1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Локални избори во Србија: Може ли опозицијата да победи?

Сања Клајиќ
1 јуни 2024

И покрај поделбите и разликите околу тоа дали да ги бојкотираат или не локалните избори, некогаш обединетите опозициски партии во Србија се надеваат дека ќе ја прекинат доминацијата на Српската напредна партија.

https://p.dw.com/p/4gUyV
Српските гласачи во недела на 2 јуни, 2024 излегуваат на гласање за да изберат претставници во 88 општински совети
Српските гласачи во недела на 2 јуни, 2024 излегуваат на гласање за да изберат претставници во 88 општински советиФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

Неколку самостојни изборни билборди и штандови се единствените показатели дека овој викенд (гласањето е во недела на 2 јуни, 2024) ќе се одржуваат локални избори во Нови Сад во северна Србија. Слична е сликата и во јужниот српски град Ниш, каде жителите велат дека не се сеќаваат на толку тивка изборна кампања.

Сепак, јавното мислење сугерира дека опозицијата може да има шанса да ја победи владејачката Српска напредна партија (СНС) на претседателот Александар Вучиќ во двата града.

„Верувам дека очекувањата се делумно оправдани“, вели за ДВ Душко Радосављевиќ, политиколог од Нови Сад. „Во овие големи центри во Србија, опозицијата до одреден степен се обедини и стана видлива. Но, дури и самата опозиција да не е многу видлива, негативните ефекти од актуелната штетна власт се видливи.“

Поради извештаите за раширени нерегуларности на парламентарните избори во декември, 2023 година сега има повици до гласачите да ги бојкотираат локалните избори во Србија на 2 јуни
Поради извештаите за раширени нерегуларности на парламентарните избори во декември, 2023 година сега има повици до гласачите да ги бојкотираат локалните избори во Србија на 2 јуниФотографија: Ivan Djerkovic/DW

Душко Спасојевиќ, политиколог од Белград, го дели овој став, но вели дека е тешко да се прогнозира бидејќи сега има помалку ентузијазам отколку што имаше во пресрет на парламентарните избори на 17 декември.

„Се чини дека има надеж за опозициските партии, пред сѐ врз основа на резултатите од парламентарните избори, кои служат како добар показател“, вели тој за ДВ, посочувајќи на фактот дека опозициската листа беше прва во повеќето избирачки места во Нови Сад. „Она што е особено интересно е дека за првпат по подолго време, имаме отворени и конкурентни избори, кои би можеле да ги привлечат гласачите кои претходно не учествувале.“

Последните изборни нерегуларности

Претстојните локални избори се одржуваат по неколкумесечни напори на опозицијата да ги истакне нерегуларностите на националните парламентарни и на локалните избори во Белград во декември минатата година.

Неколку набљудувачи на изборите заклучија дека овие избори не биле ниту слободни ниту фер. Центарот за истражување, транспарентност и за одговорност (ЦРТА), независна непартиска граѓанска организација, во својот финален извештај наведе дека „Спектарот на сериозни загрозувања на правата на избирачите и на кандидатите опфаќа бескрупулозни притисоци врз граѓаните, манипулација со Избирачкиот список, фалсификување потписи за поддршка на номинираните списоци, злоупотреба на лични податоци на граѓаните, и фалсификување на датумот на објавување на изборните резултати во Службен весник за да се спречи опозицијата да го искористи законскиот рок за поднесување жалби до Уставниот суд“.

Овие наоди беа поткрепени со конечниот извештај на Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ- ОДИХР. Ова го натера Европскиот парламент да повика на меѓународна истрага.

Измените на Изборниот закон од декември

Иако никогаш не беше покрената меѓународна истрага, извештаите за нерегуларности доведоа до преговори за изборните услови меѓу власта и опозицијата. Како резултат на тоа, изборниот закон беше изменет за да се спречи организираната практика на привремено преместување на регистрираните адреси на гласачите во други изборни единици за да се влијае на изборните резултати.

Илјадници луѓе се собраа во Белград минатиот декември за да протестираат, против широко распространетите нерегуларности на парламентарните и локалните  избори во земјата.
Илјадници луѓе се собраа во Белград минатиот декември за да протестираат, против широко распространетите нерегуларности на парламентарните и локалните избори во земјата. Фотографија: Darko Vojinovic/AP/picture alliance

„Ова е чекор во вистинска насока, но секако не е доволен“, вели за ДВ Радомир Лазовиќ од опозицискиот Зелено-левичарски фронт. „Треба да се формира Комисија за избирачки список и да се смени пристапот на медиумите кон опозицијата.“

Поделена опозиција

Бидејќи барањата на опозицијата не беа целосно исполнети, некогаш обединетата опозиција мораше да одлучи дали воопшто ќе учествува на изборите. Дебатата доведе до раскол во опозициската алијанса „Србија против насилството“. Едната страна формираше нова група - „Избирам да се борам“, која ќе учествува на сите локални избори. Другата страна се одлучи за бојкот.

„Се чини дека додека здружената опозиција притискаше за промени во изборните услови, притисокот врз власта беше поголем, а имаше и индикации дека може да се постигне напредок“, рече Лазовиќ, кој е дел од групата „Избирам да се борам“. „Но, откако дел од опозицијата одлучи да ги бојкотира изборите, овој притисок се намали, а владата сега се чувствува помалку принудена да направи дополнителни отстапки“.

„За нас, учеството на изборите е предавање, играње на играта според нивните услови и тоа е главното несогласување“, рече Мариника Тепиќ, потпретседател на Партијата за слобода и правда, која се одлучи за бојкот.

Иако овој бојкот првенствено се однесува на прегласувањето на локалните избори од декември минатата година во Белград , на сите локални ограноци на овие партии им е дозволено сами да одлучат дали ќе учествуваат на изборите.

Опозицијата самоуверена во Нови Сад

Во Нови Сад беше формирана најшироката опозициска коалиција, обединувајќи 12 партии и движења. Сметаат дека и покрај сите нерегуларности можат да ја победат владејачката СНС.

„Мислам дека е наивно нашите колеги од Нови Сад да веруваат дека можат да победат под овие услови“, вели Тепиќ. „Тие нема да победат; ќе се соочат со реприза на 17 декември или уште полош резултат“.

Миран Погачар од алијансата „Обединети за слободен Нови Сад“ не се согласува: „Очекуваме Нови Сад да биде првиот вистински слободен град во Србија. Но, победата во Нови Сад е победа за цела Србија и се надеваме дека истото ќе се случи и во други градови, како Ниш, каде што постои реална можност за промени, и да се иницираат промени низ целата земја“.

Српскиот претседател Александар Вучиќ е речиси на секој плакат на кандидатите на локалните изборориос неговата партија СНС
Српскиот претседател Александар Вучиќ е речиси на секој плакат на кандидатите на локалните изборориос неговата партија СНСФотографија: Ivan Djerkovic/DW

Можност за промени има и во помалите градови, но некои сметаат дека овие избори ќе бидат повторување на она што се случи во декември. Во градот Бач во близина на Нови Сад, на пример, локалните лидери беа снимени како растовараат пакети со помош, за кои опозицијата претпоставува дека содржат основни прехранбени производи и тврди дека ќе бидат дистрибуирани во Бач пред изборите во обид да купат гласови за владејачката СНС.

Одѕивот на гласачите ќе биде клучен

Тивката кампања и жестоката дебата за бојкотот ги засени дискусиите за партиските политики и програми. Политикологот Душко Спасојевиќ смета дека тоа може да значи дека некои гласачи ќе останат дома во недела. „Мислам дека оваа дебата навистина ги збуни гласачите на 'Србија против насилството' и останува да се види како тие ќе реагираат“, рече тој.

За дополнителна конфузија, вели тој, се погрижија и составот на некои од коалициите како и неизвесноста кај гласачите за тоа каде опозицијата ги бојкотира изборите, а каде не.

Работата да биде уште полоша, изборни листи на граѓански групи се појавија со имиња слични на оние на листите на опозицијата во многу општини. „Целта на овие фантомски листи  е дополнително да ги збунат гласачите и верувам дека во целата оваа конфузија некои гласови ќе бидат дадени по грешка“, вели Спасојевиќ.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема