Кралот во егзил почна да ги губи поданиците
23 септември 2023Прво еден пролог.
„Јас молчам“, рече уредничката на ТВ24, Анета Додевска, во понеделникот (18.09) за време на дебатната емисија во која Илија Димовски (ВМРО-ДПМНЕ) ја заврши острата тирада со зборовите: „Ако набрзина станеме членка на ЕУ, во земјава ќе останат еден милион луѓе, од кои 80 отсто ќе бидат пензионери“.
Додевска ја наведна главата, претураше нешто во хартиите пред неа и реши да не ја продолжува дискусијата за таквите мрачни перспективи, во чија основа е ставот дека и поради можното иселување не ни треба членство во клучниот европски клуб.
Се разговараше за иселувањето од државава последниве 15-20 години. Темата е стара, понекогаш има нови моменти, но генерално е јасно зошто се случува и како. Димовски е умешен дискутант во телевизиските дебати, во голема мерка поради искуството што го стекна во пратеничките клупи. Но собраниската говорница е едно, а непроверените, дури и лажни факти во телевизиски емисии се сосема друго. Во Македонија во моментот има околу 335.000 пензионери. Па, тогаш, како е возможно во 2030 година (како некаков меѓник за можен прием на повеќе земји од регионов во ЕУ) бројот на пензионерите да се искачи на 800 илјади според катастрофалното сценарио на Илија Димовски? Тоа ни математички не е можно, но за политичко поентирање вакви вратоломии не се ништо необично. Дури ќе се претставуваат како умешност за „победа“ во некоја дебата.
Притоа ќе се користат и други непроверени податоци. Така, Димовски тврдеше дека Полска загубила 20 отсто од населението откако стана членка на ЕУ во 2004, што е повеќе лажен факт отколку заблуда. Полска, според последниот попис во 2021 година, имаше 38,1 милион жители, а според оној во 2002 - 38,2 милиони. Највисокиот пик на иселени Полјаци бил во 2007 година, кога изнесувал 2,3 милиони, или 6,1 отсто од населението. Откако членството во ЕУ и умешноста на нејзините жители и бизнисот ја направија Полска многу просперитетна земја и во 2021-та БДП по жител беше 18.000 долари (а во 2004 само 6.600), па последниве четири години бројот на Полјаците што се враќаат дома по времето поминато на работа во странство (главно во Британија, Германија, Ирска и Франција) го надминува бројот на оние што заминуваат на гурбет во туѓи земји. Главната причина е што се зголеми животниот стандард дома, а живеачката е поевтина.
Или другиот пример што го наведе Димовски – Бугарија. Тој како од пушка изјави дека таа загубила 30 отсто населението откако во 2007 стана членка на ЕУ. Што, секако, не е точно. Бугарија постојано го губи своето население; во 1989 имаше речиси 9 милиони. Во 2001 - 7,9 милиони, според пописот во 2011 - 7,3 милиони, а во 2021- 6,5 милиони. Иселувањето игра значителна улога во намалувањето на бројот на населението, но не единствена, затоа што според податоците на ОН во 2020 година, бројот на Бугарите во странство изнесувал 1,6 милиони. Но „кваката 22“ е во БДП по жител. Во 2006 година, последната година пред да влезе во ЕУ, Бугарија имаше 4.500 долари по жител, а во 2021 - 12.200. Македонија во таа 2006 (со свеж кандидатски статус) имаше БДП по жител 3.300 долари, а во 2021 едвај 6.700.
Илија Димовски на крај „поентираше“ велејќи: „Приказната за полноправно членство во ЕУ е завршена“.
Револуција од дистанца
Овој подолг пролог изгледа како неврзан со главната приказна оваа недела за вистинскиот или исценираниот судир во политичката десница во Македонија, за соголувањето на кралот во егзил кој седи во Будимпешта и води политика преку објави на Фејсбук и се консултира со некои од неговите поданици во земјава. Но, во основа, крајниот резултат на разграничувањето на ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ со Никола Груевски е дека со бедемот, на кој се надградени уште некој ред тули за неприфаќање на уставните измени, е дека „приказната за полноправно членство во ЕУ е завршена“.
Вакви пресметки во вмровското ткиво не се ништо ново. Тие ја следат партијата уште од самите почетоци. Сетете се само како се одвојуваа од матицата Томислав Стефковски, Владимир Голубовски, Борис Змејковски, Борис Стојменов, Марјан Ѓорчев, Љупчо Георгиевски, формирајќи свои партии од кои речиси сите подоцна се вратија во старото вмровско јато. Проблемот на Никола Груевски е поуникатен. Последниве три-четири години вмровските пратеници и други видни членови почнаа отворено да ги фалат успесите што ги постигнале неговите влади, зборувајќи дека имало пропусти и „погрешни проценки“, но дека штетата од нив била помала од напредокот што го постигнала земјата.
Сега ќе треба да се најде нов наратив како да се фалат тие „успеси“, а да се исфрли Никола Груевски од структурите на „реформираното“ ВМРО-ДПМНЕ. А клучните луѓе на тоа „реформирано“ ВМРО-ДПМНЕ се оние кои беа во најтесниот круг на соработници на Груевски. Можеби пред сите е Александар Николоски (тој заедно со Груевски беше во Виена на трагичниот 27 април), потоа неговиот министер за транспорт Владо Мисајловски (сега потпретседател на партијата), па Антонио Милошоски... Да не зборуваме за самиот Христијан Мицкоски, кој директно од Груевски беше инсталиран за негов наследник без некоја поголема поддршка во базата.
Ако сиот овој судир не е инсцениран (со вметнување на спотери како Али Ахмети и Зоран Заев) тогаш изгледа дека Груевски се пресметал околу својот ројализам во партијата како крал во егзил. Ајатолахот Хомеини од егзил во Франција ја водеше исламската револуција во Иран во 1979, но клучниот пресврт го направија имамите во земјата и незадоволното население од владеењето на шахот Пахлави. Револуцијата беше водена не со премисите да се воведе република според стриктни исламски закони, туку за повеќе права на обесправените луѓе.
Каква „револуција“ би можел да води Груевски од егзил? Со објави на Фејсбук?Со телефонски договарања со оние што му останаа верни поддржувачи? Со целосна неизвесност дали би можел веднаш да биде префрлен во затвор ако се појави на македонската граница? Затоа оваа негова „револуција од дистанца“ во овој момент изгледа како пропаднат проект. А некои од неговите идеи, како онаа да им се обрател преку видео линк на членовите на Централниот комитет за да им објаснел во што е работата се дури и на нивото на аматеризам од очај. Вмровското раководство, а и членовите на партијата, се речиси стопроцентно убедени дека победата на изборите следната година е толку неизбежна како што Земјата се врти околу Сонцето, па изгледа како политичка перверзија славата да му се препушти на бегалецот, додека тие ја тераат веќе седмата година во омразените опозициски клупи. А во исто време веруваат дека многу луѓе од времето на Груевски невини лежат во затвор за 27 април (како што тоа го мислат тврдокорните републиканци во САД за стотиците осудени досега за нападот на Капитолот на 6 јануари). Или за затворските казни на Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески.
Ќе запрат ли унгарските пари?
Кралот во егзил изгледа забрзано ги губи вмровските поданици овде, иако Христијан Мицкоски овој чекор требаше да го направи уште многу порано, за да нема двојство во партијата. Во воздухот сега останува да виси едно многу важно прашање. Како ќе се однесува владата на Виктор Орбан кон наследниците на Груевски во партијата. Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто пред неколку години изјави дека тој го примал во својот кабинет Груевски затоа што преку него можел да добие „најавтентични информации за регионот, бидејќи беше премиер 10 години“. Не е јасно дали го прима уште на разговори откако Груевски беше ставен на американската црна листа. Дали владата на Орбан ќе ја продолжи заштитата на Груевски, а во исто време, како што најавија вмровските првенци, неговата партија Фидес ќе учествува во изготвувањето на изборната програма на ВМРО е непознаница. И дали одамна документираните текови на унгарски пари кон медиумите целосно блиски до опозијата ќе престанат да течат? Ќе видиме дали ќе има некакви одговори на овие прашања. Можеби на ВМРО-ДПМНЕ сега и не му треба толку унгарската парична поддршка кога имаат четирисетина градоначалници, кои може да насочуваат средства за партиските потреби.
Другата работа што се гледа со голо око оваа недела кога започна будимепштанско-скопскиот водвиљ е дека во јавноста ги снема расправите за можните европски маки на Македонија на патот кон ЕУ и да се усвојат уставните измени. Цела година јавноста беше речиси малтертирана колку пати ќе можела Бугарија да стави вето на македонските преговори. Сега, кога Париз и Берлин заеднички го претставија документот за реформа на ЕУ, во кој се наведува 2030 година како рок за проширување и според кој се укинува ветото во преговорите за затворање на поглавјата, туку ќе се одлучува со квалификувано мнозинство, наеднаш замолчеа сите оние кои правдајќи ја блокадата на уставните измени елаборираа во стилот зошто да се направат тие, кога Бугарија ќе нѐ блокира на секој чекор. Според предлогот, такво вето може да се стави само на крајот на процесот, кога се носи одлуката за членство. А долг е патот до тој момент откако ќе почнат преговорите.
Како да се промаши иднината
Овој предлог изготвен од 12 експерти на барање на Париз и Берлин е веќе пуштен на расправа меѓу земји земјите членки. Франција и Германија предложија да се фиксира датумот за прием и да се отвори ЕУ за фазно приклучување на земјите во политиките на Унијата, за да не го чекаат последниот чин на пристапување. Париз и Берлин предложија подготовките за проширувањето на Европската Унија да не го чекаат новиот политички состав во Брисел, туку да завршат дотогаш во најголемиот дел. Има многу прашања околу овој предлог за реформи, на пример, во кој од концентричните кругови ќе влезе Македонија.Но, Македонија нема ништо да види од овие концентрични кругови, ниту рокот од 2030, ако не се усвојат уставните измени, како што предвидува преговарачката рамка за да може да застане на патеките за натпревар. Според оценката на колешката Слободанка Јовановска, Македонија може да ги води преговорите во „трета брзина“ како „придружна членка“ на ЕУ, а во 2030 година, ако ги исполни условите и ако ѝ изгласаат прием, да стане полноправна земја членка на ЕУ со право на глас, право на пристап до фондовите, со обврска да учествува во буџетот и со свои преставници во структурите на одлучување, вклучувајќи го Европскиот парламент.
А Илија Димовски, како и многу вмровски претставници, обидувајќи се да ѝ даде „супстанца“ на одлуката за блокада на уставните измени велеше: „Приказната за полноправно членство во ЕУ е завршена“.
Доколку француско-германскиот предлог за реформа на ЕУ се усвои и доколку уставните промени во Македонија бидат блокирани, ВМРО-ДПМНЕ ќе стане синоним на партијата на Милорад Додик во Република Српска. Осудена, осамена, изолирана, архаична и во друштво на крајната десница. Тогаш и сто победи над кралот во егзил, чија судбина го интересира непознат број луѓе во Македонија, ќе бидат бадијала. Тие победи ќе ја смират партијата, а ќе ја промашат иднината. А Блумберг во петокот објави, цитирајќи извори во Брисел, дека Европската комисија во октомври ќе препарача отворање пристапни преговори со Украина, бидејќи земјата направила напредок во повеќе од задачите што ѝ беа зададени. За тој предлог ќе се расправа на европскиот самит во декември. Кај нас тогаш можеби ќе се слави дека не поминале уставните измени под „бугарски диктат“. Како да сме паднале од Марс.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.