1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спано: Во Стразбур има 300 тужби од Северна Македонија

ДТЗ
5 ноември 2021

Бугарија е обврзана да ги спроведува пресудите на Судот за човекови права во Стразбур за македонското малцинство, вели претседателот на Европскиот суд за човекови права, Роберт Спано.

https://p.dw.com/p/42dCS
Robert Spano, neuer Präsident des Europäischen Gerichtshofs für Menschenrechte
Фотографија: Council of Europe/Candice Imbert

Бугарија е обврзана да ги спроведува пресудите на Судот во Стразбур за македонското малцинство, порача денеска на прес-конференција во Скопје, претседателот на Европскиот суд за човекови права, Роберт Спано. 

Според него, општото начело е сосема јасно - секоја земја-членка на Советот на Европа е обврзана со Конвенцијата да ги спроведува пресудите на Судот. „Во голем број пресуди судот потсетува на ова начело и државата мора да ги спроведе одлуките на судот во духот на Конвенцијата“, вели Спано во врска со неспроведувањето на 16 пресуди за Бугарија за прекршување на човековите права и правото на здружување на македонското малцинство.

Габриел Ескобар, заменик помошник на Државниот секретар на САД, неодамна информираше дека американската амбасадорка во Софија, заедно со нејзините европски партнери, работи на терен да осигура овие проблеми да бидат решени. 

На заедничката прес-конференција во Скопје со министерот за правда Бојан Маричиќ, Спано додаде дека кога се работи за спроведување и извршување одлуки на Судот, одговорноста на министерскиот совет е да го следи процесот.

300 тужби за дискриминација

Како што информираше Спано, во Европскиот суд за човекови права има околу 300 тужби од Северна Македонија за дискриминација. На новинарско прашање во врска со поднесената тужба до ЕСЧП која се однесува на нечовечно постапување со обвинетиот бизнисмен Јордан Камчев, Спано вели дека не е во позиција да дискутира за случајот, бидејќи постапката е во тек. 

Der Europäische Gerichtshof für Menschenrechte in Straßburg
Во Европскиот суд за човекови права има околу 300 тужби од Северна Македонија за дискриминацијаФотографија: picture-alliance /imageBROKER

Во однос на времетраењето на судските случаи, тој оцени дека има реформи во Врховниот суд и во апелационите судови во земјата и смета дека во иднина ќе има подобрување. 

Министерот за правда Бојан Маричиќ изјави дека во септември, кога го посетил Стразбур, го потпишал протоколот 16 на Европската конвенција за човекови права. Тој протокол би требало да го зголеми нивото на комуникација и дијалог меѓу македонскиот правосуден систем и ЕСЧП, но исто така да овозможи побрза правда, побрз пристап до правда и да овозможи намалување на бројот на апликациите пред овој суд коишто би доаѓале од граѓаните на Северна Македонија.

Во однос на прашањето за конфискација на нелегално стекнат имот, тој вели дека се подготвува нов закон за утврдување на потекло на имот. Со тоа, за првпат ќе биде воведена „конфискација” во граѓанска постапка како исклучително ефикасен модел за справување со организираниот криминал и корупцијата. При изготвување на законот биле земени предвид меѓународните стандарди, судската пракса на Судот во Стразбур и компаративни искуства од државите каде се применува.