1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лога бара Бугарија да ги почитува правата на Македонците

ДТЗ
11 мај 2023

Во дописот кој е испратен заедно со 14 пресуди, Министерството за правда бара поддршка од меѓународната заедница во делот на унапредувањето и заштитата на човековите права на Македонците во Бугарија

https://p.dw.com/p/4RE1R
Кренар Лога, министер за правда
Лога бара Бугарија да ги спроведе пресудите на СтразбурФотографија: Reg. Nordmazedonien

Министерот за правда, Кренар Лога, испрати писмо до меѓународната заедница во кое ги информира дека Бугарија не ги спроведува пресудите на Судот за човекови права во Стразбур (ЕСЧП). Писмото е испратено до Амбасадата на САД во Северна Македонија, Делегацијата на ЕУ, Мисијата на ОБСЕ и Програмската канцеларија на Советот на Европа. Покрај, дописот испратени се и 14 пресуди коишто се очекува да бидат спроведени во Бугарија. 

Министерството за правда бара и поддршка од меѓународната заедница во делот на унапредувањето и заштитата на човековите права. „Исполнувањето на оваа цел подразбира постоење на континуирана заложба и за доследно почитување на меѓународните обврски кои Република Северна Македонија ги има преземено како земја која моментално е во процесот на евроинтеграции“, наведуваат од Министерството за правда. 

Почитување на меѓународните документи 

Почитувањето на меѓународни документи е исклучително важен сегмент за кој особено земјите членки на ЕУ, но и земјите кои претендираат да добијат членство во ЕУ е неопходно да се залагаат. Според Лога, меѓународната заедница претставува исклучително важен партнер на Република Северна Македонија кој е вклучен во сите реформски процеси и партнер кој несомнено цврсто и доследно се залага за почитување на владеењето на правото. 

„Оттука, Министерството за правда смета дека е од особена важност да се актуелизира прашањето за неспроведувањето на пресуди на ЕСЧП , истакнувајќи ја потребата од поддршка од меѓународната заедница за доследно спроведување на пресудите на судот“, се наведува во соопштението на Министерството за правда.  

македонско знаме
Бугарија е членка на ЕУ, поради што треба да ги почитува и заштитува правата на сите граѓани и да ги спроведе пресудите на СтразбурФотографија: MIA

Заштита на малцинските права 

И премиерот Димитар Ковачевски во март  ги повика бугарските власти да ги почитуваат пресудите на Судот за човекови права во Стразбур, а коишто се однесуваат на почитувањето на правата на здружување на Македонците.

„Секогаш сме реагирале во однос на сите граѓани коишто во која било друга држава се самоопределуваат како Македонци. Македонци има во скоро сите држави во светот -  САД, Германија, Швајцарија, па така ги има и во Бугарија и во Грција. Тоа се луѓе кои се определуваат како Македонци и им следуваат сите права што им следуваат на сите граѓани слободно да ја изразат својата желба за самоопределување. Постојат и пресуди на Судот за човекови права коишто Бугарија ги нема спроведено до денес. Затоа ги повикувам уште еднаш бугарските власти да постапат согласно европските правни норми за заштита на малцинските права“, рече Ковачевски на 24 март годинава.

Бугарија неодамна се најде меѓу десет држави кои се најосудувани во 2022 година пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Само лани судот во Стразбур донел 27 пресуди за Бугарија, од кои што кај 25 било утврдено прекршување на човековите права.