1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Криза со гас: Не е доволно само туширање со поладна вода

Сабине Кинкарц
29 јули 2022

ЕУ сака да ја намали потрошувачката на гас за најмалку 15 проценти. Германија веројатно треба да заштеди уште повеќе. Како ова да се оствари? Само со апели, ќе биде тешко.

https://p.dw.com/p/4EqrH
Symbolbild I Duschen
Туширање - поретко и со поладна вода, препорачува министерот ХабекФотографија: Christin Klose/dpa/picture alliance

Работите со законите и уредбите понекогаш одат многу брзо: еден голем германски производител на грејни уреди сè уште не го прекинал рекламниот оглас за уреди за греење на гас, во кој се вели дека до 45 проценти од трошоците за замена на системот за греење со нафта со нов систем за греење на гас ги покрива државата, а германската влада практично преку ноќ ги откажа ваквите стимулации. Во иднина ќе бидат поддржани само оние системи за греење кои работат на обновлива енергија. Тоа се топлински пумпи или котли на пелети.

„Повеќето луѓе живеат во постари куќи. Реновирање сега, замена на прозорци, исфрлање на греењето на гас - тоа помага да се заштедат трошоци и оди рака под рака со заштитата на климата“, изјави сојузниот министер за економија Роберт Хабек (Зелени).

Греалките се распродадени

Дали сега треба да се исфрли греењето на гас? За три месеци почнува грејната сезона, а повеќе од секое второ домаќинство во Германија се грее на гас. Ако му се јавите на мајстор за греење, тој ќе рече дека стариот систем на греење може да го види дури во октомври, дотогаш му се пополннети сите термини.

Покрај тоа, недостига и материјал. Топлинските пумпи е речиси невозможно да се добијат. И може да потрае неколку месеци додека ги инсталирате. Во продавниците се речиси распродадени мобилните радијатори и електричните греалки. Експертите предупредуваат дека електричната мрежа не е создадена за толку големо дополнително оптоварување, па на локално ниво мрежата на некои места може да биде преоптоварена.

Heizen in der Wohnung
За три месеци почнува грејната сезона, а мајсторите за системите за греење се преоптоварени со работаФотографија: Jan Woitas/dpa-Zentralbild/dpa/picture alliance

Високи сметки во наредниот период

Додека во Германија е сѐ уште топло и системите за греење се исклучени, и луѓето кои живеат под кирија и оние кои поседуваат недвижности полека сфаќаат дека есента може да биде многу непријатна. Компаниите кои се таканаречени основни снабдувачи со енергија, односно имаат најголем број клиенти,сакаат да го зголемат месечниот износ за своите услуги веќе во август или септември.

Дури и оние корисници кои имаат долгорочни договори со загарантирана ниска цена, мора да прифатат дека од октомври енергијата ќе им поскапи. До пет центи по киловат-час треба да се пренесат солидарно на сите потрошувачи.

Нема да има „топлотна полиција“

Стимулацијата со цени доаѓа многу доцна, велат економистите и со тоа го критикуваат и досегашниот став на сојузниот министер за економија. Министерот со месеци бара од граѓаните да штедат гас, но тоа во голема мера се само апели. Се очекува уредба со која, на пример, ќе се забранува греење на приватни базени на гас во зима, „но, мислам дека полицијата нема да оди кај сите сопственици на базени да види дали базените се топли“, вели Хабек, додавајќи дека тоа не би била земја во која тој сака да живее.

Robert Habeck (Bündnis 90/Die Grünen), Bundesminister für Wirtschaft und Klimaschutz
Министерот Хабек со месеци бара од граѓаните да штедат гас, но тоа во голема мера се само апелиФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Нема да има нешто како „топлотна полиција“ или законски пропишано мрзнење. Пандемијата на корона покажа дека луѓето и доброволно се придржуваат до упатствата. Сепак, експертите се сомневаат дека сегашната енергетска криза може да се спореди со пандемијата на корона. Научниот советодавен одбор при Сојузното министерство за економски прашања и заштита на климата, во кој членуваат 41 водечки економисти, во јуни му напиша писмо на министерот Хабек, во кое се наведува дека со апели речиси никогаш не се постигнува ништо.

Да се остави цените да го направат своето

Потрошувачите би заштедиле гас само кога ќе ја почувствуваат кризата во своите паричници, сметаат економистите. „Високата цена на гасот е најефикасен поттик за ограничување на потрошувачката“, се вели во писмото од девет страници во кое ДВ има увид. „Доколку сигналот за цената не постои, на пример затоа што одредени компании или приватни домаќинства знаат дека дефинитивно ќе се снабдуваат по фиксна цена, тие веќе немаат поттик да штедат гас.“

Heizen in der Wohnung
За да се штеди гас, треба да се намали и собната температура Фотографија: Hendrik Schmidt/dpa/picture alliance

Германскиот институт за економски истражувања (ДИВ) на почетокот на април пресмета дека со преземање на соодветни мерки во текот на оваа година, потрошувачката на гас може да се намали до 33 проценти, доколку, меѓу другото, зголемените цени на гасот се пренесат директно на потрошувачите. Германија во првите шест месеци од годинава, инаку, заштедила само 16 отсто.

Државата не треба да ги сноси дополнителните трошоци

Ограничување на цената на гасот од страна на државата, или давање дополнителна финансиска помош на граѓаните покрај еднократната помош за енергија од 300 евра, е нешто за што економистите немаат високо мислење. Наместо тоа, Научниот советодавен одбор предлага регулирање на пазарот на гас на таков начин што корисниците на гас, без оглед на нивните договори, можат „по умерени цени да потрошат само одреден процент од потрошувачката од претходната година“. Домаќинствата кои трошат повеќе, би требало да платат значително повеќе.

- повеќе: Во недостаток на гас, Германија се враќа на јаглен

Клаудија Кемферт од Германскиот институт за економски истражувања (ДИВ) оди чекор подалеку и препорачува да се исплаќаат премии на оние кои штедат многу гас. Но, министерот за економија Хабек во никој случај не го сака тоа. „Ако некој рече 'Ќе помогнам само ако добијам уште 50 евра', тогаш би рекол: 'Нема да го добиеш тоа'“, рече Хабек во едно ТВ-интервју.

Symbolbild | Homeoffice mit Kind
Со работа од дома би можеле да се заштедат околу пет проценти од енергијат, но дали работодавците, кои на тој начин штедат енергија, ќе споделат дел од заштедите со своите вработени?Фотографија: Julian Stratenschulte/dpa/picture alliance

Враќање на работата од дома

Наместо тоа, министерот се држи до своите препораки луѓето да се тушираат поретко и со поладна вода, да ги оптимизираат системите за греење и да ја намалат собната температура. Со оглед на пандемијата на корона и бројот на инфекции кои, според очекувањата, наесен ќе се зголемат, би можело да има смисла повторно да се работи повеќе од дома.

Истражувачите пресметале дека со работа од дома би можеле да се заштедат околу пет проценти од енергијата. Економистот Кемферт зборува за „значаен потенцијал за штедење енергија“: „Во суштина, работењето од дома може да помогне да се заштеди енергија, бидејќи деловните згради не мора да се загреваат и таму може да се заштеди и електрична енергија“, изјави таа за весниците на медиумската група „Функе“.

- повеќе: Криза со гасот - Германија пред тешки предизвици

Колку долго ќе издржат складиштата за гас?

Но, дали ако луѓето работат од дома, работодавците, кои на тој начин штедат енергија, ќе споделат дел од заштедите со своите вработени? Тоа засега не е јасно, како што нема одговори на многу други прашања во енергетската криза. Сепак, дали е неизбежно да се случи најлошото сценарио и да дојде до недостиг на гас?

Четири водечки економски институти во земјата пресметаа дека ќе има доволно енергија дури и ако низ „Северен тек 1“ протекуваат само 20 отсто гас од вкупниот капацитет на гасоводот. Но, само под услов Германија, доколку се намали приливот, да не мора да го дели тој гас со соседите. Ниту тоа не е правно и политички разјаснето. Според пресметките, недостиг може да се случи во април и мај 2023-та, а потоа повторно во декември 2023 година. Едно, меѓутоа, е јасно: проблемот со гасот ќе биде актуелен не само наредната зима.

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ