1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рускиот гас и германските стравувања

ЕМФ | дпа
23 февруари 2022

Ескалацијата на украинската криза го отвора прашањето - што би можело да се случи при натамошно влошување на ситуацијата и неиспорака на руски гас?

https://p.dw.com/p/47S1k
Nord Stream 2
Фотографија: Jens Büttner/dpa/dpa-Zentralbild/picture alliance

Ескалација на украинската криза може да доведе до зголемување на цените на гасот. Можните санкции против Русија во делот на енергетиката ќе ги погодат во секој случај и европските потрошувачи, изјави за агенцијата ДПА, Тим Келер, претседател на здружението на компаниите за гас во Германија „Иднина Гас“.

Експертката за енергија од Германскиот институт за економски истражувања, Клаудија Кемферт, пак, за ДПА вели: „Нема дилема дека се наоѓаме во една многу сериозна ситуација, меѓу другото и среде фосилна енергетска криза.“ Според Кемферт, мора забрзано да се работи на енергетски пресврт, со цел да се намали зависноста од фосилни енергии: „Цената на гасот е веќе зголемена поради тешката состојба, а треба да се смета и со нејзино натамошно зголемување. Во моментов ја плаќаме цената за бавниот енергетски пресврт“, нагласува Кемферт.

По руското признавање на самопрогласените народни републики Доњецк и Луганск во источна Украина, Европската комисија подготвува мерки против Русија во финансиската сфера. Подготвени се санкции, на пример против рускиот енергетски сектор, во случај Русија да почне напад врз цела Украина. Керстин Андреае, шефица на Германскиот сојуз за енергија и водостопанство, за ДПА вели: „Ако испораките од Русија отпаднат од денеска за утре, тоа би бил голем предизвик за германската влада и енергетскиот сектор. Но, ние во Европа имаме безбедносни механизми за такви случаи. Во секој случај, домаќинствата и различни институции се особено заштитени со закон. Исто така, побарувачката на гас би се намалила и со договори со индустријата за исклучување или префрлање на други извори на енергија.“

Германија добива гас и од други земји снабдувачи, нагласува Андреае. „Исто така, постои можност, до одреден степен да се добијат дополнителни количества течен гас од САД, на пример. Ќе се види какви алтернативи постојат, каде има складирани количества, кој би можел да обезбеди дополнителни количества, каде може да се направат редукции. Освен тоа, Германија не е остров, туку дел од еден европски систем за снабдување со природен гас, во кој државите на ЕУ се помагаат меѓусебно во случај на потреба.“ За таа цел постојат соодветни задолжителни планови за снабдување, нагласува Андреае и додава: „Тековните пресметки на Сојузната влада покажуваат дека Германија ќе ја мине зимата и во случај Русија комплетно да ги запре испораките на гас. Значи, ситуацијата би била тешка, но надминлива.“

Russland Kingisepp 2019 | Nord Stream 2
Во првата директна санкција за Русија поради агресијата врз Украина, германската влада одлучи да го запре проектот Северен Tек 2 - гасоводот кој требаше да пренесува гас преку Балтичкото Море до ЕвропаФотографија: Alexander Demianchuk/Tass/picture alliance

Тим Келер вели дека компаниите за гас „со голема загриженост“ ја набљудуваат ситуацијата во Украина и се надеваат дека „дипломатијата сепак ќе биде успешна“. „Иднина Гас“ жали поради одлуката на германската влада за запирање на процесот на сертификација за гасоводот Северен тек 2. „Гасоводот придонесува за затворање на сѐ поголемата увозна дупка во Европа. Состојбата со снабдувањето нема да биде поедноставна особено ако се има предвид наредната зима“, потенцира Келер.

Кемферт, пак, предупредува дека Германија е многу зависна од рускиот гас. Над 50% од испораките на гас доаѓаат од Русија, а со почеток на работата на Северен тек 2 тој удел би се зголемил на речиси 70%. „Тоа е навистина голема зависност, тоа е една опасна зависност“, оценува експеретката за енергија Кемферт.

- повеќе: Германија сака да ја намали зависноста од руски гас

Германија краткорочно може се снабди со дел од потребниот гас и од други извори. „Освен тоа, веќе сме на крајот на зимата“, нагласува Кемферт и додава дека ситуацијата наредната зима ќе зависи пред сѐ од тоа дали ќе се успее во создавањето стратешки резерви на гас.