„Вреди“ осамени во барањето за формирање „двојник“ на МАНУ
29 јули 2024Коалицијата „Вреди“ од албанскиот блок ја разбранува политичката сцена со идејата за формирање на паралелна Албанска академија на науките и уметностите, која што не наиде на поддршка кај останатите коалициони партнери и кај опозицијата. Тие речиси во еден глас деновиве порачаа дека науката не треба да се поларизира и етнизира, а МАНУ треба да остане единствена институција во која членуваат реномирани научници од сите етнички заедници. Ова е ставот зад кој застанаа и академици од МАНУ.
„Науката (не) се етнизира“
Иако постои разногласие околу идејата на „Вреди“ (Влен) , премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство и еден од лидерите на „Влен“, Арбен Таравари тврдат дека нема несогласување во владеачката коалиција. За идејата за паралелна албанска Академија на науки и уметности, Таравари вели дека е нивна програмска определба уште од предизборието.
„Идеите за наука и уметност мислам дека се добри и убави. Засега почнавме како иницијатива од четири општини, а се надевам дека понатаму ќе дојдеме до решение кое што ќе биде прифатливо за сите кои живеевме во Македонија. Науката не се етнизира. Ќе имаме повеќе институции кои се занимаваат со наука и уметност и треба да ги развиеме и поддржуваме, за да секоја година имаме подобри резултати. Да дадеме максимум сите, што повеќе науката и уметноста на сите етнички заедници, да се развива што поубаво и подобро“, изјави во понедeлникот Таравари при посетата на мобилната единица на плоштадот „Македонија“.
И премиерот Христијан Мицкоски во изјава за новинарите вели дека нема никакво несогласување во коалицијата, која според него во изминативе пет недели функционира врз основа на искрена и принципилена соработка. „Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е јасен. Ја имаме МАНУ, во рамките на таа Академија се собрани научниците кои се од различна етничка припадност и треба да работиме да ја збогатуваме со научници, и тоа е иднината. Иднината не е во поделби, туку во обединување. Ценам во оваа насока треба да се реализира ова“, изјави Мицкоски. Според него, нормално е партиите да имаат различни мислења за одредени прашања, кои преку дијалог треба да се решат и надминат.
Несогласувања со идејата
Но, викендов најгласни во критиките за идејата на „Вреди“ беа токму партиите од владејачкото мнозинство. „Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) е единствената институција која ја обединува македонската научна мисла и во нејзиниот состав има научници од различни етнички заедници. Како критериум за членството во Академија на науките не може да биде етничка или политичка припадност, туку научните достигнувања и придонесот во општеството. Науката не е нешто кое треба и може да се политизира и етнизира“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, науката е столб на напредокот и просперитетот на секое општество и затоа е исклучително важно да се зачува нејзината автономија и непристрасност. „Политизирањето на науката може да доведе до субјективност и пристрасност во истражувањата, што ќе го загрози нејзиниот кредибилитет и квалитет. Еден од главните аспекти на науката е нејзината способност да ги премостува разликите и да се фокусира на факти и докази, без оглед на етничката припадност на научниците“, е ставот на ВМРО-ДПМНЕ, кои велат дека ќе ги адресираат сите проблеми и предизвици во интерес на заедничката држава и заедничкиот патриотизам, но никако на штета на заедничките институции, туку во нив.
Ваквата идеја предизвика незадоволство и кај коалициониот партнер ЗНАМ. Првиот човек на партијата, Максим Димитриевски вели дека ваквите обиди и идеи се резултат на постизборен популизам.
„Во Македонија постои МАНУ како една и единствена Академија која им припаѓа на сите и никаков паралелизам не е дозволен. Партнерите во власта од „Вреди“ е потребно да се свртат кон економски раст и развој на државата, подобар живот на сите граѓани на Македонија и суштинска заложба во сузбивање на криминалот и корупцијата вклучувајќи ја и политичката корупција. За тоа е потребна и понуда на кадри со чисто минато без криминал и опашки“, смета Димитриевски.
МАНУ да остане единствена институција
ИСДСМ смета дека МАНУ треба да остане единствена институција во која членуваат реномирани научници од сите етнички заедници. „МАНУ исто така треба да биде институција која не смее да се партизира или да се злоупотребува од страна на поединци за дневно политички потреби. Ова е нешто што се случуваше во минатотo“, велат од СДСМ.
„Но, она што треба јавноста да го знае е што Мицкоски ветил пред формирањето на Владата во однос на ова барање на „Влен“? Ова не е прв пат „Влен“ и нејзините лидери да ја споменуваат aлбанската академија како проект, но Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ упорно си молчеа. Кои други барања кои се неприфатливи за мнозинството граѓани Мицкоски ги има одмолчано или ги има тајно прифатено? Најголемите патриоти Мицкоски и Димитриевски заради комотна позиција во власта изгледа се правеле глуви на овие барања на ВЛЕН, а сега се обидуваат да поентираат со некакво неприфаќање“, посочуваат од СДСМ.
Демократската унија за интеграција (ДУИ) порача дека иницијативата на лидерите од коалицијата „Вреди“ за општинско финансирање на здружението „Албанска академија на науките и уметностите“ е идеја која ги понижува Албанците.
„Апсурдна идеја“
Идејата ја критикуваа и академиците на МАНУ. „Ова е апсурдна идеја. Во ниту една современа земја нема две национални академии. Постои само една која што е репрезент на научната мисла на конкретната земја. Тоа е небулозна идеја“, вели за „Локално“ академик Таки Фити. Тој е дециден дека академија не може да се формира врз основа на етички принципи. „Во наука не смеат да се инкорпорираат етнички или политички принципи. МАНУ е независна, самостојна, највисока научна и уметничка институција – така е формирана по закон и така ќе опстои во иднина. Тука не правиме никакви компромиси“, заклучува Фити.
И поранешниот претседател на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Владо Камбовски, не се согласува со идејата на „Вреди“ за формирање на паралелна Албанска академија на науките и уметностите. Во разговор за ТВ24, Камбовски рече дека таква структура е невозможно да постои во една држава, во која веќе постои МАНУ. „Во една држава не може да има две национални академии. Во ниту една држава во светот не постојат две национални академии на науките и уметностите. Возможно е да се формираат, на пример, здравствени здруженија, но невозможно е да има две национални академии“, изјави Камбовски.
Според него, научните и уметничките институции треба да се базираат на заеднички научни и културни вредности, а не на етнички или политички припадности, бидејќи тоа може да доведе до поделби и конфликти во научната заедница.
„Вреди“ викендов ја најави иницијативата за формирање на Албанска академија на науките и уметностите. Лидерите на „Вреди“ посочија дека планот е таа да биде најпрво финансирана од општинскиот буџет на Тетово, но потоа финансирањето да го преземе државата.