1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој ќе куртули од затвор со законот за амнестија?

ДТЗ
28 септември 2023

Законот за амнестија за десет дена ќе се најде пред пратениците во Собрание. Министерот за правда, Кренар Лога, бара поддршка од пратениците

https://p.dw.com/p/4WvC2
затвор Идризово
На кои осудениците ќе им се отворат затворските врати?Фотографија: Petr Stojanovski

Законот за амнестија, којшто во усвои Владата на предлог на Министерството за правда, за десет дена ќе се најде пред пратениците во македонското Собрание. Засега е неизвесно дали ќе ја добие поддршката на пратениците, особено по дилемите коишто се отворија во јавноста околу тоа  кој се би можел да куртули од затвор со новото законско решение. Можноста да се најдат на слобода и осудени во случајот „Монструм“ за убиствата кај Смилковското Езеро, предизвика незадоволство кај опозицијата која најави блокада во парламентот. 

„Од затвор нема да излегуваат академици, туку осудени за кривични дела. Но, нема да биде амнестиран ниту еден избран и именуван функционер“, вели министерот за правда, Кренар Лога. Тој на средба со новинарите денеска тврдеше дека ситуацијата во затворите е алармантна. Вели дека не станува збор за политичка агенда, туку за неопходен чекор увиден по неговата посета на најголемиот затвор во земјата - Идризово. 

Лога побара поддршка од сите пратеници и тврди дека се повторува законот од 2018 година, кога предлагач беа сите политички партии во Собранието, меѓу кои и ВМРО-ДПМНЕ.

Кренар Лога
Лога побара поддршка од сите пратеници за законот за амнестијаФотографија: Reg. Nordmazedonien

Огледало за пратениците

Министерот за правда вели дека не може да прејудицира кој точно затвореници ќе бидат опфатени со амнестијата, откако во медиумите се појавија информации дека двајца осуденици од случајот „Монструм“, Фејзи Азири и Хаки Азири ќе излезат од затвор ако се усвои новиот закон.

„Тврдам дека ниту еден избран или именуван од страна на институциите нема да биде опфатен со амнестијата, исто така ниту семејното насилство и предмети врзани со семејно насилство нема да бидат дел од амнестијата“, вели министерот и додава: 

„Очекувам поддршка и освен албум со слики од мојата посета, ќе купам и огледало, за секој пратеник да се гледа пред да гласа за овој закон. Јас носам одговорност за условите за овие шест месеци“.

Идризово затвор
Политичка агенда или неопходен чекор за растеретување на најголемиот затвор во земјата - Идризово. Фотографија: Petr Stojanovski

На кои осудениците ќе им се отворат затворските врати?

Со Законот за амнестија се предлага целосно ослободување на лицата на кои им е изречена казна затвор до шест месеци, а за осудениците кои со правосилна пресуда се осудени на казна затвор поголема од шест месеци, се предлага ослободување од издржувањето на 30 отсто од целокупната казна.

Законот за амнестија не се однесува на лицата кои се осудени на доживотен затвор, за кривично дело убиство, за кривични дела против изборите и гласањето, против половата слобода и половиот морал, против државата, против човечноста и меѓународното право. Амнестијата нема да важи ниту за кривичните дела разбојништво, разбојничка кражба, измама на штета на средствата на Европската Унија, перење пари и други приноси од казниво дело, злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата, примање поткуп, давање поткуп, давање награда за противзаконито влијание и за примање награда за противзаконито влијание...

Според Лога, ако државата нема можност да ги рехабилитира лицата со помали тешки дела, тогаш тие ќе треба да се вратат дома како насилници или како криминалци.

Но, од ВМРО-ДПМНЕ не сметаат дека станува збор за „ситни криминалци“. 

„Ова е една обланда за криминалците да се најдат на слобода и повторно да обработат за власта. Јас не верувам дека ова се ситни криминалци. Денеска дознавам дека Хаки и Фејзи Азири ќе се најдат на слобода кои се осудени за тешки дела. За мене трговија со дрога не е ситен криминал“, порача Зоран Коцевски. од ВМРО-ДПМНЕ во емисијата „24 Анализа“ на Телевизија 24.