐ однесе до целта, а не да го направиме само првиот чекор“, изјави тој.

Радев на самитот на ЕПЗ денеска ќе има обраќање на панелот посветен на миграцијата. Од неговиот кабинет само кусо најавија дека тој ќе има билатерални средби со негови колеги.

Европската политичка заедница има за цел да го потикне политичкиот дијалог за решавање на прашања од заеднички интерес, да ја зајакне безбедноста, стабилноста и просперитетот на европскиот континент. Ова платформа за политичка координација, која не е замена за ниту една постоечка организација, структура или процес, досега се состана четири пати: последен пат во палатата Бленхајм во близина на Лондон, претходно во Гранада, Кишињев и Прага.

Бугарија претседател Румен Радев
Од кабинетот на Румен Радев само кусо најавија дека тој ќе има билатерални средби со негови колегиФотографија: BGNES

Стратешка автономија во нови услови

Во Будимпешта денес и утре (7-ми и 8-ми ноември) ќе се одржи и неформален состанок на Европскиот совет. Предвидено е лидерите на земјите членки на ЕУ да разговараат за извештајот на поранешниот италијански премиер Енрико Лета - „Многу повеќе од пазар“, и за извештајот на Марио Драги - „Иднината на европската конкурентност“. Поранешниот шеф на Европската централна банка и поранешен премиер на Италија, Марио Драги, во изминатиот период предупредуваше дека во однос на конкуренцијата од САД и од Кина, економијата на ЕУ се наоѓа пред „егзистенцијален предизвик“ и дека на Унијата ѝ се потребни инвестиции од 750 до 800 милијарди евра годишно за да може економски да се натпреварува со САД и Кина. Предвидено е на состанокот да се разменат мислења и за темите „Ситуацијата во Грузија“, како и за „Односите ЕУ- САД“, а се се очекува да биде усвоена завршна декларација во врска со новиот договор за европска конкурентност.

И покрај честитките што европските челници ги испратија до Трамп, кај голем дел од нив доминира стравувањето дека Европа неподготвена ја дочекала победата на Трамп. Досега искажаните ставови на Трамп, може да тангираат повеќе прашања - трговијата, улогата на НАТО, помошта за Украина...

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, вчера ја поздрави победата на Трамп со уверување дека грчко-американските односи ќе продолжат да бидат силни и продуктивни, бидејќи се од стратешки и национален, а не од фракциски карактер. Но, се осврна и на темите што ќе бидат важни во Будимпешта.

„Нашиот континент мора динамично да го најде своето место на светската мапа, која постојано се менува. Да ја направи европската економија поконкурентна. Да ја изградиме нашата стратешка автономија во нови услови“, рече Мицотакис.