Колку ќе поскапи гасот за потрошувачите во Германија?
29 јули 2022Министерот за економија на Германија, Роберт Хабек, поаѓа од претпоставката дека дополнителните цени на гасот ќе чинат неколку стотици евра годишно по домаќинство. Планираните давачки за сите корисници на гас би требало да се применуваат од 1 октомври. За тоа известија новинските агенции ДПА и Ројтерс, повикувајќи се на информации од владините кругови. Колку поради тоа ќе поскапи гасот за потрошувачите, засега не се знае. Висината на доплатата би требала да биде соопштена на интернет до крајот на август, зависно од тоа кои барања за компензација ги поднеле увозниците на гас.
Дополнителните давачки се наменети за плаќање на посебни трошоци, кои увозниците мораат да ги покријат за краткорочната и скапа набавка на гас поради намалените руски залихи. Добавувачите би требало да можат да го пренесат товарот од нагло зголемените набавни цени на сите потрошувачи.
Хабек: „Неколку стотици евра повеќе по домаќинство“
Министерот за економија, Роберт Хабек, наведе можен распон на цените меѓу 1,5 и 5 центи по киловатчас. Тоа зависи од неколку фактори, вклучувајќи ги, секако, и трошоците за набавка. Запрашан за тоа колку би можело тоа да изнесува во случај на четиричлено семејство, Хабек одговори оти во случај на просечна годишна потрошувачка од 20.000 киловатчасови гас, тоа би можело да биде средна, троцифрена вредност во евра.
„Сѐ уште не може да се каже колку би биле точно трошоците... Но, горката вистина е дека тие дефинитивно ќе изнесуваат неколку стотици евра по домаќинство.“
Повеќе: Рускиот гас и германските стравувања
Германскиот министер за економија, исто така, рече оти тоа е „тежок чекор кој вклучува многу стрес“. Хабек додаде и дека треба да се направи поподнослив со посебни олеснувања за потрошувачите. „Тоа значи оти ние како држава не можеме да ги сносиме сите трошоци. Но, луѓето, кои поскапувањето на енергенсите навистина ги водат во сиромаштија, мораат да бидат заштитени. На тоа се работи со полна пареа“, рече Хабек. Минатата недела канцеларот, Олаф Шолц, наговести зголемување на цените на гасот за 2 центи по киловатчас и зборуваше за дополнителни годишни трошоци во висина од 200 или 300 евра за четиричлено семејство.
Дополнителни трошоци за гас до крајот на март 2024 година
Плаќањето на посебните трошоци за гас веројатно нема да следат точно во октомври, туку малку подоцна. Доплатата би требала да остане на сила една година и половина, односно до крајот на март 2024 година. За таа цел со министерска уредба треба да стапи на сила параграфот 26. Законот за енергетска безбедност: Од октомври може да се утврди разликата меѓу сегашните тарифи и дополнителните трошоци кои ги имаат увозниците на гас и рамномерно да се распределат на потрошувачите и на купувачите. Општинските служби тогаш би требало како сметка да ги проследат до потрошувачите. Најпрво распределбата се пресметува врз основа на претпоставки за трошоците, а потоа да се пребијат со реалните трошоци. Околу половина од становите во Германија се греат на гас.