Која е целта на Законот за амнестија?
27 септември 2023Јавноста која стана сомничава по експресно усвоените измени на Кривичниот законик, очекува да ги слушне сите детали од предлогот на Законот за амнестија кој вчера доби зелено светло на седница на Владата. Односно, дали неговата основна цел е растоварување на затворите, потребата од јакнење на рехабилитативниот концепт и помагање на процесот на реинтеграција на осудените лица - или нешто друго.
Од Министерството за правда се децидни - нема амнестија за тешки кривични дела. Со законот се предлага лицата на кои им е изречена казна затвор до 6 месеци потполно да се ослободат од издржување на казната, а осудените со казна затвор над шест месеци да се ослободуваат од издржување на 30% од целокупната казна.
„Амнестијата не се однесува на лицата кои се осудени на доживотен затвор, за кривично дело убиство, за кривични дела против изборите и гласањето, против половата слобода и половиот морал, против државата, против човечноста и меѓународното право, за кривичните дела „Злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353, „Несовесно работење во службата“ од член 353-в,за кривични дела против јавниот ред од членовите 394 до 394-г од Кривичниот законик, како и за кривични дела сторени при вршење на семејно насилство и родово -базирано насилство“,
Со предложениот закон од државата нема да добијат милост ниту осудените за кривични дела разбојништво, разбојничка кражба, измама на штета на средства на ЕУ, перење пари и други приноси од казниво дело, примање поткуп, давање поткуп, давање награда за противзаконито влијание, и примање награда за противзаконито влијание. Амнестијата не се однесува на лицата кои делата што се предмет на амнестија ги сториле по 1 септември 2023 година. Амнестијата не се однесува и на правосилно осудени лица за кои до денот на влегувањето во сила на овој закон е наредено издавање на потерница поради недостапност на органите за кривичен прогон.
Со законот се опфатени и македонски државјани кои се правосилно осудени на казна затвор за кривични дела пропишани со кривични закони на друга држава и казната ја издржуваат во РСМ врз основа на пресуда на странски или меѓународен суд, која е признаена со пресуда на надлежен суд во земјава според меѓународен договор ратификуван во согласност со Уставот на РСМ.
Против криминална инфекција
Со оглед дека не е во прашање сложен и обемен закон, во согласност со член 170 од собранискиот Деловник, се предлага Собранието да расправа за предложениот закон по скратена постапка. Премиерот Димитар Ковачевски вчера најави дека министерот за правда ќе има детален брифинг за законот.
„Очекуваме поддршка од сите пратеници за ова законско решение“, повика вчера Министерството за правда.
Дали ќе ја има? Изет Меџити, претседател на Демократското движење вчера изрази сомнеж дека таму каде што се застанало со измените на КЗ ќе се продолжи со предлог Законот за амнестија.
„Тоа што не успеаја целосно да ја завршат работава, во однос на Груевски и другите да ги затворат делата, сега ќе се обидат со Законот за амнестија. Значи, ова не е во интерес на граѓаните, не е во интерес на процесите или на ЕУ интеграциите, туку напротив сакаат амнестија на криминалот што е направен во тоа време и сегашно време. И мислат кога ќе преминат во опозиција да ја поминат покомотно и со помалку последици. Ние се спротивставуваме целосно на овие потези, зашто факт е дека и меѓународниот фактор и меѓународната заедница даде јасни забелешки дека ова не оди напред, туку ја влече назад земјата во однос на интеграциите“, рече Меџити.
Од Министерството за правда посочуваат дека со законот ќе се постигне и ресоцијализација, и растоварување на сегашните капацитети на казнено поправните установи од прекумерниот број на лица кои се наоѓаат на отслужување на затворска казна. Дополнително, со ослободување на лицата осудени со помали казни, ќе се спречи и криминална инфекција на оваа категорија лица.
И експерти укажуваат дека честопати се случувало лице осудено за полесно кривично дело и со мала казна, по издржување на казната да излезе од затвор поопасно и безбедносно поризично, отколку што било пред тоа, со што амнестијата потенцијално би спречила такви случаи.
Каде се алтернативните мерки?
Но, од експертската јавност во повеќе наврати посочуваат и дека проблемите со пренатрупаноста на затворите и нивните лоши услови не се решаваат со чести закони за амнестија, туку со целосно применување на пробацијата, односно со користење на алтернативни мерки - условна осуда со заштитен надзор, куќен затвор, општокорисна работа... Иако Законот за пробација започна да се применува во 2016 година, во пракса судовите многу ретко изрекуваат алтернативни мерки на обвинетите лица, со што пренатрупаноста во затворите постојано расте. Како што е познато, во гарантниот рок не профункционираа ни електронските алки за надзор при издржување на казна куќен затвор кои беа набавени во 2015 година, па целиот процес на „растоварување“ на затворите преку амнестии наликува на вртење во круг.
Во моментов 2.114 осуденици издржуваат затворска казна, 2.813 треба да влезат во затвор, а со усвојување на законот се очекува да бидат целосно ослободени од затворска казна нешто помалку од 300 осуденици и делумно амнестирани 996.
Од осамостојувањето на Македонија до денес се донесени повеќе закони за амнестија, со кои било изразено правото на простување (милост) на државата кон сторителите на казнени дела. Првиот закон за амнестија е донесен во 1991 година, друг во 1999, во 2002 и во 2003 година (ревидиран во 2004 година). Два закона за амнестија се донесени и во 2018 година. Со првиот беше амнестирана група на правосилно осудени лица со цел нивна ресоцијализација и растоварување на затворите. Вториот се однесуваше на ослободување од кривично гонење, запирање на поведените кривични постапки и целосно ослободување од казната затвор на лица за кои постоело основано сомневање дека сториле кривично дело поврзано со настаните во Собранието од 27 април 2017 година. Последниот од низата закони за амнестија беше донесен годинава за лица осудени (во екот на ковид-пандемијата) со правосилна пресуда на парична казна за кривични дела од членот 205 „Пренесување заразна болест“ и членот 206 „Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“.