Трајна политичка криза и здравствена катастрофа во Романија
9 октомври 2021Коалициски интриги, промена на министри, напуштање на владата - политичкиот хаос во Романија од изминатите недели го достигна врвот: во вторникот (05.10.2021) владата на национал-либералниот премиер Флорин Циту која едвај девет месеци раководеше со земјата, падна на гласањето доверба во Парламентот иницирано од опозициските Социјалдемократи. Романија како многу пати досега е со парламентарно мнозинство кое нема капацитет да направи владина коалиција, но сега тоа се случува среде четвртиот тежок бран на корона пандемијата со до 15 илјади заразени дневно и сосем префорсиран здравствен систем. Гласањето недоверба е само едно од три што беа најавени: опозициската националистичка и десноекстремистичка партија Алијанса за обединување на Романија и зелените либерали од партијата Унија за спас на Романија која до неодамна беше составен дел од владината коалиција исто така сакаа да покренат такво гласање. Во парламентот речиси 90% гласаа за недоверба на владата, цифра што никогаш претходно не била достигната во таква ситуација.
Амбивалентноста на Уставот
Романија сега е во апсурдна политичка ситуација. По изборите во декември минатата година за прв пат по 2012 се случи да има мнозинство блиско до актуелниот претседател на државата и кое не е од спротиставени табори.
Претседателите Трајан Басеску и наследникот Клаус Јоханис, од 2014 на функцијата, со години се бореа против Социјалдемократите, кои имаа националистичка и антиреформска агенда. Тоа е можно благодарение на романскиот Устав кој содржи една амбивалентност и дава одредени ингеренции на премиерот, а други на претседателот. Тоа во земјата со децении предизвикува блокади, но обидите за уставна реформа веќе неколку пати беа неуспешни. Последиците од 2012 се 17 различни луѓе на функцијата премиер, 13 различни влади, безброј промени на министри.
Втората најсиромашна земја во ЕУ со застој во реформскиот процес и огромни социјални проблеми, во политичка смисла континуитет имаше само во нестабилноста.
Пукна тиквата во коалицијата
На парламентарните избори минатата година Национал-либералите блиски до претседателот Јоханис не беа најсилна партија, но затоа пак можеа да формираат коалиција со зелените Либерали и со партијата на унгарското малцинство. Владата на Флорин Циту најави амбициозни реформски планови, пред сѐ во јавната администрација и судството. Но, набрзо пукна тиквата во владината коалиција.
Национал-либералите и партијата на Унгарците не се покажаа многу расположени за широки анти-корупциски мерки, деполитизација на јавната администрација или укинување на спорниот специјален оддел за политичка контрола на независните судии и обвинители основан во 2018 од тогаш владејачките Социјалдемократи и мета на постојана критика од разни тела на ЕУ. Наместо да спроведуваат поконсеквентни реформи, владејачките партии сѐ повеќе тонеа во внатрепартиски битки за превласт.
Спор околу поделбата на пари на партиската клиентела
Коалициските кавги кулминираа во август кога министерот за правда, Стелиан Јон планираше раководните позиции на Антикорупциските власти и Јавното обвинителство преку јавна транспарентна процедура да ги предаде на независни службеници. Освен тоа УСР беше против начинот на кој Национал-либералите поделија милијарди суми од Програмата за развој на локалната инфраструктура. Според УСР, парите биле претежно распределени на партиската клиентела на Национал-либералите. Премиерот Циту поради тоа во септември го разреши министерот за правда. Ова пак беше причина УСР да ја напушти владата. Истовреме кај Национал – либералите со месеци имаше интерна војна за избор на нов претседател на партијата. На крајот на септември премиерот Циту на конгрес беше избран за шеф на ПНЛ, а Лудовик Орбан кој дотогаш ја извршуваше оваа функција и истовремено е и претседател на парламентот, ја загуби позицијата. Во меѓувреме Орбан поради ова се заканува дека неговото крило ќе се отцепи од партијата.
Претседателот префорсиран со работата
Романскиот претседател Клаус Јоханис во кусото обраќање по падот на владата во вторникот за кризата ги обвини општо „политичарите“. Наместо да ги решаваат проблемите со пандемијата или вртоглаво зголемените цени за енергијата, тие предизвикаа дополнителна политичка криза. Јоханис сепак отворено ја идентификуваше УСР која излезе од коалицијата, како главен виновник за падот на владата. Истовремено ги повика партиите во време на пандемија и растечки цени за енергијата пред претстојната зима да „носат зрели одлуки“.
Многу политички аналитичари во Романија го сметаат овој говор за циничен бидејќи во Јоханис гледаат еден од главните виновници за актуелната криза. Постојат и индиции дека претседателот активно учествувал во распаѓањето на коалицијата.
Исто така сменетиот премиер Циту се смета за марионета на претседателот. Кој му е мотивот на самопрогласениот реформатор Јоханис да ја демонтира реформаторската коалиција, не му е јасно никому во Романија. Според најголем дел од аналитичарите, Јоханис веројатно е едноставно префорсиран со работата.
Во стилот на Марија Антоанета
„Јоханис никогаш не ја разбра сосем улогата на претседател, ниту пак се разбира во голема политика,“ пишува Кристијан Пантази од порталот Г4медиа. „Времето си го посвети на градинарство и мали игри на мешетарење, далеку од она што треба да претставува еден претседател. Оттука е и впечатокот за некомпетеност и изгубено време за Романија за реформите кои ги вети во изборната кампања, а од кои потоа ладно се откажа со што ги прелажа граѓаните кои со часови стоеја пред избирачките места за да му го дадат својот глас.“
Ова е сериозна дијагноза. Но, Јоханис пред некој ден и конкретно ја потврди. Среде експлозијата на пандемија и покрај кризата во здравствениот систем и проблемите со социјалната грижа на многу луѓе, тој облечен во свечено бело одело го посети ексклузивниот голф клуб во близина на неговото родно место Херманштад. „Голф може да се игра на било која возраст“, рече Јоханис добро расположен. „Сакам да охрабрам што повеќе луѓе да почнат да го играат овој убав спорт кој нуди многу задоволства.“
Во Романија ова беше доживеано како „Марија-Антоанета момент.“ Француската кралица, кусо пред револуцијата во 1789 година изјави дека „ако народот нема леб, тогаш нека јаде колачи.”